Пред фајнлфор-завршницата, првите луѓе на регионалната СЕХА-лига на прес-конференција ги соопштија плановите и новитетите за следната сезона. Претседателот Михајло Михајловски најави намалување на бројот на натпревари, но и зголемување на екипите на 12, две повеќе од сезонава.
– Седмиот фајнал-фор, на мое големо задоволство, повторно беше во Скопје. Наша цел е лигата секоја година да биде што поквалитетна и поорганизирана и затоа го намалуваме бројот на натпреварите, за да го подигнеме квалитетот – рече Михајловски.
Во новата сезона 12-те екипи ќе бидат поделени во две групи, а потоа двата најдобри тима од групите ќе разигруваат за титулата на фајналфор-турнирот. Kако нови потенцијални учесници во СЕХА-лигата се споменуваат унгарските тимови Веспрем и Пик Сегед, а како втора опција се полските Киелце и Висла Плок. Гостин на завршната прес-конференција беше и првиот човек на Европската ракометна федерација (ЕХФ), Михаел Видерер, кој најави можности за продлабочување на соработката со регионалната лига. – Од перспектива на ЕХФ, ова е врвен ракометен настан.
Точно е дека ЛШ во Келн е врвот на клупскиот ракомет, но овој настан не заостанува многу. Од тоа што го видов во Вараждин пред две години до денес, СЕХА-лигата рапидно напредува, организацијата на натпреварувањето е врвна и јас гледам добра перспектива. Клубовите се моќни, не само тие на завршниот турнир туку и генерално во СЕХА-лигата – истакна Видерер.
Во синоќешното финале, вторпат во Скопје (првпат во 2013-та, кога победи Загреб), се сретнаа македонскиот, европски и регионален првак Вардар и хрватскиот шампион Загреб. За вардарци тоа беше меч за одбрана на титулата и за освојување на четвртиот регионален трофеј, а за загрепчани можност за втора титула. Во мечот за трето место играа белорускиот првак Мешков Брест и словенечкиот првак Целје.