Зошто македонско-бугарскиот спор околу идентитетот, историјата и јазикот е толку значаен и зошто многумина македонски општественици и интелектуалци предупредуваат дека овој спор има и димензија на загрозување на националната безбедност на Македонија? Најдобриот одговор на ова прашање го следиме веќе десет дена во Украина. Прашањето „Што е Украинец?“ од 24 февруари 2022 година престана да се решава низ академските расправии помеѓу историчарите, антрополозите, политиколозите, социолозите и културолозите, туку започна да се решава со бомби и со куршуми. Според руското толкување, Киевска Русија е извориште на современата руска држава, а историјата на Русија, Украина и Белорусија е заедничка, тие се само посебни културни изрази на еден ист народ, па и нивната иднина припаѓа во ист државен простор, без разлика каква форма ќе биде определена за тоа здружување. Украинците, пак, тврдат дека Киевска Русија е првата украинска држава и дека таа низ целата историја имала свој посебен културен и државен тек, кој кулминира со создавањето на современа Украина по распадот на Советскиот Сојуз. Се разбира дека свои национални времеследи за Киевска Русија развиле и Белорусите, но и други словенски народи. За несреќа, верувавме дека Москва и Киев немаат проблем со постоењето на двата национални наративи, дека тешкото историско бреме на нивната меѓусебна историја е надминато и дека двете држави и двата народи сега градат нова, светла и заедничка иднина. Но не било така…
Токму распадот на Советскиот Сојуз и новите национални граници во постсоветскиот простор ја разбудија расправата за руско-украинските односи, но и за украинскиот идентитет. Со години Михаил Горбачов, првиот и последен претседател на СССР, го критикува Елцин дека избрзал со растурањето на сојузот и прогласувањето на советските меѓурепублички граници за меѓудржавни граници, токму употребувајќи ја Украина како пример и измешаните руско-украински односи во сите сфери на живеењето. Дури и потврдени советски и руски дисиденти, како Александар Солженицин или Јосиф Бродски, имаа свое видување за руско-украинските односи, за посебноста на украинскиот идентитет и за меѓудржавните односи помеѓу независните Русија и Украина. Да не зборуваме, пак, за најновото толкување на руско-украинската историја, изложено од Владимир Путин лани во еден поширок есеј и сега изречено во неговите два историски говора со кои го најави признавањето на самопрогласените народни републики на Донецк и на Луганск, но и објавата на почетокот на руската инвазија во Украина.
„Што е Украинец“, но и „Што е Русин“ беше мошне сложено да се одговори во 1989 година. Сите некогашни граѓани во постсоветскиот простор што прекуноќ се пронајдоа себеси во нови национални простори за кои никогаш не ни сонувале дека може да бидат и државни граници, а тие и веднаш мораа да си го пронајдат и својот нов културен идентитет. Без разлика што зборуваат денес новите учебници за историја или накитените говори на новите „демократски“ политичари, сепак и некогашниот советски идентитет и некогашниот југословенски идентитет беа мошне длабоки, стабилни и прифатени од огромно мнозинство на населението во некогашниот СССР и во некогашната СФРЈ. Како самите државни симболи, црвеното знаме со срп и чекан на СССР и југословенската тробојка, преку Црвената армија и ЈНА, па до народните и популарните симболи, како ликовите од цртаните филмови, сништата за лето „на море“ (Црно и Јадранско) и така натаму. Не случајно насекаде низ постсоветскиот и низ постјугословенскиот простор мошне е опиплива носталгијата по некогашните држави, а културната целина на овие простори е зачувана и до ден-денес, од највисоката култура до поп или фолк-културата, вклучувајќи и со новите феномени на „ријалити шоу“, танцувања со ѕвездите, идоли и слично. Рускиот јазик во земјите од некогашната СССР и српско-хрватскиот јазик во земјите од СФРЈ доминираа на Интернет, во кинематографијата, издаваштвото (печатено и дигитално) на овие простори.
