Францускиот претседател се обидува да го задржи политичкото влијание во залезот на макронизмот инфилтрирајќи макронисти во системот
- Од Уставниот совет до Судот на ревизори, од Банката на Франција до канцеларијата на народниот правобранител, низа претстојни или неодамнешни назначувања ги заострија тврдењата на француската јавност дека претседателот Макрон се обидува да го зачува влијанието откако ќе ја напушти Елисејската палата и дека со умисла тој инфилтрира свои соработници во системот за да може и натаму да го контролира
На помалку од една година до претседателските избори во Франција, актуелниот претседател Емануел Макрон е обвинет дека ги искористил последните месеци од власта за да постави лојални луѓе во некои од најважните државни институции во земјата, објавува „Еурактив“.
Од Уставниот совет до Судот на ревизори, од Банката на Франција до канцеларијата на народниот правобранител, низа претстојни или неодамнешни назначувања ги заострија тврдењата на опозицијата дека претседателот Макрон се обидува да го зачува влијанието откако ќе ја напушти Елисејската палата.
Критиките се протегаат низ целиот партиски пејзаж на Франција за тоа дека „се гледа од авион како претседателот во заминување се обидува да ја осуети секоја идна победа на Националниот собир (РН) на Марин Ле Пен“. Левицата тврди дека Макрон ги ослабува надзорните тела наменети за контрола или ограничување на извршната власт. Конзервативците го обвинуваат дека ги претвора независните власти во продолженија на неговиот политички табор.
Од друга страна, за сојузниците на Макрон, гневот е претеран и целосно предвидлив.
– Нормално е по два мандата да се назначуваат луѓе што работеле на овие прашања – рече едно лице блиско до претседателот, тврдејќи дека експертизата и компетентноста, а не политичката лојалност, се клучни критериуми.
Тврдењата за координирана стратегија против наследникот на претседателот, како што додаде тој, се „далеку од реалноста“.
Битката за власт се води во сенка
Без разлика дали станува збор за оправдани обвинувања или за стандардна практика во претседателската политика на крајот од мандатот, едно е веќе јасно: битката за власт во 2027 година започна далеку од видното поле на јавната кампања.
Пошироката борба открива колку моќ лежи надвор од изборите во високоцентрализираниот систем на Франција. Високите назначувања можат да ги обликуваат законските одлуки, надзорот на буџетот и административните одлуки со години, ако не и децении, што делумно објаснува зошто влоговите се толку високи за опозициските партии.
– Кога макронизмот се урива во земјата, тој се држи до контрамоќта – рекоа конзервативните републиканци во неодамнешна изјава.
Наводи за судир на интереси
Најконтроверзниот потег досега беше номинацијата во февруари на поранешната министерка за буџет Амели де Моншален да го води Судот на ревизори, телото задолжено за контрола на јавните трошоци. Критичарите велат дека од претседателствувањето на Никола Саркози постои неформална традиција на назначување опозициски претставници на највисоката функција со цел да се отстранат сомнежите за независноста.
Таа практика започна во 2010 година со Дидие Миго и продолжи со поранешниот комесар на ЕУ, Пјер Московиси, една деценија подоцна. Но со изборот на министер во заминување од редовите на Макрон, противниците велат дека претседателот ја прекинал традицијата во истиот момент кога затегнатите јавни финансии на Франција бараат максимален кредибилитет. Штом ја презеде функцијата во февруари, Де Моншален објави дека ќе се држи подалеку од работата на ревизорот за јавни финансии во 2025 година за да избегне наводи за судир на интереси.
Пратеникот од десницата Жан-Филип Танги ја нарече номинацијата „скандал“, обвинувајќи го таборот на Макрон дека се обидува да „ја маскира пропаста на јавните сметки“. Социјалистичкиот пратеник Артур Делапорт рече дека потегот претставува „апсолутно мешање на улогите, што ја ослабува институцијата“.
Следуваа правни предизвици, а активистите против корупцијата од невладината организација „Антикор“ и други поведоа случаи со кои го оспоруваат назначувањето. Конечната пресуда се очекува во наредните недели, но има мали шанси за поништување на назначувањето, според еден од тужителите.
