Ќе се избегне ли стапицата на Тукидид?

Колку САД, Кина и нивните сојузници се предодредени за војна ако се знае дека 12 од вкупно 16 примери во историјата, во кои една сила во подем ја предизвикала доминантната сила, завршиле со конфликт. Но ривалството не е само теоретско бидејќи САД веќе извршија крупни промени во националната стратегија и ги означија Кина и Русија како најголема безбедносна закана

Деновиве повторно се актуализира концептот за стапицата на Тукидид, развиен од американскиот политиколог и професор на „Харвард“, Грем Елисон. Тој во својата книга „Предодредени за војна: можат ли Америка и Кина да ја избегнат стапицата на Тукидид“ зборува за ситуација во која една земја во подем се заканува да ја разниша доминатната позиција на една глобална суперсила. Во aнтиката тоа била Атина наспроти Спарта, потоа во 19 век била Германија наспроти Британија, а денес тоа е Кина наспроти САД. Професорот анализирал примери од историјата и идентификувал 16 во кои земји во подем предизвикале некоја доминантна сила, при што дури 12 од нив завршиле со војна. Прашањето што сега си го поставуваат теоретичарите е дали ривалството меѓу Кина, САД и нивните сојузници може да доведе до војна со глобални последици.

Но судирот меѓу САД и Кина повеќе не може да се сведе само на теоретски трудови. Тој веќе влезе и во новата национална одбранбена стратегија на Пентагон, кој ги посочи Кина и Русија како главни закани за американските интереси, поголеми дури и од тероризмот. Американците по терористичките напади на 11 септември 2001 година заглавија во т.н. борба против тероризмот и војните во Ирак и во Авганистан, но сега полека го вртат вниманието од Блискиот Исток кон Кина и кон Русија, а со него доаѓаат и соодветните воени, политички и економски капацитети што би требало да се искористат за попречување на ривалите. За многу аналитичари, тоа е драматичен пресврт, кој може да има далекосежни последици. Се разбира, Русите и Кинезите веднаш го искритикуваа американското свртување како уште една потврда на „американскиот империјализам“ и „менталитет заглавен во Студената војна“.
Некои експерти оценуваат дека во Вашингтон допрва се формира сеопфатна стратегија против Кина, а паралелно со неа и против Русија, бидејќи таа се јавува како клучен кинески сојузник на глобалната сцена.

Американците полека го согледуваат степенот на соработка меѓу Москва и Пекинг, кој се протега низ сите сфери, воена, политичка, економска итн. Нивните армии вежбаат заедно, а двете земји заеднички настапуваат во глобалните форуми и се обидуваат да го оспорат американскиот статус на доминантна сила.

Повоинствените аналитичари оценуваат дека ако Кина е главен предизвик за националните американски интереси во 21 век, тогаш Вашингтон мора да стори сѐ за да ги спречи Пекинг и неговиот сојуз со Москва. Некои дури посочуваат дека САД треба да сторат сѐ за да ја вратат Москва на своја страна, колку невозможно и да изгледа тоа во овој момент. Надежта е дека претседателот на САД Доналд Трамп можеби сега, по ослободување од обвиненијата за руска соработка за претходните претседателски избори, можеби ќе може посериозно да се посвети на соработката со Москва, без да му се припишува дека е само „марионета на Владимир Путин“. Некои најавуваат „нова ера во мандатот на Трамп“, во која ослободен од руските обвиненија, тој би можел да се врати на патот на „освежување“ на глобалниот поредок. По неговото влегување во Белата куќа, многумина веруваа дека Трамп ќе може да ја покаже својата „уметност на договарање“ и да се помири со земји што до вчера беа лути ривали на САД. Резултатите засега се дискутабилни. Трамп знае да критикува на Твитер и во еден миг да разниша со децении стари позиции (на пример, со признавањето на Ерусалим како главен град на Израел или на Голанската Висорамнина како израелска територија), но знае и да седне на маса со лидери со кои САД до вчера не веруваа дека ќе преговараат – се среќаваше со севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун ама не успеа да најде компромис, а разговараше и со Путин и со Си Џинпинг, на кои им се восхитуваше на лидерството, но истовремено водеше трговски битки со санкции и со царини. Колку оваа мешавина на моркови и стапови може да доведе до посериозен глобален конфликт, останува допрва да видиме.

Во меѓувреме, суперсилите се обидуваат да се оспорат на разни фронтови и краишта на светот. Администрацијата на Трамп се сврте кон Венецуела во која свои интереси имаат и Русија и Кина. Како што вели еден аналитичар, Венецуела за САД е тоа што е Украина за Русија. Москва и Пекинг ќе сторат сѐ за да ги оспорат САД во својот двор, а Американците ќе сторат сѐ за да го спречат тоа. Така може да се протолкува и неодамнешната, намерна или ненамерна, изјава на Трамп и на неговиот советник за национална безбедност Џон Болтон, дека САД поддржуваат членство на Бразил во НАТО и дека сакаат јужноамериканската држава да стане главен сојузник на Вашингтон со кого ќе решаваат разни прашања, од Венецуела до Иран и Кина. Додека едни го критикуваат Трамп дека не знае како функционира Алијансата, дека Бразил не е во Европа, дека ќе треба да се менува договорот за НАТО или дека САД ќе треба да бараат консензус од сите членки на Алијансата, други препознаваат малку посуптилен контекст. Бразил не е која било земја. Таа е членка на блокот БРИКС, кој е предводен токму од Русија и од Кина. Двете суперсили сигурно нема мирно отстрана да гледаат како Американците се обидуваат да го растурат блокот, кој се залага за мултиполарен свет и сака да ја разниша глобалната доминација на САД, нивната армија и нивниот долар. Кина и Русија сигурно нема да дозволат САД и Бразил, како што предлага Болтон, заедно да решаваат прашања поврзани со Кина, Иран или со Венецуела.

Венецуела е само една од последните земји врз чиј грб се кршат копјата на суперсилите, слично како и во Сирија. Додека Американците и нивните сојузници го признаваат опозицискиот лидер за легитимен претседател, Кинезите и Русите му даваат поддршка на актуелниот претседател. За тензиите да бидат уште поголеми, деновиве таму слетаа руски војници и опрема, што многумина го протолкуваа како јасна порака на Москва до Вашингтон.

Венецуела сигурно не е и нема да биде последната земја преку која најмоќните ќе си ги мерат силите. Веќе се прогнозира дека влегуваме во нова студена војна, но овој пат главни протагонисти ќе бидат САД и Кина, а не Русија (која според прогнозерите ќе биде помалиот коалициски партнер). Разликата во однос на Студената војна од 20 век е во тоа што економиите на суперсилите сега се испреплетени и што главната битка ќе се води за новите технологии, од кои во иднина ќе зависи економскиот развој. Ова не значи дека новата студена војна ќе биде помалку опасна од претходната. Напротив, со семоќни нуклеарни и други оружја, шансите за лоша процена и за катастрофа се многу поголеми. Но како што нагласува самиот професор Елисон, војната меѓу САД, Кина и сојузниците не е неизбежна. Концептот за стапицата на Тукидид е заснован на дипломатија, а не на судбина. Прашањето е само како ќе ја скројат.

[email protected]