Особено тешки беа овие процеси во некогашните индустриски центри на поранешните држави, каде што живееше и пулсираше советскиот и југословенските идентитет, токму онака мултикултурно како што беше проповедано од државната пропаганда на „братството и единството“ во СФРЈ, односно „да здравствует дружба народов“ во СССР. Можеби многумина ќе си помислат дека премногу смело ќе го изнесам следното тврдење, но и двете некогашните социјалистички федерации не се срушија затоа што беа „темница на народите“, каде што актуелните нации едвај чекаа да прогласат независност, туку како резултат на неснаоѓањето на тогашните комунистички номенклатури да се справат со демократизацијата и со преминот на пазарно стопанство. Токму некогашните врвни комунисти се префарбаа во национални бои, па во отсуство на какви било други алтернативи и прифатија и ги кооптираа националните наративи и симболите на дијаспорите и на „владите во егзил“, расеани низ западниот свет, заборавени од секого и без какво било реално влијание во своите некогашни татковини.
Ете, токму ова историско забрзување им се случуваше на сите граѓани на СССР и на СФРЈ во историската отсечка од 1989 до 1991 година. Онаму каде што населението одби да ги прифати новите национални наративи, пак, избија воени судири, кои подоцна се претворија во „замрзнати конфликти“ (еден од нив, ерменско-азербејџанскиот пред некое време го помина патот од длабок мраз до усвитена војна за да дојде до некаков договор за привремен „modus vivendi“).
Современа Украина цели триесет години, во услови на демократски развој, гради свој современ одговор на прашањето „Што е Украинец?“, трудејќи се да ги опфати сите сложености на оваа голема и прекрасна земја. За жал, историјата повторно се забрза од 24 февруари 2022 година. Во Украина се води жестока војна, со далекосежни глобални последици. Човештвото повторно е на работ на судир помеѓу нуклеарни сили, а над Европа се спушта нова железна завеса.
Токму од овие причини Македонците се вознемирени од бугарските барања за преобликување на современиот македонски идентитет, јазик и историја. Македонскиот одговор на прашањето „Што е Македонец?“ е самиот темел на современата македонска државност, исто како што украинскиот одговор на прашањето „Што е Украинец?“ е единствениот потпорен столб на современата украинска државност. Нациите, поточно државите, се потпираат на национална повест, врамена во националната историја, раскажана низ посебен национален времеслед и опеана во националните митови. Не постои друго сврзувачко ткиво на една држава. Граѓаните имаат и рационален однос со својата држава, но и длабока емотивна врска, која оди од мавтање знамиња и пламено навивање кога игра националниот спортски тим, па до подготвеност да се облече униформа на сопствената земја и да се стави сопствениот живот на располагање на државата за нејзините цели.
Да, токму украинското толкување на одговорот на прашањето „Што е Украинец?“ му дава поттик на украинскиот граѓанин да облече униформа, да земе пушка в рака и да се бори против руската инвазија и покрај сета нерамноправност во таа борба. Таквата борба, без разлика дали е културна, политичка или воена, ги раѓа, ги кали и ги утврдува нациите. Овие куси отсечки на забрзана историја, пак, ги изнедруваат националните митови, кои потоа со децении и со векови ги одржуваат државите и им го даваат внатрешниот легитимитет.
Не е залудна борбата на претседателот Зеленски за влез на Украина во Европската Унија, но тие сакаат да влезат по украински терк, со европско признавање и уважување на украинскиот одговор на прашањето „Што е Украинец?“. Така и ние Македонците се бориме за влез во Европската Унија, но единствено како земја каде што постои внатрешен македонски одговор на прашањето „Што е Македонец?“ и како ни се вика земјата. Сѐ друго е само брутална окупација на еден народ, независно дали доаѓа преку тенкови или преку пенкала. Затоа, оставете ни нам Македонците да си го градиме нашиот македонски одговор на прашањето „Што е Македонец?“, а идејата за Европа не заслужува таа да биде жртвувана заради нечиј шовинизам и империјализам, особено не во овие нови историски околности на континентот.
Автор: Ивица Боцевски