Во Босанско народно позориште во Зеница, БиХ, е завршена првата фаза од големиот копродукциски проект „Буре барут“ на Дејан Дуковски помеѓу продуцентската куќа „Скопје филм студио“, Македонски народен театар и Босанско народно позориште Зеница. Проектот е резултат на Програмата за културна соработка меѓу Министерството за култура на РМ и Министерството за цивилни работни на Босна и Херцеговина за периодот 2016-2019 година.
„Буре барут“ е најпоставуваниот драмски текст на Дејан Дуковски и е изведуван во Грција, Јапонија, Германија, Хрватска, Данска, Холандија, Шведска и во Бугарија. Тoj е и еден од најнаградените македонски драмски текстови, по кој е снимен и истоимениот филм, номиниран за српски кандидат за наградите „оскар“ од неанглиско говорно подрачје.

Режисер на претставата е режисерка Нина Николиќ, која на македонската публика ѝ е позната по претставите „Неверство“, „Секс, лаги и диви гуски“, „Кој пукаше на 21-ви“, како и една од претставите со најголем број меѓународни гостувања во изминатите две години „Разговори во четири очи“.
Драматург на претставата е Драгана Лукан Николоски од Скопје, сценографијата е на Ведран Хрустановиќ од Сараево, а кореографијата е на белгискиот уметник Томас Стјуард. Автор на музиката е Игор Касаповиќ.

Во претставата играат актери од ансамблот на Босанскиот народен театар во Зеница: Aдис Механовиќ, Анџела Илиќ, Енес Салковиќ, Мирољуб Мијатовиќ, Мухамед Бахоњиќ, Нусмир Мухаремовиќ, Сабина Куленовиќ, Саша Ханџиќ и Златан Шкољиќ, како и Џенана Џаниќ и Кемал Ризвановиќ, одбрани на одржаната аудиција во Сараево.
Премиерата на претставата е на 27 септември во Босанско народно позориште во Зеница, БиХ, а набргу потоа ќе има и македонска премиера во Скопје.