– Доколку ова се случуваше во Унгарија на господин Орбан, на секој демократ ќе му се кренеше косата на глава – рече Пол Касија, професор по право, кој учествуваше во правниот предизвик против назначувањето на Амели де Моншален.
Тој додаде дека таборот на претседателот ги користи законските дупки што му даваат широк простор за маневрирање во високоцентрализираниот систем на Петтата Република.
– Претседателот создаде структурен конфликт на интереси тука. Кажано ни е дека Моншален ќе се изземе од сите прашања поврзани со политиките што самата помогна да се спроведат – но кој го проверува тоа? Кој го спроведува – праша Касија.
Тој истакна дека судиите што го доведоа во прашање назначувањето во еден напис за јавното мислење, самите биле цел на постапки од страна на етичкиот комитет на судот, што отвора пошироки прашања за тоа како во Франција таквите одлуки можат ефикасно да се оспорат.
Спорот потсетува на вревата од минатата година кога Ришар Феран, еден од најстарите политички сојузници на Макрон, го презеде кормилото на Уставниот совет. Неговото доаѓање во телото што ја арбитрира уставноста на законите беше осудено од критичарите како уште еден пример за претседателско покровителство. Неговата компетентност и непристрасност беа исто така доведени во прашање во тоа време, пред тесниот парламентарен процес на одобрување.
Се лицитира со можни нови спорни назначувања
Можеби се подготвуваат уште битки. Поранешниот министер за правда Ерик Дупон-Морети е меѓу оние што се споменуваат за функцијата омбудсман задолжен за одбрана на граѓанските слободи и надгледување на јавните услуги. Ова веројатно би предизвикало жесток отпор од судиите, од кои многумина се судрија со него за време на неговиот мандат во владата. Дупон-Морети, исто така, се позиционираше како жесток противник на крајната десница, водејќи кампања против партијата во нејзините упоришта на северот од Франција за време на локалните избори.
Во Државниот совет – врховниот административен суд на Франција и клучен советник за законодавство – името на Марк Гијом циркулираше за функцијата потпретседател и покрај минатите контроверзии околу обвинувањата за сексизам. Гијом, кој беше генерален секретар на владата за време на првиот мандат на Макрон, беше преместен на позицијата локален гувернер или префект откако се појавија тврдењата.
Вниманието се насочува и кон финансискиот естаблишмент на Франција. Гувернерот на Банката на Франција, Франсоа Вилероа де Гало, поднесе оставка, што доведе до нова трка за наследник поради шпекулации дека тој заминал поради страв од победа на Ле Пен. Меѓу имињата што циркулираат за негово наследување во Париз е и генералниот секретар на Елисејската палата, Емануел Мулен. Процесот бара собранието да го одобри предлогот, за кој таборот на Макрон вели дека е заштита од непотребно назначување.
Но транзицијата ги поттикна гласините дека претседателството сака луѓе од доверба пред 2027 година. Дури имаше и гласини околу иднината на Кристин Лагард во Европската централна банка, при што некои се прашуваат дали раното заминување би можело да ѝ дозволи на Франција да го обликува следниот избор на лидерство пред евентуален политички пресврт дома.
Поранешен функционер рече дека таборот на Ле Пен имал поттик да го засили наративот за подготвен државен удар, дури и пред партијата да ја преземе власта.
– Ако ја преземат власта во 2027 година и работата тргне наопаку, тие секогаш можат да кажат дека Макрон е виновен затоа што им ги врзал рацете – објаснува тој.
Надвор од законските овластувања поврзани со овие позиции, симболиката е исто така важна: позлатените канцеларии, шоферите, персоналот и престижот се видот на обележја што ги тераат критичарите на Макрон да зборуваат за претседателствување со монархиски одликувања. Како што трката за 2027 година се обликува, институциите на Франција стануваат бојно поле за политичка кампања, каде што старата француска традиција да се оспорува кралот никогаш не е далеку.
Р.С.
































