Цунамито на ковид-19 и новите пазари

Во 2020 година, цунамито на ковид-19 се очекуваше насекаде да ги уништи сиромашните и земјите со средни приходи. Бранот навистина дојде, а неговите последици беа болни, но помалку од очекуваните. Спротивно на повеќето прогнози, богатата Западна Европа и Северна Америка претрпеа многу поголема загуба на животи и економски штети.
Земјите со поголем број смртни случаи претрпеа поголем пад на приходите. Не се оствари коцкањето помеѓу животите и приходите, за кое силно се стравуваше. Напротив, помалку смртни случаи значеа поголема економска активност, така што приходите по жител се намалија повеќе во побогатите земји. Како резултат на тоа, не се случи очекуваното цунами за зголемена нееднаквост во светот. Во рамките на земјите, распределбата на приходите стана бизарна, затоа што угостителите и таксистите останаа без работа, а адвокатите и банкарите работеа безбедно во нивните домови, но нобеловецот по економија Ангус Дитон посочи дека всушност се намалил јазот меѓу богатите и сиромашните земји.
Никој не знае зошто посиромашните земји забележаа пропорционално помалку инфекции и смртни случаи.

Дали таквиот исход се должеше на послабите здравствени системи, лошата исхрана и поголемиот број хронично болни? Некои рани процени укажуваат на наводната предност од потоплите временски услови, но има малку докази за тоа. Се смета дека помладата популација имаше некаква улога, но тоа објаснување не е доволно, зашто здравствените резултати се разликуваат во земјите со сличен старосен статус на населението. Стареењето на популацијата може да го објасни лошиот исход во Латинска Америка, каде што смртноста од ковид-19 е една од највисоките во светот. На Латиноамериканците, кои долго време се сметаа себеси за раселени Европејци, конечно им се исполни желбата, па, така, регионот сега личи на Европа не само демографски туку и во својата ужасна неможност да ја контролира пандемијата.
Тогаш, кои се хероите на оваа приказна? Со сигурност не се ММФ и другите мултилатерални кредитори, кои уште еднаш потфрлија, бидејќи предоцна реагираа. Заемот од 250 милијарди американски долари од ММФ претставува само една четвртина од неговиот капацитет и практично една милостина во споредба со она што им е потребно на земјите и со она што го потрошија богатите земји за себе во пандемијата. Кина, единствената голема економија што забележа позитивен пораст минатата година, ја зголеми побарувачката (и цените) за извоз на стоки во земјите во развој, со што ги зајакна финансиите на овие земји. Но улогата на Кина е секундарна во споредба со она што го постигнаа најголемите светски централни банки.
Од последната светска финансиска криза знаеме дека одржувањето на ниските каматни стапки на подолг рок е моќна алатка за закрепнување.

Овој пат потрагата по приходи на инвеститорите предизвика новопечатените пари да завршат на оддалечените краеви на светот. Пазарите претрпеа удар лани во март и април, повлекувајќи невидени количества средства од новите и побогатите економии. Но одливите набргу престанаа, а на инвеститорите рацете им беа врзани. Ова отвори простор за вистинските херои на оваа приказна: макроекономските власти во многу земји во развој. За време на пандемијата, централните банки и министерствата за финансии ги искористија ултраниските светски каматни стапки и создадоа простор за политики за кој не се сметаше дека постои.
Централните банкари во земји како Чиле, Колумбија, Унгарија, Индија, Филипини, Полска и Тајланд не само што ги намалија каматните стапки туку воведоа и квантитативно олеснување и купување средства по локална валута, не до тој степен како богатите земји, но беа доволно големи за да направат разлика во намалувањето на трошоците за финансирање и олеснување на оптоварувањето на пазарот. Исто така, помогнаа и флексибилните девизни курсеви, дозволувајќи ѝ на локалната валута да се амортизира кога требаше да се приспособи на надворешните шокови.
Фискалниот одговор беше исто така многу посилен. Економското намалување за 2020 година во посиромашниот свет ќе биде многу помало отколку што се стравуваше. Според новите светски економски процени од јануари годинава, ММФ проценува дека падот на БДП е речиси пет отсто во напредните економии, а само половина од тоа во економиите во развој, каде што и закрепнувањето во 2021 година ќе биде побрзо. Дури и во Латинска Америка, каде што состојбите во јавното здравство и карантините го објаснуваат огромното намалување на производството од 7,4 отсто, сепак оваа бројка е помала од очекуваниот пад од 10 отсто што се прогнозираше пред неколку месеци.

Колку може да траат овие услови и колку ќе се покаже кревка основната макроекономска состојба? За пример земете го Бразил. Добрата вест е дека енергичниот фискален и монетарен одговор ги опфаќа рецесијата и уништувањето на работните места. Лошата вест е што јавниот долг наскоро ќе достигне 100 отсто од БДП. Долгот веќе го достигна тоа ниво во САД и во Велика Британија, но кривата на приходи во тие земји е рамна, што им овозможува на владите да позајмуваат по рекордно ниски стапки на долг рок. Наспроти тоа, во Бразил кривата на приходи е една од најстрмните во светот, што ја тера Владата да се задолжува со сè пократки рокови. Всушност, долгот на Бразил е претежно во домашна валута. Сепак, се создаваат услови сега да се намали бразилскиот долг. Никој не може да биде сигурен дали ќе настане нова паника за финансиска криза. Но сè повеќе набљудувачи на состојбата алармираат, и тоа не само во Бразил.

Авторот е поранешен министер за финансии на Чиле, декан на Школата за јавна политика на Факултетот за економија и политички науки во Лондон,
а предавал и на универзитетите „Харвард“, „Колумбија“ и „Њујорк“.