Да навиваме и да се надеваме дека набавката на новите 250 електрични автобуси ќе биде порано од предвидените две години. Придобивки од тоа ќе имаме сите како жители на овој град, бидејќи друго место за живеење немаме, ниту, пак, имаме друг воздух за дишење. Скопје ни е сѐ што имаме, тука сме се родиле, тука ги растеме идните генерации, тука оставаме дел од нас…
Што поскора набавка на електрични автобуси е една од иницијативите што се од суштинска важност за Скопје и неговите жители. Со години главниот град е еден од градовите што се соочуваат со енормно загадување на воздухот и иако многубројните анализи покажуваат дека сообраќајот не е главен загадувач на воздухот, сепак, и со тие 20 проценти учество во загадувањето е круцијален елемент од загадувачите на воздухот. Доколку би добиле комплетно нов автобуски возен парк сочинет од електрични автобуси, тоа значи дека процентот на загадување ќе се намали за значаен процент, како последица на промената на возниот парк на јавниот градски превоз.
Со почетокот на зимскиот период, Скопје се соочува со енормна загаденост, некогаш дури и концентрацијата на ПМ-честички во воздухот надминува 400 микрограми, а понекогаш тие се искачуваат и близу 1.000. Тоа се податоци што според Светската здравствена организација, според македонските експерти за здравство, но и според сите други релевантни организации, се еквивалентни на еколошка животозагрозувачка катастрофа од невидени размери.
Доволен показател за тоа се и порастот на респираторните заболувања и порастот на бројот на децата што имаат потреба од редовни инхалации поради голем број причини меѓу кои е и загадениот воздух. Ништо помал не е ниту бројот на кардиоваскуларни болести предизвикани токму од високата концентрација на ПМ-честички во воздухот.
Оттука, заложбите за справување со секој вид загадување се оправдани, очекувани и посакувани.
Јавниот градски превоз е крвотокот на градот. Неговото значење е непроценливо и од витална важност за град што е во постојано растење и урбанизирање.
Статистиката на градските власти вели дека автобусите на ЈСП изминале 18,2 милиони километри, или ја обиколиле Земјината топка 450 пати. Замислете колку чад, јаглерод диоксид и други штетни гасови и честички остава зад себе еден автобус во средината во која се движи?
Според податоците на интернет-страницата на Јавното сообраќајно претпријатие, ЈСП е несомнено најголем поединечен потрошувач на гориво во категоријата транспорт. Иако во неколку стручни анализи беше наведено дека сообраќајот не претставува тежиштен дел на загадувањето, тоа не значи дека сообраќајот не загадува, посебно автобускиот сообраќај, кој речиси 24 часа на ден учествува со голем број автобуси. Пред околу десетина години, во делот за животна средина, ЈСП „Скопје“ наведе дека како претпријатие просечно годишно троши околу 6.000.000 литри гориво. Тоа се приближно 30.000 буриња, кои кога би ги наредиле едно до друго, би достигнале и би го поминале Катланово. Со тоа што ЈСП „согорува“ над 6.000.000 литри гориво годишно, истовремено претставува и најголем поединечен потенцијален загадувач на животната средина во својата категорија.
Откако беше поскапено горивото во земјава, некои од возачите велат дека се чувствува релаксирање на сообраќајот, односно дека е зголемена фреквентноста на патниците во автобусите низ Скопје. Возачите тврдат дека сега полесно се вози низ градот, но и се забележува почистиот воздух што го имаме во градот изминатите денови.
Кога повеќето од граѓаните го користат автобускиот превоз, има помал метеж низ улиците во Скопје, а со тоа и двојно намалување на загаденоста на воздухот.
Во прилог на тоа оди и фактот што секогаш кога загадувањето на воздухот ги надминува дозволените граници, една од првите мерки што се презема е бесплатен јавен превоз за граѓаните. Целта е скопјани да ги остават возилата и да го користат јавниот градски превоз. Во случај кога јавниот градски превоз би бил електричен, односно, не би емитувал воопшто штетни честички во воздухот, во тој случај, загадувањето драстично би опаднало. Значи од која страна и да завртиме, позитивните придобивки ќе ги почувствуваме сите.
Да навиваме и да се надеваме дека набавката на новите 250 електрични автобуси ќе биде порано од предвидените две години. Придобивки од тоа ќе имаме сите како жители на овој град, бидејќи друго место за живеење немаме, ниту, пак, имаме друг воздух за дишење.
Скопје ни е сѐ што имаме, тука сме се родиле, тука ги растеме идните генерации, тука оставаме дел од нас…
Битката за здрава животна средина продолжува. Градските власти се фатија во костец со многубројните загадувачи, а ние, како граѓани, треба да бидеме соработници, да помагаме и да влијаеме, за да го исчистиме градот од ѓубрето, загаденоста и од здодевните ПМ-честички, кои секоја зима ни се најдобри пријатели.