Претставничката на Филипините, Катриона Греј, е победничка на изборот за Мис универзум што се одржа вчера во Бангкок, Тајланд. Ова е четврти триумф на Филипините на престижниот избор за убавина.
По изборот, Греј им откри на своите 2,6 милиони обожаватели на Инстаграм дека нејзината мајка Нормита Рагнас Магнајон го предвидела успехот на сон. Кога Филипинката имала 13 години, нејзината мајка ѝ кажала, „душо сонував дека победуваш на Мис универзум во црвен фустан“.
Новата Мис универзум е родена во Австралија, а се преселила на Филипините на тинејџерска возраст. Таткото на Катриона, Јан Греј, е со шкотско-австралиско потекло, додека нејзината мајка Нормита е Филипинка. Убавицата од Филипините се занимава со пеење и со сликарство, покрај манекенството.
Тамарин Грин од Јужна Африка е прва придружничка, додека Венецуелката Стефани Гутиерез заврши како втора придружничка.
Шпанката Ангела Понсе стана првата трансродна учесничка на Мис универзум, откако беше симната забраната за учество на трансродни лица во 2012 година.