Само тројца како капитени ги освоиле најважните трофеи во светот на фудбалот – светски и европски првак со репрезентација и континентален владетел со клуб. На СП 2018 меѓу фудбалерите можат да им се приближат Роналдо и Хасебе, а кај селекторите Дешам може да се израмни со Бекенбауер и со Загало, со титула како играч и како кормилар
Неколку капитени на фудбалски репрезентации што ќе играат на Светското првенство (СП) во Русија со триумф на тој мундијал може да се издвојат од другите, но годинава нема да влезат во една елитна група капитени, во која засега се само тројца – Германецот Франц Бекенбауер, Французинот Дидие Дешам и Шпанецот Икер Касилјас.
Да се биде капитен е признание дека се владее не само со фудбалската игра, туку дека се има и организациска способност, лидерство, силен авторитет. Но, од сите капитени само Бекенбауер, Дешам и Касилјас ги освоиле најважните трофеи во светот на фудбалот – два за национални тимови, за светски и за континентален првак и еден во клупскиот фудбал, за владетел во Лигата на шампионите или соодветното натпреварување на континентот.
Од актуелните капитени на селекциите што ќе играат на СП 2018, на пример, Макото Хасебе е капитен на јапонската репрезентација, со која како предводник во 2011 година стана азиски првак. Тој во кариерата има и клупска титула во Азија, со Урава во 2007 година, но тогаш не беше капитен на тимот. Кристијано Роналдо, пак, како капитен на Португалија го крена пехарот за европски првак на првенството во 2016 година, но иако досега освои пет титули во Лигата на шампионите, тогаш не беше капитен на тимовите (Манчестер јунајтед и Реал Мадрид) итн.
Прв на оваа необична листа се запиша Бекенбауер. Собирањето вредни трофеи тој го почна во 1972 година, кога прв го крена пехарот со Германија, на Европското првенство во Белгија. Две години подоцна, во мај, со Баерн стана европски првак, а само два месеца подоцна со Германија го освои и светското првенство. На второ вакво остварување се чекаше до 2000 година. Тогаш Дешам го „гушна“ и третиот вреден трофеј. Но, прво како капитен на Марсеј стана европски првак на 26 мај 1993 година.
Пет години подоцна ја предводеше Франција до светската титула, а во 2000 година и до европската круна. Во 2014 година на двајцата великани на фудбалот им се придружи Касилјас. Тој како капитен на Реал Мадрид го прими пехарот за триумф во Лигата на шампионите. Пред ова Касилјас ја предводеше Шпанија до титулите на Европското првенство во 2008 година и на Светското првенство во 2010 година.
Од нив, само Бекенбауер беше и светски клупски првак како капитен (1976 година) и светски шампион како селектор (со Германија во 1990 година) и ја освои „Златната топка“ (1972 и 1973). Само Касилјас, пак, од двата трофеи за репрезентации има три капитенски триумфи, оти со Шпанија беше европски шампион и во 2012 година. Дешам е најмладиот капитен на европски клупски првак (со 24 години), а тој има можност веќе во јули да го стигне Бекенбауер (титула како играч и како селектор, категорија во која е и Бразилецот Марио Загало), оти е кормилар на Франција.