Јавноста е сведок дека двете најголеми партии на Македонците уште еднаш жестоко расправаат за кокошката и јајцето. Вжештената полемика се води за прашањето дали пописот што треба да се одржи во април е (ќе биде) статистичка или политичка операција. Кој било малку упатен човек во оваа проблематика ќе им се смее за губењето време, но сигурно ќе најде и некое оправдување за наметнувањето како тема на денот на толку глупава, крајно ирационална дилема. Не може да се докажува кој е во право, зашто и двете се во право и во криво. Нема статистика без политика, нема политика без статистика, дури и кога станува збор и за објаснување најбанални работи, за опис на најпрости ситуации или за набројување предмети. Статистиката ѝ служи на политиката, политиката ја користи статистиката, ако политиката сака да биде успешна, правична и чесна.
Според сите дефиниции, пописот е и статистичка и политичка операција, две компоненти што го сочинуваат целосниот систем. Статистички пописот е и математика, економија, право, географија. Политички тој е право, социологија и историја. Политички затоа што него не го вршат само статистичарите туку во тој процес се вклучени владите на државите, што се спроведува според определен план, договор и одлука и што таа операција бара севкупност на дејства.

Не би требало да се заборави дека секој нов попис испишува и нова страница, дека е белег на едно време и дел од историјата на некој народ и држава. Пописот е минато што ѝ служи на иднината, ако може така да се дефинира користењето на податоците од него. Во мноштвото елементи на таа обемна статистичко-политичка операција, главната улога ја има пописот на населението, неговиот број, населената распределеност, социјалниот и економски статус. Сепак, демографските и религиозните податоци се тие што низ историјата ги буделе емоциите, ги разгорувале националните страсти, ги предизвикувале војните.
Дека пописите, пред сѐ демографскиот состав на населението на една држава, отсекогаш биле и политика и статистика, наместо да се користам со историски искуства, ќе посведочам со еден мој личен пример од новинарската практика поврзана и со весникот „Нова Македонија“. Ви го излагам на увид тој настан со нужното образложение за ситуацијата и за настанот. На постарите генерации им е познато дека во поранешна Југославија пописите се одржуваа едновремено во сите републики за да се има поцелосна слика како на сојузно така и на републичко ниво. Еден од понеобичните пописи беше одржан во 1981 година. Беше помината само една година од смртта на Тито. Раководството што го наследи не беше најсигурно во своите способности, почнаа да се јавуваат пукнатините во односите меѓу републиките, несогласувањата и личните нетрпеливости стануваа сѐ повидливи, а и печатот стануваше послободен, колку-толку. Тајните извештаи на ЦИА проценуваа дека државата ќе се распадне за 18 години по Тито. ЦИА не згреши многу, промаши две-три години.

Во таква атмосфера и со такви сознанија, високите функционери од ЦК СКЈ, од Извршниот совет и челниците на Југословенската народна армија, сите поддржувачи на титоизмот и југословенизмот, подготвија премолчен договор и план за преземање акции за јакнење на државата и евентуално запирање на национализмите што почнаа да креваат глава. Најсоодветната алатка за таа кампања ја фиксираа во посилната афирмација на југословенството како точка на следење на Титовиот пат. Погодна пригода најдоа во пописот што беше закажан за 1981 година. Главната поента беше да се убедуваат граѓаните на пописот да се изјаснуваат во што поголем број како Југословени. Беше подготвен и целосен политички, административен и пропаганден проект што требаше да се одвива на југословенско ниво. За остварување на таквата цел беа избрани и ангажирани видни револуционери од НОБ, сѐ уште живи народни херои, пензионирани генерали, познати писатели, актери, сликари, телевизиски лица, новинари и други од славниот круг на популарни личности, познати во целата земја.
Во 1981 година, баш во време пред и по пописот, бев уредник на саботното издание на „Нова Македонија“. Во еден од броевите објавив интервју што го имаше направено една новинарка со генералот Коста Наѓ, кој беше пратен во улога на сојузен пропагатор на линијата на југословенството во Македонија.

