Фото: Маја Јаневска-Илиева

Чудо во училница

На часот по македонски јазик
вистинско чудо се случи,
од некаде се појави змеј,
посака и тој да учи.

На столчето до мене седна,
со насмевка ме погледна,
па зеде молив и гума в рака,
да црта и да пишува сака.

И чудесен рој пеперутки
низ прозорецот долетаа,
а од дрвените клупи
цвеќиња се расцветаа.

Се отвори волшебна шума
на таблата зелена.
Во принцеза се претвори
учителката Елена.

Се гледавме во чудо
со Петар и со Мила.
Тој стана мудар волшебник,
а таа самовила.

На цел еден магичен свет
заличи училницата наша.
Јас седам и се чудам:
Што ли се случи? Кого да прашам?

И одеднаш, одговорот што го барав
ми го даде од учебникот втората страна.
Па, чудесната магија заврши за миг,
кога го прочитав од песничката
последниот стих.

МАРА БУБАМАРА

Мара Бубамара
патот до дома го бара.
Да го најде не е лесно.
Се изгубив – си призна чесно.
Па, на камен солзи рони,
но, на помош и дојде Тони,
комарец, храбар и силен,
во Бубачкоград омилен.
А, се појави и Мила,
малата буба со коса од свила.
Сите за раце сложно се фатија
и Мара Бубамара ја вратија
во градот на бубамарите.
Е па, нели за тоа се другарите,
да си помагаат и кога имаш мака
од срце да ти подадат рака!

ОБЛАЧЕ

Осамено облаче
во палтенце бело,
тивко се спушти
над малото село.
Под мустаќ се насмеа,
реши да си поигра,
месечината ја сокри,
на ѕвездите им намигна.
Низ оџак в соба
кај детето влезе,
започна снегулки
на прозорец да везе.
Весело го бакна
детското чело,
шеговито го штипна
обравчето врело.
Тајна зимска
на уво му шепна,
па брзо назад
кон небото летна.


За авторката

Силвана Димитриевска е родена во 1981 год. во Скопје. Дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје на Катедрата за општа и компаративна книжевност со македонски јазик, а подоцна ја завршила и Едногодишната школа за новинари при Македонскиот институт за медиуми. Била координаторка на литературниот кружок „Мугри“ и уредничка на истоимениот поетски алманах. Организаторка е на повеќе поетски читања и промоции. Застапена е во антологијата на поновата македонска поезија за млади „Пурпурни извори“ од Сузана В. Спасовска, антологијата „Сто без една песна“, приредена од Светлана Христова Јоциќ, како и во антологии во регионот. Самата е авторка на антологијата „Ангели со пет крилја“, издадена во рамките на „Струшките вечери на поезијата“.
Пишува поезија, кратка проза, есеи и хаику-стихови објавени во првото македонско хаику-списание „Мравка“. За својата прва збирка поезија „Ти што излезе од песна“ е добитничка на наградата „Ацо Караманов“. За својот расказ „Здолниште од пеперутки“ е добитничка на првата награда на конкурсот „Раскажувам фотографија 2021“ распишан од Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, а за расказот „Вода“ е добитничка на откупна награда на Конкурсот за краток расказ на „Нова Македонија“ во 2022 г. Добитничка е и на неколку поетски награди во земјава и во странство.

Фото: Маја Јаневска-Илиева