Токму поради ваквата кармакаша што се направи во и од државата, која многумина за жал веќе и не ја перципираат како правна држава со препознатливи и недвосмислени правно-политички атрибути, времето созреа за автентичен македонски устав, кој ќе го отслика вистинскиот карактер на македонската држава, како држава на македонскиот народ и сите други што живеат во неа, во која ќе се почитуваат сите малцински права и слободи во согласност со европските и светските конвенции. Актуелниот устав ги исцрпи сите свои можности, стана „правно-политички калемен“ и нејасен, така што крајно време е експериментите со него да заминат во историјата. Тоа значи да се седне и наместо да се бараат решенија како Бугарите да бидат вметнати во Уставот, да се подготват клаузули што ќе биде гарант за македонскиот идентитет, јазик, историја и култура. Подобра гаранција од највисокиот правен акт во земјава не може да ни даде никој, ниту Брисел, ниту Вашингтон, ниту, пак, некој друг, ако не си ја дадеме самите
Стивна бурата околу внесувањето на Бугарите во македонскиот устав најмногу поради другите секојдневни актуелности во државата, кои несомнено успеваат да го одвлечат вниманието на јавноста од настаните што течат зад кулисите.
Токму така, тоа што сега сите очи се вперени кон мистериозниот договор за изградба на коридорите 8 и 10, кон случувањата во Судскиот совет, кон писмото на американската амбасадорка Агелер околу состојбите во судството, кон кандидатите за амбасадори, но и кон многу други дневни случувања на кои веќе крајот не може да им се фати, во никој случај не значи дека работата со внесувањето на Бугарите во македонскиот устав е ставена настрана.
Имено, неодамна работната група за подготовка на предлог-иницијативата за потребата од уставни измени со кои Бугарите би се додале во Уставот заедно со другите етнички заедници ја одржа конститутивната седница, започнувајќи ја процедурата надвор од вообичаената практика, која предвидува уставните измени да се иницираат во собраниската комисија за уставни прашања.
Тоа се прескокна, па затоа и не треба да чуди зошто докажаните експерти за уставна проблематика куртоазно ги одбија поканите и тие да бидат дел од оваа работна група, јасно истакнувајќи дека се знае каква е процедурата кога се менува Уставот и дека тие не сакаат да бидат дел од таквата вонпроцедурална игранка.
Но, нејсе, власта решила да ја турка работата со уставните измени оти така ветила, а роковите сè повеќе притискаат, бидејќи дури и опозицијата уште денес да се согласи да поддржи уставни измени, за тоа е потребен одреден временски период за да се стигне навреме до ноември, кога завршува скринингот и кога би требало да почнеме со отворање на поглавјата (ако и тука Брисел не измисли нешто ново).
Како и да е, официјална Софија будно ја следи целата ситуација и бугарскиот технички министер Милков јасно порача дека тие нема да прифатат какви било уставни измени, односно бадијала работи нашата работна група ако решенијата што ќе ги донесе не се по мера на источниот сосед.
И Милков и неговиот ментор Румен Радев сè почесто ја употребуваат фразата „македонски Бугари“, што јасно упатува на заклучокот дека тие ќе инсистираат така и да бидат запишани луѓето со бугарска самосвест, што води кон посебно идентитетско загрозување однатре. На тој начин Бугарија не само што ги негира македонскиот идентитет и јазик, туку и внатре во македонското општество ќе инсталира петта колона, која ќе работи на спроведување на големобугарските апетити и дополнително ќе сее внатрешен раздор.
Затоа, доколку тече вака, целата работа околу уставните измени уште во стартот ќе биде јалова, нема да донесе ништо револуционерно, а од македонскиот устав ќе направи уште поголема каша, во која никој повеќе не се снаоѓа. Ако на таа нова бугарска петта колона што би се инсталирала со новокомпонираната кованица „македонски Бугари“ се придодадат и оние што секое отворање на Уставот го користат за уцени и пазарење за реализација на етноцентричните идеи, тогаш Македонија нема никаква перспектива како држава, туку станува само обична административна територија на етнички заедници, од кои сите имаат матични држави, со исклучок на Македонците. Тоа создава дополнителни фрустрации кај македонскиот народ, кој врз свои плеќи и на сопствена штета го понесе сиот товар на евроатлантските интеграции, додека другите си стоеја настрана и солеа памет од типот дека не е страшно ако се смени името, немало никој да ни го земе јазикот, а за историјата, таа и така била анахрона и затоа требало да гледаме кон иднината. Но тие „20 отсто“ од Уставот морале да се избришат, било навредливо.
