Песимизам среде напредок

Генерално гледано, човештвото денес е побогато од кога било во својата историја. А сепак, од краткотрајниот пандемиски предизвик, па до егзистенцијалната закана од глобално затоплување, постои едно широкораспространето чувство дека работите се движат во многу лош правец. Почетокот на новата година е нова можност за надеж, но дали песимизмот е пореална предодреденост?
За да дадеме одговор на ова прашање, би требало да ја разгледаме нашата тековна ситуација во еден поширок контекст. Во текот на првите 10.000 години од пронаоѓањето на земјоделството, човештвото немаше никаква шанса да постигне приближување до „утопија“, без оглед на тоа како беше дефиниран овој термин. Потоа, во текот на животот на нашите родители, баби и дедовци, на видикот се појави нешто што се приближуваше кон тој идеал. Па, сепак, ние одново и одново не успевавме да го разбереме. Како што имаше обичај да каже мојот покоен пријател Макс Сингер, вистинскиот „човечки свет“ ќе ни остане недостапен, сè додека на ја разбереме политиката на распределба на богатството.
Само до пред неколку генерации, човештвото маршираше во ритамот на малтузискиот тапан. Со технолошки напредок што беше многу бавен и постоењето на екстремно висока смртност, зголемувањето на населението значеше сè. Во свет во кој речиси една третина од постарите жени немаа живи синови или внуци, а со тоа немаа никаква социјална моќ, постоеше огромен притисок за раѓање што повеќе деца во текот на плодниот период од животот.
Растот на населението што дојде како резултат на оваа политика (притоа, без сразмерен раст во големината на домаќинствата) надомести со производствени добивки и приходи од подобрената технологија, одржувајќи го во стагнација типичниот низок животен стандард.

Најдобар обид на малтузиското општество за достигнување релативна среќа беше негувањето на обичајот за одложување на бракот, со што се намалуваше стапката на наталитет. Соочени со проблемот на неодржлив раст на населението, оваа практика претставуваше повеќе социјално, одошто биолошко решение. Истовремено, најдобар обид за среќа на елитата беше воведувањето непречен процес на извлекување на богатството од земјоделците и занаетчиите.
Се наоѓаме во третата деценија од 21 век, а човештвото речиси помина низ она што социјалните научници го нарекуваат демографска транзиција: премин од висока кон ниска стапка на наталитет и морталитет, благодарение најмногу на економскиот развој и технолошкиот напредок. Малтузискиот притисок за население повеќе не нè држи во сиромаштија. Нашата продуктивност значително ја надминува онаа на сите поранешни генерации, а притоа продолжува и да расте. Во следните две генерации ќе постигнеме пропорционален раст на нашите технолошки моќи, голем колку оној што го постигнаа нашите предци во 1870 година, уште од големата миграција надвор од Африка 50.000 години порано.
Во голем дел од светот веќе постои доволно големо богатство, кое обезбедува никој да не е гладен, незаштитен или ранлив на многубројните здравствени закани што порано скратуваа многу животи. Никому не мора да му е здодевно, затоа што има доволно информации и забава. На располагање се доволно ресурси, за секому да може да му се дозволи да креира или следи што и да замисли или посака. Точно е, никогаш нема да има доволно од сè за да се задоволат сите; меѓутоа, ако сме подготвени да се задоволиме со едно универзално основно достоинство, повеќе нема да постои никаква материјална причина за општество во кое луѓето се третираат со непочитување.
Тогаш, зошто изгледа дека работите се движат во многу погрешен правец? Прво, светот не успеа да изгради институции што може да излезат накрај со глобални проблеми какви што се климатските промени. Овој предизвик можеше да биде евтино решен од страна на претходната генерација.

А сега, избегнувањето на катастрофата и приспособувањето на веќе пристигнатата промена, дефинитивно ќе повлечат многу повисоки трошоци. И која би била целта? Само уште неколку години да се зачува богатството на грабливите индустриски магнати, создадено од фосилни горива?
Второ, неброеното светско богатство е апсурдно, ужасно и криминално лошо распределено. Во основа, милијарда луѓе можеби имаат паметни телефони и извесен пристап до здравствена заштита, но по многу нешта тие не се многу побогати од нашите прединдустриски малтузиски предци. Поминаа 75 години откако американскиот претседател Хари Труман донесе мудра одлука да го додаде глобалниот економски развој во агендата на глобалниот север (земјите со високоразвиена економија). Да беше жив, иако би бил среќен да види дека глобалниот југ сега е многу, многу побогат одошто беше во 1945 година, сепак би бил и многу разочаран од фактот што пропорционалниот јаз меѓу богатите и земјите во развој и понатаму останува огромен.
Очигледно е дека дури ни развиените земји, како САД, не се способни за правилна распределба на огромното богатство, создадено од современите постиндустриски економии. Изминативе четири децении докажаа дека не е точно неолибералното тврдење, во кое се истакнува дека општествата што се понерамноправни би ослободиле огромни претприемачки енергии, а подобрената економија би донела корист за сите учесници во неа. Покрај сето ова, политиките на благосостојба, полза и достоинство за сите луѓе постојано се блокираат.
Една од поголемите пречки е идејата дека сиромашните луѓе во општеството не само што не заслужуваат повеќе туку заслужуваат дури и помалку. Ваквиот став долго време се применува врз Латиноамериканците и Афроамериканците во САД, муслиманите во Индија, Турците во Британија и врз сите оние што некогаш се соочиле со радикален национализам.

Се чини дека во денешно време многумина веруваат дека просветителската визија за човечката еднаквост била погрешна и треба да биде заменета со принципот на Аристотел, според кој еднаквиот третман на нееднаквите не е праведен.
Следната пречка е од економски карактер. Долго време се претпоставуваше дека технологијата, капиталот и трудот на крајот секогаш ќе функционираат дополнувајќи се едни со други, затоа што секоја машинска и информатичка задача сè уште треба да биде раководена од човек. Меѓутоа, нашите технологии за обработка на информации го „наттрчаа“ нашиот образовен систем, а надежта за хармонична комплементарност остана само пуста желба.
Климатските промени, национализмот и предизвиците поврзани со нови технологии се само некои од големите проблеми со кои ќе се соочи човештвото во децениите што доаѓаат по пандемијата. Во својот прв говор за време на инаугурацијата, Френклин Д. Рузвелт се повика на стихот 29:18 од Библијата, каде што се вели: „Онаму каде што нема визија, луѓето изумираат…“ Сè додека во нашево време не се појави таква визија (ако воопшто се појави), луѓето пред себе ќе гледаат само темнина.

Авторот е професор по економија на Калифорнискиот универзитет во Беркли. Работел во секретаријатот на Министерството за финансии за време на претседателствувањето на Бил Клинтон