Заветот на избраните

И сега примери со неодржан збор и изневерени очекувања можеме да редиме во недоглед и тие да одат на сметка на една или друга институција, власт или опозиција, јавен или невладин сектор итн. Сето тоа се некакви буџетари што живеат на грбот на другите и трошат туѓи (народни) пари. Доколку се работеше за сопствениот џеб, приказната ќе беше поинаква

Во ова бурно време на апсурди и парадокси, изгледа веќе ништо не може да нѐ изненади. И како држава и како граѓани и без разлика дали изненадувањето доаѓа однадвор или однатре. Се навикнавме на непринципиелности, двојни аршини, лажен морал, празни ветувања, изиграни очекувања… до таа мера што сето ова ни изгледа некако нормално и вообичаено. Како така да требало да биде. И ако е за утеха, ваквиот синдром на превртени вредности не нѐ погаѓа само нас како држава туку од него страдаат и други многу поголеми држави, светски сили и нивните лидери.
Еве, на пример, американскиот претседател Доналд Трамп вчера изјави дека се труди да зборува вистина секогаш кога може, иако понекогаш се случува нешто поинакво да се случило или променило. Токму американскиот претседател е постојано изложен на критики на американски медиуми и противници дека лаже или извртува вистина во врска со одделни работи. Неодамна „Политифакт“, агенција на непрофитниот Институт на Појнтер, на 11 страници објави лажни изјави на американскиот претседател. За превртливите политики, двојните стандарди, изиграните ветувања на Европа и да не зборуваме.

Но да се вратам на домашен терен, ветувањата и држењето до зборот на нашите избрани функционери и народни претставници. Во тој контекст воопшто не ме изненади веста дека општината Сарај донела одлука да ги ослободи од комунални давачки поранешните борци на ОНА. Патем, ова било и предизборно ветување на актуелниот градоначалник, кој, ете, решил сега да го оствари. Тоа што општинската каса се полни од парите на сите граѓани, а привилегија ќе имаат малкумина, не го интересира. Ниту тоа што ваквата одлука е противзаконска, спротивна на Уставот, дискриминирачка по повеќе основи.

Човекот барем се држи до своето ветување. Зошто, нели, од памтивек останала изреката дека човек се држи за збор, а магаре за опашката.
Е, сега, за разлика од градоначалникот на Сарај, кој држи до дадениот збор и ветување, многумина имаат кратко паметење и брзо забораваат што кажале и што потпишале. Народните избраници на пример при стапување на функцијата дадоа и потпишаа свечена заклетва дека ќе го почитуваат и бранат Уставот на државата. Една година подоцна апсолутно мнозинство од пратениците смета дека Уставот, во кој се заколнаа дека ќе го бранат, не е добар и треба коренито да се промени. Во него да се избришат, допишат или вградат делови со кои суштински ќе се сменат карактерот и дефинирањето на државата и народот. Некои академици ова го нарекоа еволуција на мислење. Во науката под поимот „еволуција“ се подразбираат долг временски интервал и цели епохи. Кај нас човек може да еволуира (смени мислење) за неколку часа или минути! Опозицијата извади дефиниција за оваа појава и ја нарече „виша сила“. Таму серијата оставки и промената на мислењата не биле по пат на еволуција туку како резултат на „виша сила“.

