Фото: Игор Бансколиев

Францускиот претседател и порано се има обратено до македонските граѓани, најпрво со видеопорака во пресрет на референдумот за промена на името, кога ги убедуваше граѓаните дека Преспанската спогодба е добра и дека треба да се прифати заради иднината на Македонија во Европа. Тогаш уставните измени се истуркаа на мускули и надвор од меѓународно востановената демократска практика. Макрон за тој „успех“ на Македонија се „заблагодари“ со ставање француско вето на почетокот на пристапните преговори на Македонија со ЕУ, со образложение дека во тој момент дошло време за нова методологија

Макрон во писмо ветува континуирана поддршка за Македонија во пристапниот процес кон ЕУ

Интензивирањето на пораките што доаѓаат од меѓународните претставници дека Македонија мора да ги направи уставните измени и да го внесе бугарското малцинство во Уставот значи само едно: процедурата мора да се забрза ако земјава сака по завршувањето на скрининг-процесот во ноември да започне со официјално отворање на преговарачките поглавја.
Странските замешателства при носењето на секоја поважна одлука не се туѓи на овие простори. Па, така, и овој пат се повторува историјата, европските лидери да се сетат на земјава само кога треба да донесе клучни одлуки, речиси без исклучок на своја штета.

Суптилен слаткоречив притисок за уставни измени

Во таа насока е и последното писмо што францускиот претседател Емануел Макрон во петокот го испратил до македонскиот претседател Стево Пендаровски, во кое ѝ посакува на Македонија година на хармонија и натамошен напредок на нејзиниот европски пат.
– Од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу нашите две земји пред триесетина години, Франција секогаш беше присутна во клучните моменти од вашата историја: преку Роберт Бадентер, кој учествуваше во подготвувањето на вашиот устав, со работата на француските дипломати и војници што помогнаа да се спречи избувнување граѓанска војна во раните 2000-ти и помошта да се склучи Охридскиот договор, и најпосле во решавањето на вашиот спор со Бугарија – наведува Макрон во писмото, јасно посочувајќи дека Франција секогаш била тука да интервенира во клучните моменти што ја одредија патеката по која ќе се движи земјата.
Имајќи го предвид сензитивитетот на македонските граѓани околу последните напади од страна на Бугарија врз идентитетот, јазикот и историјата, Макрон уште еднаш го пишува она што смета дека граѓаните ќе сакаат да го слушнат и на тој начин да ги придобие нивните симпатии.
– Одржувањето на првата меѓувладина конференција за пристапување на 19 јули беше голем чекор за С. Македонија. Го поздравувам и потпишувањето на 26 октомври на договорот Фронтекс со Европската Унија, со кој се признава македонскиот јазик, спомнат без забелешки, што покажува дека постигнатиот компромисен предлог целосно го почитува унитарниот карактер на македонскиот идентитет. Можете да сметате на мојата целосна и континуирана поддршка во текот на пристапните преговори – порачува Макрон во писмото, додавајќи дека ќе ја посети Македонија тогаш кога ќе му дозволи распоредот.
Францускиот претседател и порано се има обратено до македонските граѓани. Најпрво тоа го стори со видеопорака во пресрет на референдумот за промена на името, кога ги убедуваше граѓаните дека Преспанската спогодба е добра и дека треба да се прифати заради иднината на Македонија во Европа. Тогаш уставните измени се истуркаа на мускули и надвор од секаква демократска практика, а Макрон за тој „успех“ на Македонија се „заблагодари“ со француско вето на почетокот на пристапните преговори на Македонија со ЕУ, со образложение дека во тој момент дошло време за нова методологија.
Под покровителство на Макрон се изнедри и таканаречениот „француски предлог“ за надминување на бугарското вето, со кое земјава беше блокирана дополнителни две години, со барање да се избришат македонскиот народ и сите негови атрибути.
– Врз основа на овие консултации, уверен сум дека најдовме компромисно решение што одговара на сензибилитетот на секого. Во интерес на Бугарија и на С. Македонија, прифатлив за сите – изјави минатото лето Макрон, откако претходно Европа виде дека мнозинството македонски граѓани се спротивставуваат на бугарските уценувачки политики што беа спакувани во европска обланда.
Очигледно и ова „компромисно“ решение за кое говореше Макрон беше спакувано да одговара само на бугарскиот сензибилитет, имајќи ги предвид наметнатите услови под кои Македонија ќе може да ги започне преговорите со Унијата, а кои ќе ги мониторира исклучиво официјална Софија.

