Фото: „Нова Македонија“

ОДБОЈКА

  • Првиот дел од подготовките, одбојкарите ќе го одработат во Крушево, потоа во Скопје. На трите турнира во Европската лига, црвено-жолтите ќе играат со Холандија, Луксембург, Исланд, Грција, Косово и со Израел. Од годинава, Европската лига добива ново значење, откако ќе ја преземе улогата на квалификациски циклус за пласман на ЕП 2028

Селекторот на машката одбојкарска репрезентација на Македонија, Јошко Миленкоски, го објави поширокиот список со 24 играчи во пресрет на подготовките за настапот во Европската лига за годинава. За Јован Милев, Митко Спасов и Филип Јованов ова ќе биде прв повик во националниот состав, во кој фигурираат и девет интернационалци, од кои по двајца настапуваат во Унгарија и во Словенија, а по еден во Франција, Чешка, Кипар, Белгија и во Грција.
Првиот дел од подготовките, одбојкарите ќе го одработат во Крушево, а во другиот дел од програмата нема да има промени. Така, од 13 мај репрезентацијата ќе тренира две недели во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, а од 27 до 29 мај ќе одигра пријателски мечеви со Црна Гора во Подгорица.
Првиот турнир во Европската лига, црвено-жолтите ќе го играат во салата „Парк“ во Струмица, прво на 5 јуни со Холандија, а два дена подоцна со Луксембург. Најдобрите македонски одбојкари ќе го играат вториот турнир во Атина, кога ќе ги одмерат силите со Исланд на 13 јуни, а еден ден подоцна и со домаќинот Грција. Третиот турнир во Европската лига за 2026 година, Македонија ќе го игра во косовскиот град Гњилане, на 19 јуни ќе се сретне со селекцијата на Косово, а на 20 јуни е мечот со Израел.
Од годинава, Европската лига добива ново значење, откако ќе ја преземе улогата на квалификациски циклус за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2028 година. Така, на Европското првенство во 2028 година ќе играат четири земји домаќини, по четири најдобри од Европската лига во 2026 и во 2027 година, победникот на континенталниот шампионат во 2026 година и најмалку 11 селекции одредени според европската ранг-листа, по завршувањето на Европската лига во 2027 година и Лигата на нациите истата година, пишува Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ).
Состав на македонската репрезентација: техничари: Ѓорѓи Ѓоргиев, Давид Стојанов, Лука Ристоски, Ефтим Ричлиев, Никола Ѓоргиев, Стојче Арсов, Кристијан Илијев, Стефан Алексов. Примачи: Владо Милев, Лука Костиќ, Стојан Илиев, Тоше Ефремов, Александар Љафтов, Ангел Бошков, Јован Милев. Средни блокери: Филип Маџунков, Филип Савовски, Филип Лепидовски, Михајло Мирасчиев, Митко Спасов. Либера: Костадин Ричлиев, Ване Арапов, Филип Јованов, Дарко Жабев. Г.И.