Домаќинството на спортските настани – злато вреди

Нацијата најмногу се издигнува, сплотува и мотивира преку домашна организација на големи спортски настани и, секако, со успесите на спортистите, проследени со овации на публиката и развиорени црвено-жолти знамиња

Не знам дали сте забележале, но Македонија секоја година добива сѐ повеќе шанси да биде домаќин, односно организатор на балкански, европски и светски натпреварувања во сите возрасни категории и во сѐ повеќе различни спортови. А тоа секако зад себе влече голема популарност, како за самата држава така и за македонските спортисти или, народски речено, сето тоа вредно злато.

Зошто? Затоа што македонскиот народ е желен за спорт, за победи, успеси, бодрење на своите миленици, за еуфорично славење… А, тогаш на присутните крај боралиштата, татамите, салите, атлетските патеки, на стадионите, душата им исполнета, а чувствата тешко можат да се опишат било да се слави победа или да се пушти понекоја солза од доживеаниот пораз во последната секунда. Во секој случај, спортскиот дух ќе лебди над неизвесните и возбудливи натпревари, кои некому ќе му донесат радост, а некому тага.

А, напредок во оваа насока и понатаму мора да има. Спортската упорност и желба за добивање нови организациски победи, без разлика на конкурентите и нивниот квалитет и углед, треба да продолжат со уште посилно темпо. Со други зборови, агитирањето и креирањето план да се прикажеме во што подобро светло со разни посети, разговори и поставени цели, со кои ќе ги убедиме надлежните фактори на спортски федерации низ светот, треба целосно и квалитетно да бидат изработени и презентирани. Гледаме дека сѐ повеќе во светот доминира коорганизацијата на континенталните и светските спортски настани, па шансата за добивање домаќинство во некој спорт автоматски станува сѐ поголема. Но истовремено, поради конкуренцијата, темелите на таа доверба кон успех треба да бидат што подлабоки и во подем. А и нацијата најмногу се издигнува, сплотува и мотивира преку домашна организација на големи спортски настани и, секако, со успесите на спортистите, проследени со овации на публиката и развиорени црвено-жолти знамиња.

Најдобар пример за горенаведеното е признанието што ни го упатија високите претставници на Европската џудо-унија (ЕЈУ), предводени од потпретседателката на Европската џудо-унија, Португалката Катарина Родригез, при ланското присуство на Европскиот јуниорски куп во Скопје. Нејзините зборови упатени до Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ) и денес сѐ уште одѕвонуваат со својата тежина.
– Првпат сум во Македонија, во Скопје, и навистина сум импресионирана од посветеноста и професионалната работа на ЏФМ да го претстави овој спортски настан на толку високо ниво, преку интересот на медиумите, поддршката на локалните власти. Многу сме горди на она што го видовме и со нетрпение чекаме повторно следната година (2025, н.з.), да работиме заедно со овој одличен тим, но на ЕП за кадети во истата оваа спортска арена. Среќна сум што ЏФМ напредува, како и за активностите што ги презема во врска со овој Европски јуниорски џудо-куп, кој по вторпат се одржува во Скопје, по првиот успешен ваков настан одржан минатата година (2023, н.з.) – изјави тогаш меѓу другото Родригез при престојот во Скопје.
Има ли поубаво нешто да се чуе од ова кога се работи за преземање на организација на значаен и масовен спортски настан, која не е нималку лесно да се реализира. А, ете, ЏФМ за шест дена (20 и 21 септември) во Скопје ќе биде повторно пред нов спортски настан и нов по прашањето на неговата организацијата. Станува збор за Европскиот куп во џудо за сениори. Ова е всушност четврти голем меѓународен настан што ЏФМ го организира годинава, по ЕП за кадети, Европскиот куп за јуниори и Европскиот младински олимписки фестивал (ЕМОФ), во кој и џудото беше составен дел од неговата манифестација.