Е, токму поради ваквата кармакаша што се направи од државата, која многумина веќе и не ја перципираат како држава, времето созреа за автентичен македонски устав, кој ќе го отслика вистинскиот карактер на македонската држава, како држава на македонскиот народ и сите други што живеат во неа, во која ќе се почитуваат сите малцински права и слободи во согласност со европските и светските конвенции.
Пред нешто повеќе од 30 години првиот македонски устав, од највисоките светски признаени уставни експерти беше оценет како најдобар и најдемократски, беше одраз на светогледот на македонскиот народ за еднакви права и слободи за сите, но и еднакви права и обврски кон сопствената држава. Оној момент кога се напушти тој уставен концепт и Уставот се претвори во амандмански мозаичен лавиринт, тогаш и државата го загуби сопствениот карактер, при што веќе е невозможно прецизно да се дефинира и концептот на актуелниот устав, дали е тој национален, граѓански или, пак, некој хибриден, а од самата преамбула веќе не може да се констатира чија и каква држава е всушност Македонија.
Како и да е, актуелниот устав ги исцрпи сите свои можности, стана „правно-политички калемен“ и нејасен, така што крајно време е експериментите со него да заминат во историјата.
Тоа значи да се седне и наместо да се бараат решенија како Бугарите да бидат вметнати во Уставот, да се подготват клаузули што ќе биде гарант за македонскиот идентитет, јазик, историја и култура. Подобра гаранција од највисокиот правен акт во земјава не може да ни даде никој, ниту Брисел, ниту Вашингтон, ниту, пак, некој друг, ако не си ја дадеме самите.
Во таквиот устав треба јасно да стои дека Македонија е држава на македонскиот народ и на сите други малцински заедници што живеат во неа, посебно истакнување на АСНОМ во преамбулата како основен постамент врз кој почива современата македонска држава за која се бореле заеднички сите, но за која најголемиот број жртви ги дале токму Македонците и со својата крв во Втората светска војна и подоцна со одлуките на АСНОМ успеале конечно да ја заокружат македонската државност.
Јасно треба да се посочи и на историскиот континуум, почнувајќи од идејата за сопствена држава низ вековите до развојот на јазикот низ вековите, заклучно со неговото кодифицирање, за да се отфрли каква било можност да се оспоруваат македонската државност, јазик и историја и сето тоа да се става во некаков однадвор диктиран временски контекст.
Особено е важно во таквиот концепт да се позиционира македонскиот јазик како основно обележје на народот што е носител на државноста, но и кој ќе биде означен како официјален јазик што ќе биде главното средство за комуникација меѓу сите граѓани, како нуклеус околу кој ќе се обединува целото општеството.
На крајот, текстот во овој нов акт треба да биде заокружен со потенцирањето на унитарниот карактер на Македонија, како единствена татковина на сите што живеат во неа и ги уживаат сите права и демократски слободи.
Сите оние што ја чувствуваат Македонија како своја држава и кои искрено сакаат таа да стане пристојно место за живеење нема зошто да се противат на идејата за ваков нов устав, кој ќе биде одраз на вековниот стремеж на македонскиот народ, но и на сите други граѓани, да живеат во модерна, демократска и напредна држава.
В понеделник македонските граѓани ќе го одбележат 1 Мај – Меѓународниот ден на трудот, традиционално со синдикални собири, со чинија работничко гравче и вообичаените пораки за поголема грижа за правата на работниците. Ете убава можност за некои експерти што утре можеби ќе почнат да работат на нов уставен текст, да не забораваат на работниците и да ги усогласат работничките права во согласност со европските практики, со исто онолку работни часови и права какви што уживаат работниците низ Европа. Нашите работници го заслужуваат тоа. Нека е честит 1 Мај.