Епитаф за нашата културна изолација

Замислете, скопската публика на тој 15 јуни 1968 година што била на балетската претстава на Пол Тејлор во Универзална имала привилегија да ужива во костимите (во балетскиот чин насловен Епитаф) на славниот американски сликар Роберт Раушенберг! Покрај одушевувањето од откривањето на овој податок, едновремено ме обзеде и чувство на малодушност и пораз. Ме погоди сознанието за тоа колку денес сме далеку од сето ова, во смисла на тоа вакви неверојатни културни настани се случувале тука, во овој наш град, токму тука, на неколку стотини метри од местото каде што сега живеам, и тоа пред децении

Додека работев на монографијата за Универзална сала, „Скопскиот симбол на хуманоста“, уште во фазата на истражување, која беше можеби најтешкиот дел од работата затоа што историјата се протега на цели шест децении, наидов на многу фасцинантни откритија. Ако знаеме дека Универзална сала била домаќин на историски настани и била синоним за културното живеење на градот, може само да се претпостави колку е богата и разновидна архивата. Најголем дел од материјалите се наоѓа во Државниот архив на Македонија, а дел во депоата на самата институција.
Станува збор за илјадници и илјадници страници пишан материјал, фотографии, плакати, писма, документи, кореспонденции, влезници, преписки, исечоци од весници, техничка документација… Во тој процес на прегледување и прелистување на материјалите (кои, патем, не се евидентирани на начин што е едноставен за анализа, напротив, она што ми беше потребно беше во ист куп со тон бирократска документација), повеќепати почувствував невидена возбуда откако ќе наидев на податок што ми е непознат. Веќе некаде кажав дека ова ми беше највозбудливиот креативен проект на кој досега сум работела, затоа што во купот хартии наидував на познати факти и настани, но и на некои незамисливи податоци.
Ете, така открив дека во 1968 година во Универзалната сала гостувал култниот Американскиот балетски театар на Пол Тејлор, великан на современата кореографија во тоа време. Пол Тејлор (1930-2018) е американски кореограф, еден од пионерите на модерниот балет на 20 век. Неговата балетска компанија е основана во 1954 година. Тој важи за еден од ретките претставници или пионери на американскиот модерен танц. За тој настап од 15 јуни 1968 година во весникот „Нова Македонија“ пишува нашиот најистакнат историчар на уметност Борис Петковски, откривајќи една неверојатна работа: „По Белград, во Скопје неодамна гостуваше Американскиот балетски театар на Пол Тејлор од Њујорк. Во салата на Центарот за организирање приредби, овој ансамбл се претстави со концерт, кој Б. Драгутиновиќ во еден свој приказ го означи како вечер на модерниот балет. Ова играчко тело се чини дека дејствува веќе речиси една деценија. Негов основач е Пол Тејлор, денес, според мислењето на весникот ’Тајмс’, великан на современата кореографија. Оваа балетска компанија е мошне подвижна и досега има посетено повеќе земји, поради што нејзините членови ја добија етикетата амбасадори на пријателството помеѓу народите. Ансамблот на Пол Тејлор има мошне карактеристична програма. Со неа се опфатени музички творби од големите мајстори на музичката класика Вивалди, Бах, Хендл и Бетовен и композиции на низа современи автори.

Таква беше музичката физиономија и на скопскиот концерт на ова извонредно карактеристично уметничко тело. Кореографскиот стил на Пол Тејлор е модерен, доколку за таква оцена е достапно интелигентно, промислено и вешто заборавање на ригорозните кореографски системи на академскиот класичен балет. Тејлор очигледно ја оформува својата кореографска концепција со прифаќање на танцовиот систем на Марта Греам, во извесна смисла на Далкроз, Лабан итн. Тој негува една неконвенционална, слободно конципирана игра, во која обично биолошко движење, став на телото со спонтано усвоена симболика на ставовите и пластичната динамика на човечкиот корпус, тежнее да најде визуелно-ритмичко-динамички корелации со емоционалната и идејна суштина на одредената музика… Особен квалитет на овој концерт е и извонредната светлосна и особено костимографска опременост. Таков впечаток не ме изненадува кога костимите за Епитаф се дело на прочуениот современ американски сликар Роберт Раушенберг (добитник на премијата за сликарство во 1964 година на Биеналето во Венеција), а во Ленто на неговиот колега и сонародник Елворт Кели“.

Замислете, скопската публика на тој 15 јуни 1968 година што била на претставата имала привилегија да гледа танчари облечени во костими – дело на легендарниот Раушенберг!
Покрај одушевувањето од откривањето на овој податок, едновремено ме обзеде и чувство на малодушност и пораз. Ме погоди сознанието за тоа колку денес сме далеку од сето ова, во смисла на тоа вакви неверојатни културни настани се случувале тука, во овој наш град, токму тука, на неколку стотини метри од местото каде што сега живеам, и тоа пред децении. Посакував да можам да се вратам назад, во оние шеесетти, седумдесетти, во времето кога моите или вашите родители, на пример, оделе во Универзална. Жално ми е дека не можеме да се пофалиме и денес со еден таков континуитет на гостувања и претставувања на врвни уметнички дела, што денес речиси нѐ нема на светската културна мапа, што повеќе не сме дел од ничија патувачка агенда.