Во оваа пригода да се потсетиме и на тоа дека само годинава Скопје беше организатор на натпреварувањето за развој на млади кошаркари/ки (до 13 години), а се одржа и ЕП во Скопје (дивизија Б) за мажи до 16 години. Понатаму, од позначајните манифестации, во Скопје и Охрид во 2008 година се одржа ЕП во ракомет за сениорки, а во 2022 година Македонија беше коорганизатор со Словенија и Црна Гора на ЕП за сениорки. Во 2023 година Македонија, Италија, Израел и Бугарија беа домаќини на група на ЕП во одбојка за сениори. Во џудо годинава се одржаа Европскиот куп за јуниори и ЕП за кадети, а следува и Европскиот куп за сениори. Во минатото во Македонија се одржаа и ЕП во шах, ЕП во забрзан и брз шах, Европски клупски куп (ЕКК) во шах, а најзначајното натпреварување воопшто, секако, беше Шаховската олимпијада (ШО) во 1972 година во Скопје. Исто така Македонија беше успешен домаќин и на повеќе индивидуални првенства претежно во боречки спортови итн.
Сето ова само покажува дека во Македонија евидентно има квалитетно подобрување на условите за работа во клубовите, создавање навремена и здрава селекција спортисти со соодветни подготовки, а сето тоа во правец на остварување високи натпреварувачки цели на ЕП и на СП, но секако уште многу далеку од посакуваните услови, кои треба да владеат.

Секако дека секој оптимизам е добродојден кога е во насока на креирање на оние следни чекори и остварување на планираното како во подготовките така и на официјалните натпревари на значајните меѓународни турнири. Но, тој треба да се базира и на моменталната реалност, можниот капацитет и, секако, максималното искористување на секој слободен миг во организацијата на истото тоа. Не треба да го заборавиме и тоа дека до успех во никој случај не се стигнува прекуноќ. Напредок во спортовите сепак мора да има, а спортската упорност и желба за победа, и индивидуална и колективна, ќе мора да се засили, без разлика на ривалите, и таму каде што ќе се остварува (дома или на гости), ако се сака да се покажеме кај меѓународните спортски федерации во разни спортови. На тој начин со помош на нашите бучни навивачи и колекцијата на поединечни спортски одличја, полека но сигурно ќе се зголемува и исполнува македонската трофејна ризница, оти место во неа сигурно се согласувате дека сѐ уште има, без разлика што не сме светска спортска велесила. Но полетен ентузијазам, мотивираност, желба за успех и услови за работа се фактори што успеваат да ги остварат соништата на спортисти, било тоа да се надежи или искусни сениори.

Сето ова само ја покажува исправноста во давањето доверба кон нашата држава, иако до таа доверба не се доаѓа прекуноќ. Токму затоа фокусот треба да биде насочен на тој толку посакуван организациски напредок, во кој треба да бидат вклучени сите релевантни фактори, почнувајќи од Министерството за спорт, иако и тоа треба да се базира и на моменталната реалност, можниот капацитет и секако максималното искористување на секој слободен миг. Ако се успее, тоа секако ќе биде и победа на една клупска или стратегија на спортска федерација, која се темели врз младите и нивниот правилен спортски и друг развој, против силните и реномирани држави со богато играчко и организациско искуство, каде што ќе биде потребно и соодветно лоби.

Спортска Македонија засега може да се радува на тоа што го организирала во својата држава на спортски план, да ги велича и своите миленици за успесите што ги покажале на теренот, а доживеаните непријатности полека да ги заборава, но кои и остро опоменуваат како не треба да се работи на овој план во иднина. Токму затоа, сметам дека ќе се согласите, инвестирањето во организацијата на спортски настани во Македонија, со цел подобрување на секое натпреварување, па и на спортистите, кои често ги гледавме на големите репрезентативни и клупски спортски успеси, како ракометарите, кошаркарите, одбојкарите, таеквондистите, каратистите, шахистите…, треба да биде заедничка определба на сите. А она што ќе остане по одржаниот настан и објектите што би биле изградени само ќе послужат за нивно спортско искористување. А, за сето тоа да стане јаве, може да се постигне само со тимска работа, скромност, дисциплина, почитување и секако желба за докажување како нација. Македонија е сепак дел од Европа, нели!