Виното е храна, лек и отров. Единствено прашање е дозата. – Парацелзус

Листата на придобивки од виното е навистина голема, секако доколку се консумира во мали количества. Докторите препорачуваат да се пие по една чаша вино дневно, бидејќи преминувањето на оваа граница може да се одрази негативно врз здравјето.
Умерената консумација на вино превенира кардиоваскуларни заболувања, го намалува нивото на вкупен холестерол, ги подобрува когнитивните способности, ги зголемува имунитетот и отпорноста на организмот од болести. За овие и многу други полезни дејства на виното биле свесни и нашите предци. Многубројните народни преданија, совети, рецепти, кои виното го препорачуваат како ефикасен лек за многу здравствени состојби, значајно придонеле за неговата репутацијата на благотворен пијалак, која тоа несомнено ја има.

Виното содржи повеќе од 1.000 состојки. Освен витамините и минералите, кои се содржани во виното и помагаат за голем број функции во организмот, виното содржи и хранливи состојки, шеќер (особено декстроза), глицерол, протеини и алкохол. Од витамините присутни се: A, Б, Ц и повеќе минерали од кои најистакнати се натриумот и магнезиумот врзани за органска (винска) киселина. Црвеното вино е побогато со хранливи состојки, додека белото вино во составот содржи поголемо количество рибофлавин (витамин Б2) во однос на црвеното вино. Витаминот Б е стабилен и не исчезнува со стареење на виното.

За фармаколошките дејства на виното најодговорни се полифенолите, особено ресвератролот. Тие се група соединенија што според начинот на дејствување се сместуваат во групата антиоксиданси. Докажано е дека ресвератролот, кој е присутен во грозјето и во виното, го има во 10 пати поголеми концентрации во црвеното вино, отколку во белото. Тој е одговорен за редукција на ризикот од разни болести, особено кардиоваскуларните. Освен ресвератролот, црвеното вино содржи и огромен број и други соединенија, кои влијаат како моќни антиоксиданси. Содржината на алкохол во повеќето вина е умерена (10-15 волуменски проценти). Хранливата вредност на 1 литар вино е 600-700 калории, а за слатките вина може да се движи и до 1.400 калории.

Во служба на здравјето

Познато е дека виното, особено црвеното е добро за здравјето. Доказ за ова е помалата инциденца на кардиоваскуларни заболувања кај луѓето што редовно и умерено консумираат пред сѐ црвено вино.
Терапевтските и антисептичките својства на виното се познати уште од античките времиња. Виното е пијалак, храна и антисептик, кој контролира многу процеси во нашето тело. Пријател на оброците, бидејќи го подобрува варењето на храната.
Алкохолот во умерени количества, освен што ги стимулира варењето на храната, работата на срцето, ја подобрува циркулацијата на крвта, поради што често и лекарите го препорачуваат како важен пијалак за време на оброците.

Износот на вкупни феноли во грозјето е поголем во однос на виното. Со традиционалните методи на преработка на грозјето се екстрахираат максимално 60 отсто од фенолите што се присутни во грозјето. Црното грозје во просек содржи повисоко количество феноли од белото грозје. Со самото тоа чаша црвено вино е „поздрава“ за човекот, од чаша бело вино.

Антиоксидансите со кои е богато виното ги обновуваат оштетените крвни садови, ги штитат забите од кариес итн. Една чаша квалитетно црвено вино дневно, може да влијае врз нашето здравје, а уживањето при консумација на риба, црвено месо и сирења би било целосно.

Консумирањето вино значително ја намалува можноста за појава на карциноми, го зголемува „добриот холестерол“ (ХДЛ), а истовремено го намалува „лошиот холестерол“ (ЛДЛ). Исто така го намалува и крвниот притисок.
Помага при лош проток на крвта низ артериите, бидејќи ги шири крвните садови со што се подобрува протокот на крвта низ телото. Виното е одлично за анемија, која може да се спречи со консумирање вино во умерени количества.

Виното во мали количества го зголемува либидото. Кога е во прашање виното како афродизијак, умереноста е клучот на ова прашање: потребно е само малку вино, за да се почувствуваат овие ефекти.


За вита линија, меморијата, имунитетот…

1. Уживајте во добрата храна и останете вити. Уште една од придобивките кога се консумира виното во умерени количества. Типичен пример за ваквото тврдење е таканаречениот „француски парадокс“. И покрај тоа што имаат калорична и зачинетa кујна, Французите остануваат вити и поздрави токму поради навиките за консумирање на барем една чаша вино со главниот оброк
2. Ја подобрува меморијата
Едно истражување направено на лица постари од 70 години, покажало дека оние што пијат по една чаша вино дневно, паметат повеќе од другите. Исто така, докторите објаснуваат дека тоа спречува згрутчување на крвта и го намалува воспалението на крвните садови.
3. Помага при согорување калории
Практиката покажува дека луѓето што пијат вино редовно, имаат помала телесна тежина од оние што го консумираат ретко. Докажано е дека испиената чаша вино, може да го натера вашето тело да согорува калории цели 90 минути.
4. Го зајакнува имунитетот
Една британска студија вели дека љубителите на вино го намалуваат ризикот од инфекција со бактеријата хеликобактер пилори, која може да предизвика гастритис, чир или рак на стомакот. Исто така, помага и при заштитата од труење со храна, како на пример од салмонела.
5. Заштитник на женските јајчници
Една чаша дневно го намалува ризикот од рак на јајчници за 50 отсто. Научниците веруваат дека ова се должи на антиоксидансите, кои ги има во виното, а кои имаат антиканцерогени својства.
6. Ги зајакнува коските
Во просек, луѓето што се редовни консументи на вино, имаат поголема коскена маса од оние што не го консумираат. Алкохолот го зголемува нивото на естроген, хормон што го забавува ронењето на старите коски.