Во интервјуто, на еден или друг начин, тој ги повикуваше Македонците во поголем број да се изјаснуваат како Југословени во графата за националност. Текстот се појави во саботата, а веќе во понеделникот бев викнат кај генералниот директор, тогаш Ванчо Апостолски, строг, но исклучително принципиелен човек и раководител. Се знае што е директор – на повисок глас ми одржа лекција, не по новинарство туку по македонизам и патриотизам. Имено, ми забележуваше како сум можел да дозволам во весникот да се појави пропаганда што не оди во прилог на Македонците, на македонскиот народ и на неговата самобитност. Поминав како што поминав, но никакви последици не сносевме ниту јас ниту колешката.
Што дознав, токму од Апостолски, само малку подоцна. На колегиум на весникот во тесен состав, Апостолски ни објасни дека македонското политичко раководство, во чија заднина стои Лазар Колишевски, воопшто не се согласува, не гледа благонаклоно кон кампањата за „југословенизирање“ на Македонците. Поради тоа ние како весник треба да ги зголемуваме по број објавите на текстови што на Македонците ќе им сугерираат да се запишуваат како такви, а не како Југословени.

Така и беше. Уште ми звучат во ушите неговите зборови: „Доста имаме големи проблеми со Бугарите, вие сега сакате да имаме уште поголеми, сами да им дадеме колач да нѐ нарекуваат србомани. Историска е нашата определба како Македонци по националност, никако не смееме да дозволиме да бидеме третирани поинаку. Македонската самобитност и македонскиот идентитет се јасно утврдени, немојте да дозволиме сами да си ги уриваме“.
Што покажа, какви демографски резултати исфрли на површина пописот во 1981 година? Објавените бројки потврдија дека тенденциите за ширење на југословенството како националност речиси цела деценија дале некој резултат, имале пораст на целата територија на Југославија, но недоволен за носење на каков било поубедлив заклучок дека нешто може да се смени во таа насока. За споредба, во Македонија на пописот во 1971 година како Југословени се изјасниле 3.652 граѓани, а во 1981 година 14.240. Порастот во Македонија не е нешто голем во споредба со другите републики, особено во Босна и Херцеговина и во Хрватска каде што имаше масовно југословенско изјаснување.
И што се случи на крајот. Токму десет години по 1981 г. Титова Југославија се распадна. Почна крвава војна со најмногу жртви токму таму каде што имаше најмногу лица што се изјаснуваа како Југословени по национална припадност. Катастрофален пораз истовремено доживеаја статистиката, политиката и пропагандата. Освен Словенија, Македонија помина со најмали последици, без војна, без капка крв на нејзина почва.

Во една мошне квалификувана студија на професорот Никола В. Димитров од Факултетот за природни и технички науки на Универзитетот во Штип, може да се прочитаат интересни податоци за пописите на населението на територијата на географска Македонија. Попишувањата се јавуваат во време на Отоманското Царство во 1468 година кога турските власти ги попишувале само даночните глави, односно машкото население, неженетите и вдовиците кај христијаните. Освен во турските тефтери, пописи и статистички описи подготвувале конзули, патописци, учени луѓе и храбри авантуристи. Сите податоци биле дел и од разузнавањето, прибирани заради подготвување политичка стратегија на царството или користени од неговите противници. Во пописите, Македонците повеќе ги немало одошто ги имало, зашто никогаш попис не направиле сами. Биле бележени како Бугари, славјани, христијани, машки глави.
Некои од стручњаците статистиката ја сметаат за математички точно решение донесено од неточни податоци. Други како логичен и прецизен начин погрешно да се прикаже која било полувистина. Да не ја споменуваме споредбата со зелката и месото, кои статистички прават сарма, еквивалент за користење на статистиката во полза на политичката демагогија. На Сталин му се припишува суровото објаснување на статистиката. Кога му ги соопштувале бројките на затворени по затворите и гулазите во Сибир, тој, наводно, рекол: „Еден затворен, тоа е драма, милион затвореници се статистика“. И низ овој пример може да се види нераскинливата поврзаност на политиката и статистиката.

[email protected]