Но одиме понатаму. Писмени гаранции пред претседателот на државата пред доделувањето на мандатот има депонирано и актуелниот премиер, во кои исто така се гарантираат заштита на уставниот поредок и недоведување на Република Македонија во зависност или потчинетост од страна на друга држава. Во одредени политички и експертски кругови, пак, има толкување дека со спогодбите со Бугарија и особено со Грција, Македонија е доведена во целосно зависна и потчинета позиција. Дали е навистина така, ќе покажат времето и настаните. Како и со нацрт-амандманите за спогодбата со Грција, преку кои, ете, ненајавено влезе и рамковниот договор.
Или да се спуштиме на пониско општинско ниво. На локалните избори добивме ветувања и гаранции дека ќе се исчисти воздухот и ќе се намали аерозагадувањето.
Деновиве, пак, повторно од реномирани европски и светски агенции стигнуваат информации декa Тетово и Скопје се на врвот на ранг-листата како најзагадени градови во светот, што резултира со смртност на илјадници граѓани годишно. Наши сограѓани, соседи, блиски пријатели секојдневно умираат заради загадениот воздух.
И наместо преземање итни и конкретни мерки од загадувањето, се прави пародија, се кажуваат шеги, се изведуваат скечови со заштитни маски. Ѓаволот одамна ја однел шегата, а некому му е до смеа, и тоа баш на оваа тема! Затоа уште на почетокот напишав дека веќе ништо не треба да нѐ изненади, иако се сака сето ова да се претставува како нормално и вообичаено. Ама не е нормално и не смее да остане вообичаено. Почнувајќи од воздухот, па до највисоката политика.
И сега примери со неодржан збор и изневерени очекувања можеме да редиме во недоглед и тие да одат на сметка на една или друга институција, власт или опозиција, јавен или невладин сектор итн. Сето тоа се некакви буџетари што живеат на грбот на другите и трошат туѓи (народни) пари. Доколку се работеше за сопствениот џеб, приказната ќе беше поинаква.

Во политиката за погазен збор, променет дрес, неодржано ветување или проневерена доверба некогаш дури може и да ве прогласат за херој, да ве наградат со функција, па дури да ви дадат и амнестија. Да ве исчистат од гревовите, како железо од ’рѓа, за и понатаму да им користите и да ве употребуваат. Притоа да ви остане и сѐ што сте спечалиле незаконски, па да има и за внуци и за правнуци

Кога од банка земате кредит, давате збор во вид на потпишана гаранција, договор или хипотека дека обврските ќе ги намирувате редовно и целосно. Во случај на доцнење, непочитување, неисполнување на зборот и неодржано ветување, ви отидоа хипотеката и влогот, кој е со многу повисока вредност од земениот кредит. Така, банките се осигуруваат дека ќе го исполните гаранциите и дадениот збор.

Во политиката, за жал, не е така. За погазен збор, променет дрес, неодржано ветување или проневерена доверба некогаш дури може и да ве прогласат за херој, да ве наградат со функција, па дури да ви дадат и амнестија. Да ве исчистат од гревовите како железо од ’рѓа, за и понатаму да им користите и да ве употребуваат. Притоа да ви остане и сѐ што сте спечалиле незаконски, па да има и за внуци и за правнуци. Политичарите не се обврзани да се држат до ветувањата и дадениот збор со ништо, освен со сопствениот образ. А тоа баш и не е некоја гаранција, покажале досегашните искуства од нашата парламентарна демократија и плурализмот.

За да се спречат или евентуално ублажат ваквите појави, најдобар коректив и превентива се функционалните институции, правната држава, јавноста и, секако, медиумите. Но само доколку и нив не ги зафати истиот вирус и не потпаднат под нечие влијание.

И, се разбира, неопходно е избраните функционери секогаш да ги држите за зборот, внимателно да следите и да потсетувате што ветиле, што остваруваат, да бидете окото и увото на јавноста. Зашто, на крајот на краиштата, сите тие трошат наши пари и нивна должност е да работат во интерес на граѓаните и државата.
Но што во спротивно. Што ако и понатаму се продолжи по старата практика.
Е, тогаш единствено што преостанува е да се смени барем текстот на свечената заклетва (може и со некој нов амандман) и тој да гласи: се колнам дека сѐ што ќе ветам и потпишам нема да исполнам и дека нема да ги бранам Уставот и интересите на Македонија. Тоа ќе биде почесно и поискрено кон граѓаните.
Сакам да верувам дека, сепак, нема да дојде до тоа.