Националниот џез-оркестар најавува неверојатно музичко доживување, кое овој пат се фокусира на афрокубанската музика и ги спојува биг-бенд музиката и кубанските ритми и мелодии. Низ оваа автентична латиносвита ќе нѐ води диригентот Зиги Фајгл од Австрија, кој со години го држи пиедесталот на најдобар биг-бенд диригент во Европа и пошироко.
„Кубан фајр“ е насловот на концертот закажан за 20 февруари во Филхармонијата, со почеток од 20 часот, именуван по истоимениот албум на исклучителниот американски џез-бенд лидер, пијанист, композитор и аранжер Стен Кентон. Репертоарот вбројува дел од најзначајните композиции на Кентон, вклучувајќи го и албумот „Cuban Fire“, вистинско биг-бенд ремек-дело, кое критиката го опишува како „возбудлива и кинематографска фузија на кубанската и биг-бенд музиката“. На концертот, оркестарот ќе настапи со засилена дувачка и ритам-секција, сето тоа за поголема автентичност при доловувањето на афрокубанските ритми и мелодии, кои доминираат во избраниот репертоар.
Стен Кентон е влијателен американски џез-музичар, пијанист, композитор и аранжер, чија музика се карактеризира со сложени аранжмани и необична инструментација. Тој водел иновативен џез-оркестар речиси четири децении, од 1940-тите до 1970-тите. Познат е по неговиот прогресивен џез-стил, кој комбинира елементи на класичната музика со биг-бенд џез.
Диригентот Зиги Фајгл ѝ е добро познат на нашата публика, меѓу другото и по неколкуте досегашни настапи со нашиот оркестар. Фајгл е светски познат диригент на биг-бенд, првенствено познат по неговиот придонес за австриската џез-сцена. Работата на Фајгл во музиката за биг-бенд често опфаќа широк спектар на стилови, од традиционалните свинг и џез-стандарди до посовремени и експериментални композиции. Има соработувано со многу реномирани музичари и уметници, како во Австрија така и на меѓународно ниво, меѓу кои Бил Холман, Тутс Тилеманс, Арт Фармер, Марк Марфи, Боб Брукмаер, Артуро Сандовал и други, и се стекнал со репутација за своето вешто лидерство и иновативни аранжмани.