Скриени под брановите и во длабочините, океаните содржат огромни резерви шеќер за кои досега не ни знаевме, тврдат научниците.
Благодарение на новото истражување, научниците открија дека морските алги на дното на океанот можат да складираат/содржат огромни количества слатки материи под нивните кривулести лисја. Шеќерот е присутен во форма на сахароза, која е главната состојка во шеќерот што се користи во кујната, а морските алги го испуштаат до дното на океанот и областа, која, всушност, е слој од корени наречен ризосфера. Тоа значи дека концентрацијата на шеќер на морското дно е околу 80 пати поголема од вообичаеното.
Според тимот истражувачи, во светот може да има до 1,3 милион тони сахароза под морската трева, што е доволно за околу 32 милиони лименки „кока-кола“.
– Морските алги произведуваат шеќер за време на фотосинтезата. Во услови на просечна светлина, овие растенија го користат најголемиот дел од шеќерот што го произведуваат за својот метаболизам и раст. Но во услови на поголема светлина, како напладне или во текот на летото, растенијата произведуваат повеќе шеќер отколку што можат да искористат или складираат, така што го ослободуваат вишокот сахароза во ризосферата – објаснува Никол Дубилие, морски микробиолог од институтот „Макс Планк“ во Германија.
Сепак, изненадувачки е што овој вишок шеќер не го консумираат микроорганизмите во околината. Се чини дека алгите ослободуваат фенолни соединенија на ист начин како и многу други растенија. Овие хемиски соединенија, кои се наоѓаат во црвеното вино, кафето и овошјето, како и на други места во природата, всушност, имаат антимикробни својства што го инхибираат метаболизмот на повеќето микроорганизми и го забавуваат.
Истражувачите ја тестирале својата хипотеза на вистинското поле на морската трева за да потврдат дали тоа навистина се случува, а ја искористиле техниката на спектрометрија.
– Во нашите експерименти додадовме феноли изолирани од морските алги на микроорганизмите во ризосферата. И навистина, многу помалку сахароза се трошеше во споредба со периодот кога фенолите не беа присутни – вели Меги Согин, морски микробиолог.