Фото: Твитер/НАТО

Германскиот канцелар Олаф Шолц повторно ја отфрли можноста за воена интервенција на НАТО во Украина, а британскиот премиер Борис Џонсон истакна дека нема шанси Украина наскоро да се приклучи на Северноатлантската алијанса.

– Западот се уште се надева на ефикасност на санкциите против Русија. Нема да воспоставиме зони за забранети летови над Украина. Тоа би довело до директен воен судир со Русија и руските авиони – изјави Шолц на собирот организиран од дневниот весник „Велт“ во Берлин.

Германскиот канцелар рече дека се согласува со американскиот претседател Џо Бајден, францускиот претседател Емануел Макрон и другите сојузници дека не треба да има воен конфликт меѓу НАТО и Русија.

– Никој не може да го сака тоа, потенцираше Шолц.

Украинскиот претседател Владимир Зеленски доцна синоќа предложи Украина да се откаже од својата кандидатура за приклучување кон воената алијанса НАТО, што е клучното барање на Русија, јави Скај Њуз. Британскиот премиер Борис Џонсон ја коментираше изјавата на Зеленски и прашањето за влез на Украина во НАТО.

– Вчера повторно разговарав со Зеленски повторно и секако сфаќам што тој вели за НАТО и за реалноста на таквиот став. И сите отсекогаш велеа – и ние јасно му ставивме до знаење на Путин дека нема шанси Украина наскоро да се приклучи на НАТО – порача Џонсон додавајќи дека одлуката треба да ја донесе Украина и нејзиниот избран лидер, а Велика Британија ќе ги поддржи.

Украина е во преговори со Русија за договор за прекин на огнот и повлекување, при што Зеленски синоќа изјави дека преговарачките позиции сега „звучат пореални“.


НАТО планира повеќе трупи на источното крило

НАТО на денешната средба ќе побара од воените команданти да подготват планови за нови начини за одвраќање на Русија по воените дејствија во Украина, вклучително и дополнителни трупи и ракетна одбрана во Источна Европа, најавија официјални лица и дипломати.

Министрите за одбрана на земјите-членки ќе разговараат и со украинскиот колега Олексеј Резников, кој се очекува да побара повеќе оружје од поединечни земји на Алијансата додека продолжуваат руските напади врз украинските градови и руската војска се обидува да воспостави контрола над Киев.

– Мораме да ја ресетираме нашата воена способност за оваа нова реалност. Министрите ќе започнат важна дебата за конкретни мерки за зајакнување на нашата безбедност на долг рок во сите области – изјави вчера генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

Најмалку десет земји-членки на Алијансата, меѓу кои САД, Велика Британија и Франција, распоредија поголем број војници, бродови и авиони на источно крило и ги ставија во состојба на готовност. Рускиот претседател Владимир Путин на 27 февруари ги стави нуклеарните сили во состојба на готовност. Руски проектили погодија украинска база во близина на границата со Полска на 13 март. Полска е земја-членката на Северноатлантската алијанса.