По препорака од Надежда Чачинович и нејзиниот „Водич низ светската книжевност за интелигентна жена. Корисен и за интелигентни мажи“, напишан со намера да го разбуди читателското љубопитство и да овозможи нов и свеж пристап кон класичните и современите врвни дела од светската книжевност. Опфатени се триесетина автори (од Џејн Остин, Шарлота Бронте, Олдос Хасли, Гистав Флобер, Толстој, Стендал, до Вирџинија Вулф, Силвија Плат и Џејмс Џојс), кои на различен начин ги обработувале проблемите на родот и женската еманципација, машко-женските односи и стереотипи

Романот „Златниот бележник“ од Дорис Лесинг првпат е објавен во 1962 година и набргу е прогласен за класично дело за дилемите на современите жени, иако предизвика контроверзии и во други полиња, на пример со описот на настаните во тогашната Јужна Родезија и со опишаната загуба на политичките илузии на т.н. западни комунисти.
Структурата на „Златниот бележник“ на прв поглед е донекаде сложена, но романот е совршено читлив. Дејството се одвива во 1950-тите години во Лондон. Во деловите насловени „Слободни жени“ дејството е прикажано на начинот на традиционалниот реалистичен роман и ние го следиме животот на писателката Ана, како и на нејзината пријателка Моли. Ана, пак, во бележници-нотеси, чија содржина е всушност содржина на остатокот од книгата – црн (за проблемите со пишувањето), црвен (за политичките настани), жолт (одломки од роман во создавање, главно за женски судбини) и син бележник (дневник на Ана во вистинска смисла, со опис на кризите и ломовите). Златниот бележник ќе биде обид сите тие подрачја да се соединат, а Ана да завладее со својот живот! И Ана и Моли се сами, самохрани мајки, со деца во средиштето на животот и со работа што им е неопходна, но и која ја сакаат. Тие се „слободни“ во време кога повеќе ништо не изгледа само по себе разбирливо во машко-женските односи. Всушност, ниту во односите со децата.

Од многубројните теми ги издвојувам, во поедноставен облик, оние што ги обопштува прашањето, дали мораме да бидеме вљубени за да доживееме оргазам. Ана и Моли живеат (и се опишани) пред т.н. сексуална револуција во шеесеттите и осумдесеттите, која го донесе ослободувањето, но и тиранијата на оргазмот: правото на сексуална исполнетост стана должност таа и да се доживее. Тие одлучуваат за себе, од своето посебно место, ама и се претходница на многу други жени. Наведеното прашање не се однесува напросто на колебањето дали треба да се впуштат во сексуални односи без вљубеност, туку за тоа дали е можно, дали се во состојба да уживаат во тие односи ако не се вљубени. И за тоа што ги спречува кога повеќе тоа не се ниту надворешните норми ниту сопствените уверувања.

Можеби во меѓувреме веќе пораснале генерации со поинаква самосвест, нови поослободени жени, па сега ним им е тешка само љубовта, а не и уживањето. „Златниот бележник“ зборува за тоа што е љубовта и за тоа дека жените, кои во мигот кога се целосно опседнати со љубовта и копнежот, сепак се грижат и мораат да се грижат за многу други нешта, за децата, животот, работата, болната пријателка. Ана стигнува до границата на саморазорувањето, ама се враќа. Таа е впечатлив, силен лик, вистинска хероина на роман.


Дорис Меј Лесинг (1919-2013) е зимбабванско-британска писателка, авторка на низа романи, носителка на Нобелова наградa за литература (2007), во чија одлука стои дека таа има „епски наративна дарба за женското искуство, која со скептицизам, страст и визионерска сила критички ја гледа поделената цивилизација“. Нејзиното творештво минува низ неколку творечки фази. Во првата фаза споделува марксистички идеи и пишува за радикални општествени проблеми, како што се колонијализмот и апартхејдот (1944-1956); во втората фаза обработува психолошки теми (1956-1969); во третата фаза, наречена суфизам, пишува научнофантастични романи (1956-1969); а во последната фаза комбинира елементи од сите претходни фази.


Надежда Чачинович (Будимпешта, 1947) е современа професорка по филозофија на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Загреб, социолог, компаративистка, феминистка, авторка и преведувачка на дела и учебници по филозофија, со словенечки етнички корени. Се школувала во Цирих, Берн, Белград, Мурска Собота, Љубљана, Бон и во Франкфурт. Студирала филозофија, компаративна книжевност, историја на уметноста и лингвистика, а докторат по филозофија одбранила во Загреб. Била на студиски престои во Берлин, Париз, Мастрихт и во Копенхаген. Предава естетика, филозофија на културата и филозофија на родот. Беше претседателка на хрватскиот ПЕН-центар, а сега е една од неговите потпретседатели. Членка е на Хрватското друштво на писателите.

(Превод од хрватски јазик и кратки белешки за авторите: Весна Ацевска)