Фото: Пиксабеј

Медицински совет

Миењето заби е задолжителна дневна рутина, но луѓето го применуваат на два различни начина. Додека некои луѓе сакаат да ги мијат забите веднаш штом ќе станат од спиење, други ја одложуваат таа акција за по појадокот. Но, што е правилно?
Стоматологот Марија Рубио од Мадрид со видео на „Тикток“ ја решава оваа дилема. Таа го даде своето стручно мислење за тоа како е правилно да се мијат забите. Таа вели дека е најдобро да се прави тоа пред појадокот.
– Додека спиеме, протокот на плунка во устата се намалува. Инаку, таа дејствува како природен чистач на забите и помага да се неутрализира киселината произведена од бактериите. Со намалувањето на плунката прекуноќ, бактериите добиваат можност непречено да растат, поради што наутро ги има многу во устата. Бројот на бактерии во устата е највисок наутро кога ќе се разбудиме. Тоа поттикнува формирање кариес – објасни стоматологот.
Со други зборови, ако јадеме пред да ги четкаме забите, ќе ги нахраниме бактериите што се насобрале прекуноќ и на тој начин ќе им дозволиме да станат уште поактивни и поштетни за нашите заби.
Откако ќе ги измиете забите кога ќе станете од спиење, лекарката препорачува да појадувате, а потоа само да ја исплакнете устата со обична вода, што ќе помогне да се отстранат можните остатоци од храна.