Моментот на пакување пред да отидете на одмор или какво било патување најчесто може да биде хаотичен и да резултира со нервоза, бидејќи не може да го затворите куферот.

Уште потешко е потоа, кога треба да одберете што ќе извадите и како да одлучите што да не носите од сите работи што сте ги напикале во куфер. На крајот може да завршите со нервози, бидејќи дури кога ќе стигнете ќе сфатите дека нешто сте заборавиле, а сте зеле непотребни работи. За полесно да се организирате и да немате нервози, следете ги следните трикови.

Испланирајте го добро патувањето
Првиот чекор е да одберете соодветен куфер во зависност од патувањето. Ако патувате со авион или со воз, проверете добро дали има рестрикции за големината и количеството на багажот. Исто така, проверете го и времето за да знаете каква облека треба да понесете. Истражете го и местото каде што одите за да знаете што треба да земете, а со што е снабден самиот хотел/апартман.

Направете список
Напишете список со сите работи, дури и дреболиите, што сметате дека треба да ги земете. Оставете го списокот на видно место, за да може да го дополнувате секојпат кога ќе се сетите на нешто. Разгледувајте ги добро сите работи и обидете се да ги групирате.

Групирајте ги сите работи од списокот
Групирањето на сите работи од списокот ќе ви помогне да одлучите што навистина ви е потребно. Многупати пакуваме непотребни предмети или комбинации што само ни зафаќаат место. Ставете ги сите работи на едно место, соодветно групирани, и проверете дали ви требаат сите три типа чевли и слично. Водете се по тоа дали сите работи што ги носите ќе ги искористите повеќепати од еднаш.

Направете си комплети од облека
Препорачливо е сите парчиња облека и додатоци што ќе ги земете да бидат во слична палета на бои, за да можете полесно да ги комбинирате и да ги оставите дома оние парчиња што не се вклопуваат во комбинациите.

Како да ги организирате работите за да ги собере во куферот
– Виткајте ја облеката во ролни наместо да ја диплите.
– Сите помали парчиња облека здиплете ги во најголемото парче.
– Тоа што тежи повеќе ставете го на дното на куферот, а тоа што се тутка – најгоре.
– Ако носите ранец, тоа што тежи повеќе ставете го во средина, а потоа полнете ги другите празнини.
– Користете кеси со затворач за подобро да ги организирате сите предмети и да не ви се измешаат.

Документите ставете ги на дофатливо место
Документите, како пасош, лична карта, билети, ваучери за резервација и слично, треба секогаш да ви бидат во рачниот багаж, при рака и мора да знаете точно каде се наоѓаат. За да не мора да ги заборавате или да ги барате по цела торба, купете си посебна торбичка за документи, каде што сите ќе ви бидат на едно место.

Носете празни кеси
Неколку празни кеси секогаш ќе ви бидат од корист кога ќе имате нечиста долна облека, мокра облека или чевли.