Аномалија на кантарот

Сцена од пазарче: еден постар господин ги враќа компирите што ги купил неодамна, со образложение дека нивната тежина е полесна од платеното, односно фалат компири во ќесето. Продавачот негодува. Купувачот инсистира. Се бара виновникот и најбараното нешто – вистината. Слична на онаа што ја барал и Протагора, кога заклучил дека човекот е мерило на сите нешта и сè подлежи на неговата процена. Поточно, човековите потреби се тие што определуваат што е за човекот правилно или погрешно, добро или лошо, вистина или лага.

Протагора е релативист – според него, вистината е онаква каква што му се прикажува на човек и за тоа не му се нужни авторитети. Хомо мензура. По нашки – човек кантар. Се чини, нашиот човек е најголем релативист, бидејќи сè става на кантар, сосе кантарот на продавачот. Независно дали е баждарен по турски или калибриран по латински. Мора да се премери на сопствениот кантар. Од него (купувачот) зборува кантарот на (лошото) искуство. Нашиот човек е почесто незадоволен „купувач“ одошто задоволен. Многу му се продава(ло), а малку му се дава(ло) за издвоеното од џебот. Бележан е од лоши трговци и затоа е „лош“ купувач. На компири ли? Се разбира дека не, но на многу поголеми нешта, кои не можат да се стават на кантар од пазарче, а кои сеедно се премеруваат и претураат, а неретко се истураат, како да немаат дно. Нешта на кои мислел и Протагора. Нешта што извираат од човековиот ум, како идеите, чувствата, судовите…

Компирите се само колатерална штета во случката, како и во животот – прилог.
Протагора не спомнува компири, ниту потребата од компири. Ниту, пак, ѕвезди. А од боговите се оградил, со образложение дека човековиот век е премногу краток за да ја спознае вистината за нивното постоење. Но и тогаш, како и сега, релативизаторите на авторитетите (тогаш небесни, денес земни) не поминувале лесно, па неговите книги се палат на „пазарче“. Пресудил кантарот на власта. Би додал – и нејзината „голема душа“. Зашто „власта секогаш мисли дека има голема душа и широки погледи отаде разбирањето на слабите“ – ќе забележи американскиот претседател Џон Адамс пред околу двесте години. Ова е суштината на секоја авторитарна структура, „корен на комбинацијата на дивјаштво и себеоправдување што го заразува империјалниот менталитет“ (Чомски), кој продира отаде границите на државите, во секоја област од животот и семејството, а која истите тие ги става на тасот на сопствената самоодржливост и доминација, во името на националниот интерес. Предолгото „висење“ на тасот на самоодржливоста на власта направи од нашиот човек, граѓанинот – недоверлив „купувач“ на идеи.

Кантарот на господинот од пазарчето не е присутен на местото на „престапот“. Присутен е само неговиот суд. Кантарот над сите кантари. Неговата борбеност за правда ми е некако симпатична. Несомнено, чувствувам и доза емпатија, иако никогаш не сум ги премерил купените компири, но сум го ставал на кантар издвоеното од џебот и вратеното од државата и институциите што ни се неопходни кога нешто не е во ред со нашите органи или со органите на државата. Неретко се чувствува „кусокот“. Кусокот прави повеќе да му верувате на својот небаждарен кантар одошто на уредно калибрираната вага.

Во случката, помалку е важно на чија страна натежнале компирите и колку – еден, два или три компири помалку. Секако се веќе потрошени и компирите и парите за нив. Но она што не е потрошено, а и понатаму расте подмолно, е недовербата. Не нужно на страната на „купувачот“. И продавачот еднакво ќе се посомнева во платеното за баждареното, но и во чесните намери на купувачот. Непријатното искуство секој од нив ќе го стави на сопствениот кантар, едниот во умот, од каде што извираат сите оние нешта преголеми да се измерат на кантар, како што се идеите, а другиот во душата, од каде што извираат чувствата. Душата на човекот, за разлика од душата на власта, ја бележи и вреднува неправдата на сопствената кожа. Кожата прекумерно бележена од неправди станува потврда и помалку симпатична, и полошото – помалку емпатична, помалку чувствителна за неправдата (и несреќата) на другите.

Пожарот на Богородичната црква (Нотр дам) во Париз уште еднаш „измери“ колку е поткусурена и селективна емпатијата. Од една страна – загубата на едно културно наследство ги извади на кантар сите преостанати или сопствени културни загуби, а од друга страна – малку или ништо не се презема(ло) да се спречи нивното пропаѓање или да се обноват, или едноставно се молчело за нив… Злорадоста пред туѓата несреќа пак говори не само за отсуство на емпатија туку и за отуѓеност од другите. Еднакво од себеси и неможност да се воочи рамнодушноста од сопственото културно пропаѓање. Слепилото за цивилизацискиот карактер на несреќата, пак, говори само за духовното осиромашување. На истиот кантар се ставаат тули и човечки жртви, случајни пожари и смислени милитаристички авантури. Нешто не е во ред со кантарот. Му треба баждарење…

Невидливата рака на пазарот се грижи само за големите броеви. Кога расходот за одржување на културното наследство го надминува приходот од нив, игра невидливата „нога“ на пазарот. Прегазува. Тоа е еден расчовечен кантар на глобалниот капитализам. Борбата со неправдите од тој кантар, сепак, почнува на „пазарчето“.

Ноам Чомски потсетува дека „силите за промена што дошле оддолу и го протресле општеството од самите темели ги вклучуваат работничкото движење, движењето за граѓански права, мировното движење, движењето на жените и други, поткрепени од постојаното, посветено дејствување на сите нивоа, секојдневно, а не само еднаш на четири години.“ Во спротивно, изборите се сведуваат на маргинализирање на населението. Сепак, не можеме да ги игнорираме изборите. Едноставно не можеме да си го дозволиме тоа, не кога пожарот гори и од темелите и од покривот.

Еден изборен молк заврши. Уште малку и ќе започне друг. Меѓу изборните молчења повторно ќе слушнеме како звучат зборовите како сенки на нештата што излегуваат поткусурени на кантарот. Уште малку време останува да се измери тишината на избирачите и што порачува таа. По вториот изборен молк, само ќе сведочиме за судбината на големите зборови и судбината на мноштвото избирачи. А тоа е една иста судбина и вистина. Вистина за нештата што извираат од човечкиот ум.

Вистината за компирите никогаш нема да ја дознаеме, а дали и колку често ќе ни се повторува во иднина случката од пазарчето, зависи од нас. Дали ќе му веруваме само на сопствениот кантар или на оној што ќе одмерува одговорно за наша сметка и за наши потреби? Повеќе од компири, многу повеќе.

Чомски потсетува: „Главната цел е да се создаде изворно одговорна демократска култура и таквиот стремеж се одвива и пред и по изборните шоуа, каков и да е нивниот резултат“.

Еден од „жолтите елеци“ во Париз протестираше со знак „Сè за Нотр дам, ништо за Клетниците!“, алудирајќи на помошта за катедралата, а ништо за народот.
Кај нас одамна е „Ништо за културата, ништо за клетниците“. Или набргу ќе има повеќе и за двете или ќе ги снема и двете. И ќе остане само тишина, која ќе нема ни кој да ја измери.

Авторот е магистер по мир и развој и поет