Првиот светски тениски рекет, Србинот Новак Ѓоковиќ (32) изјави дека „животот продолжува“ откако поради повредата на левото рамо прерано го заврши настапот на гранслем-турнирот во Њујорк, предавајќи го осминафиналниот меч против Стен Вавринка, шампионот од 2016 година, во третиот сет при резултат 6-4, 7-5, 2-1.
– Жал ми е за публиката, која дојде да гледа цел натпревар. Но болката беше интензивна, константна со недели по ред. Неколку дена беше со поголем, неколку дена со помал интензитет. Фрустрирачки е, многу фрустрирачки – изјави Ѓоковиќ.

Тој последен пат се повлече од натпревар на гранслем-турнир во четврт-финалето на Вимблдон во 2017-та против Томаш Бердих, поради повреда на лактот. Во кариерата тој шести пат прерано завршува меч на гранслем-турнир, вкупно 13-ти пат во кариерата. Мечот со Бердих го принуди Ѓоковиќ прерано да ја заврши сезоната. Спектакуларното враќање во форма 12 месеци подоцна ги фрли во заборав сите проблеми, па, оттаму, тој и сега се надева на брзо закрепнување.

– Сезонава уште не е завршена, иако со гранслемовите е готово. Победив на два, на Ролан Гарос бев полуфиналист, нема на што да се пожалам. Остануваат уште доста турнири на кои треба да бранам поени со кои се надевам дека ќе останам на првата позиција на АТП-листата – вели Ѓоковиќ.

Ѓоковиќ е победник на четири од последните пет гранслем-турнири (победи на 36 од последните 37 меча), а вкупно има 16, четири помалку од рекордерот Роже Федерер.
– Не е тајна дека имам желба и цел да го достигнам Федерер и да освојам најмногу гранслем-титули. Но, во исто време, тоа е долг пат и се надевам дека ќе можам да играм уште многу години. Треба да ги одржувам во форма телото и умот и да се обидам и понатаму да бидам успешен на ваквите турнири, кои се најзначајни во нашиот спорт – рече Ѓоковиќ.

Тој планира да се врати на терените за четири недели и да настапи на Отвореното првенство на Јапонија, а потоа и на мастерс-турнирот во Шангај. Ѓоковиќ годинава може да го израмни рекордот на Пит Сампрас, кој шест пати бил број 1 во светот на крајот од годината.

Во четврт-финалето на САД опен ќе играат Вавринка – Медведев и Федерер – Димитров, а вчера се играа преостанатите осминафинални двојки: Рублев – Беретини, Монфис – Андухар, Зверев – Шварцман и Чилиќ – Надал.