Макрон точно знае за чии интереси се грижи, но дали по секоја цена
македонските треба да се усогласат со нив

Несомнено, писмото на Макрон не е ништо друго туку обично парче хартија, кое нема да ги убеди македонските граѓани повторно да паднат на празните европски ветувања, оти кога веќе се изгореа на млеко, сега ќе дуваат и на матеница. Се разбира, главна задача на европските политичари е да ги штитат европските интереси, но задача на македонските е да ги препознаваат македонските интереси и да работат на нивно усогласување со европските, секаде каде што тие можат да се дополнат, но никогаш на сопствена штета, без оглед кој испраќа писма, се обраќа со видеопораки или држи говори на собраниската или владината говорница.
– САД го признаа уставното име на Македонија со акт на претседателот, па видовме како заврши целата работа. Со акт, а не со писмо. Ние научивме некои работи во овие години. Писмото на Макрон е во ред, на некој начин нè третираат малку посериозно, но не е писмо тоа што во моментов ни треба нам, ни треба многу повеќе. Се чини дека ЕУ е целосно индиферентна кон ова прашање меѓу Македонија и Бугарија. Едно писмо на Макрон нема ништо да реши. Имаме пример како изгледа кога ЕУ е заинтересирана да се замеша во спор меѓу земја-членка и земја-кандидат, а тој пример е арбитражата меѓу Словенија и Хрватска – изјави поранешниот вицепремиер за евроинтеграции Ивица Боцевски, сега аналитичар и колумнист на „Нова Македонија“.
И другите соговорници со кои се консултиравме сметаат дека Макрон, како и преостанатите европски лидери, се држи до она што е европски интерес и гледа отворените прашања да се затворат што поскоро, без оглед на цената.
– Макрон се јави со видеопорака пред референдумот во 2018 година, ветувајќи европска иднина за земјава, за подоцна да стави вето за проширувањето. Ланилето кажуваше колку со „францускиот предлог“ се земени предвид интересите и на Македонија и на Бугарија, но се покажа дека во тој предлог има обврски само за Македонија. Сега и во писмото ветува поддршка, но ние како народ освен разочарувања од европските политичари, не видовме ништо друго. Сите тие ќе ни раскажуваат убави приказни за тоа колку нè сакаат во свое друштво, но гледаме дека од проширувањето нема ништо – велат соговорниците.
Според нив, кога една Меркел своевремено не успеа да си го испочитува дадениот збор кон Македонија, и тоа даден за време на посетата на земјава, тогаш што останува за другите.
– Ваквите изјави, како овие во писмото, се обични политички флоскули. Ниту еден од тие европски политичари нема да ви каже во лице дека не сте добри и не заслужувате, туку ќе рече дека заслужувате, но треба уште малку да се потрудите. Затоа ниту една изјава не треба да ја земаме здраво за готово, особено што ние ги пренесуваме изјавите како што нам ни одговара – истакнуваат нашите соговорници.
Несомнено, во набиената агенда на францускиот претседател ќе се најде простор за посета на Македонија само ако писмата и видеообраќањата не ја завршат својата работа, односно не ги убедат македонските граѓани што е најдобро за нивната земја. Притисокот за уставните измени, суптилно вткаен и меѓу редовите во писмото на Макрон, ќе продолжи без оглед на слаткоречивоста на францускиот претседател, со која се ветува европската иднина, иднина што никој не знае дали ќе ја дочекаме како Македонци.