Зимски приказни од нашиот сокак

За вистински да се доживее магијата на некоја зимска приказна, нема подобар амбиент од планината. Но, за жал, и оваа зима некои од некогаш репрезентативните зимски капацитети, планинарски домови и детски одморалишта, ќе останат
затворени, руинирани или целосно опустошени

Времињата се менуваат, но спомените остануваат во сеќавање. На времето, кога јас бев дете, од сите годишни времиња најмногу ѝ се радував на зимата, не затоа што тогаш имавме зимски распуст и не одевме на училиште, или одевме на скијање во некои туристички центри, туку затоа што секоја вечер баба ми и дедо ми покрај огнот ни раскажуваа (зимски) приказни. Сите ние, браќата и другарите, откако во текот на денот во нашите маалски „скијачки центри“ ќе се изнаигравме на снегот, едвај чекавме да се стемни и да седнеме покрај шпоретот, на кој се печеа костени, и да ги слушаме приказните на баба ми и додо ми. Тогаш како дете слушав како мојот дедо со брод заминал на печалба преку „барата“, како што го викаше Атлански Океан, како ги поминал своите 14 години на печалба во Јужна Америка, а подоцна неколку години во Северна Америка и како се печали тој печалбарски леб. Речиси секоја вечер на „репертоарот“ имавме нови приказни од нивниот макотрпен живот, секоја поинтересна од претходната.
Зимските приказни на дедо ми и баба ми не беа како приказните од сликовниците на браќата Грим: „Пепелашка“, „Принцот жаба“, „Јованче и Марика“ („Златокоса“„ „Заспаната убавица“, „Снежана“, „Волкот и седумте јариња“…). Напротив, тие беа приказни од животот, за нивните страдања под турско, бугарско, српско ропство, за зулумите на балистите и Мефаил во Дебарца, за страдањата во НОВ и револуцијата, за колективите, за сиромаштијата… Или, со други зборови, тоа беа вистински македонски приказни од богатото македонско минато и историја.
Денес младите не слушаат такви приказни. Тие не слушаат и не читаат ни други приказни. Тие живеат во свој свет, во светот на дигиталната технологија, а возрасните (пре)зафатени од работа, немаат време да им раскажуваат приказни на своите деца и внуци. Денес наместо родителите, „зимски приказни“ на (нај)младите им раскажуваат и приредуваат општинските власти. Деновиве, пред Нова година и пред Божиќ, речиси немаше општина во државата што на своите сограѓани на плоштадите не им приреди „зимски приказни“. Како и другите градови, така и Општина Битола на битолчани им приреди богата „зимска приказна“, проследена со голем број детски претстави, концерти на бендови, празничен базар, улични перформанси и диџеј-игранки…
Околу 62 проекта, односно 300 часа активна програма ја сочинуваа годинашната зимска приказна во Битола, која се раскажуваше пред Офицерскиот дом и во дел од старата битолска чаршија.

Сите тие беа проследени со голем број огномети, кои го параа битолското небо. И сето тоа ќе беше добро да не беше густата магла, поради која прст пред око не се гледаше, а битолчани се задушуваа од маглата и нечистиот воздух. Веројатно слична беше состојбата и во другите градови во државата. Во отсуство на снег за некаква поверодостојна зимска атмосфера и амбиент, густата магла и загадувањето ги нарушија и впечатокот и расположението на граѓаните, кои наместо да се забавуваат, беа принудени да се затвораат и кријат во своите домови поради загадениот воздух. Прашањето е каков впечаток и колку ваквите магливи зимски приказни, полни со опасни и отровни честички во воздухот, ќе му останат некому во добро сеќавање.
За вистински да се доживее магијата на некоја зимска приказна, нема подобар амбиент од планината. За сите што барем еднаш го виделе Пелистер, знаат дека тој е прекрасен, и тоа не само во зима, туку во кое било време. Но, за жал, на Пелистер, и по 11 години од стравотниот пожар, култниот планинарски дом „Копанки“ сѐ уште не е подигнат од пепелта. Наспроти ветувањата за негова обнова, кои ги даваа(т)речиси сите општински власти, останаа само урнатините. Оваа ќе биде 11 по ред зимска сезона во која гостите на „Копанки“, наместо топол чај, ќе ги пречекаат урнати ѕидови, ’рѓосани железа или остатоци од парниот котел каде што избувна пожарот.
Како и планинарскиот дом „Копанки“, веќе неколку години е заклучено и детското одморалиште „Пелистер“, во кое секоја зима илјадници деца, не само од Битола туку од цела Македонија, зимуваа и им се радуваа на прекрасните снежни убавини што ги има на Пелистер и каде што ги доживуваа и раскажуваа своите најубави случки и зимски приказни. Од пред две години е затворена и ловечката куќа, која исто така изгоре во пожар и која сѐ уште чека на обнова.

Слична или полоша е судбината и на другите зимски и туристички центри во Македонија: Шапка, Маврово, Галичица, Кожув, Пониква…, за кои во изминатите години не само пред секоја зима, се изнаслушавме какви не „приказни “ за нивото заживување, но, за жал, од сето тоа ништо не е направено.
Ако денот по утрото се познава, граѓаните на Македонија и оваа зима многу малку ќе имаат можност да им се радуваат на зимата и своите вистински „зимски приказни“. За жал, добар дел граѓани, љубители на планината и скијачките спортови, своите „зимски приказни “ ќе ги гледаат и раскажуваат во некои од скијачките туристички центри во соседните држави: Грција, Бугарија, Србија… Зашто во нашите зимски туристички центри нема кој да раскажува приказни, бидејќи голем дел од нив или се затворени или не се подготвени за претстојната зимска сезона.