Како една од најзапоставените општествени групи, старите и изнемоштени лица се чувствуваат некорисни и отфрлени. За надминување на ваквата состојба, Центарот за култура и културолошки студии организира креативни работилници за да се врати чувството на достоинствен живот на старите лица

Синоќа во 18 часот во салонот „Ко-Ра“ во домот на културата „Кочо Рацин“ во Скопје се отвори изложбата на цртежи „Небото над Идила“ од Зорица Георгиевска. Изложбата е резултат на реализација на проектот „И старите можат“ на Центарот за култура и културолошки студии за поддршка на социјалната инклузија на старите лица сместени во домовите. – Како една од најзапоставените општествени групи, старите и изнемоштени лица се чувствуваат некорисни и отфрлени.

За надминување на ваквата состојба, Центарот за култура и културолошки студии организира креативни работилници за да се врати чувството на достоинствен живот на старите лица, да се смени сликата за старите како товар на општеството и семејствата, да се воспостават позитивни практики на социјална инклузија на старите лица сместени во домовите за згрижување стари лица и да се покаже дека и тие се способни за креативни активности, кои се општествено корисни – велат од Центарот за култура и културолошки студии – ЦКК. Сложената и често негативна општествена изградба на перцепцијата на старост е многу распространета појава. Факт е дека сменетата демографија, односно стареење на населението, го прави овој проект актуелен.

– Сѐ повеќе добива гласност тезата дека високата застапеност на еиџеизмот – негативната претстава за староста, има сложени општествени корени и широки последици. Таа негативна претстава се одвива и на структурно и на индивидуално ниво и е присутна во многу различни контексти, кои се културно условени (на пример: на работното место, здравството, уметничките претстави, медиумите и сл.). Староста честопати се идентификува со смртта, па луѓето имаат желба да се оградат од какво било потсетување на фактот дека сите се смртни.

Сето тоа има ефект на потиснување на самочувството на старите лица, односно придонесува за негативна перцепција на самите стари луѓе за себе. Ваквите сознанија бараат интервенции што би придонеле за ефикасни антидискриминирачки практики врз основа на староста, а изложбата на цртежи „Небото над Идила“ сметаме дека го покажува тоа на најубав можен начин – велат организаторите. Зорица Георгиевска (1937) е дипломирана правничка, пензионирана артистка и режисерка во РТС. Авторка е и режисерка на наградувани радиодрами, на две книги: кратката лирска проза „Од другата страна“ и „Две сценарија за филм“. На 80-годишна возраст почнува и ликовно да се изразува.