Во пресрет на 25-та конференција на наставници по англиски јазик и книжевност ЕЛТАМ

На 25 и 26 октомври ќе се одржи 13-та меѓународна конференција на Асоцијацијата на наставници по англиски јазик и книжевност во Македонија ЕЛТАМ МК, на која ќе се одбележи 25-годишниот јубилеј од нејзиното постоење. Целта на асоцијацијата е да ја поттикне љубовта кон изучувањето на англискиот јазик кај учениците и да овозможи унапредување на наставата по англиски јазик. Годинашнава конференција, на која се одбележува сребрен јубилеј, ќе опфати над 30 предавачи и 150 слушатели од нашата земја и од странство, кои ќе споделат свои искуства, идеи и иновации во полето на образованието.
– Конференциите како оваа се од суштинско значење за развојот на наставниците, бидејќи нудат уникатна можност за учење и за размена на знаења. Процесот на едукација постојано се менува и е од клучно значење наставниците да бидат во тек со најновите истражувања и достигнувања во образованието, како на глобално така и на локално ниво. Во текот на конференцијата учесниците ќе можат да се запознаат со различни техники и методи на работа, што ќе им помогне да создадат квалитетна настава и да се усогласат со светските трендови – велат организаторите.
Во рамките на конференцијата ќе биде одржана и промоција на публикацијата „Историја на англискиот јазик во Република Македонија“. Ова издание, создадено од група професори од Филолошкиот факултет и наставници по англиски јазик, е еден вид документирање на почетоците на изучувањето на англискиот јазик во нашата земја и претставува важен ресурс, кој изобилува со приказни за напорите вложени од генерации професори за унапредување на наставата по англискиот јазик во нашата земја. Публикацијата вклучува автентични фотографии, материјали и интервјуа, што дополнително ги зголемува нејзината вредност и значење.
– Работилниците и предавањата што ќе се одржат во рамките на конференцијата често наоѓаат широка примена во нашите училишта, помагајќи им на наставниците да ги применат новите концепти во својата работа. Овие иницијативи не само што го подобруваат квалитетот на наставата туку и инспирираат наставниците да бидат поиновативни и посветени во својата професија. Тие не само што помагаат во развојот на наставниците туку и ја зајакнуваат свеста за важноста на англискиот јазик во нашето општество. Со нетрпение очекуваме да ги видиме резултатите од овој значаен настан и како ќе влијае на образованието во нашата земја – посочуваат наставниците по англиски јазик.