Сеирџиите од социјалните мрежи

Можете ли да се ставите во кожата на семејствата чии сакани исчезнале? Па, замислете како им е на семејствата што ги читаат крими-сценаријата што на секој несуден Шерлок Холмс од нашето маало ќе му паднат напамет и си ги објавува на социјалните мрежи. Па претпоставки, па шпекулации, па невозможни верзии поврзани со луѓето што исчезнале и со соодветниот настан, со што од удобноста на домот со недоличен сеир само се долева масло на огнот?!

Нема ништо потешко за едно семејство од соочувањето со тоа дека некој негов член поради најразлични причини исчезнал. Оваа појава особено се интензивира последниов период, кога медиумите, па и социјалните мрежи се исполнети со информации за исчезнати лица, како и апели од најблиските за помош при пронаоѓање на исчезнатите. Семејствата што досега со соочиле со ваков проблем велат дека неизвесноста е претешка, немањето никакви информации за членот на семејството ги води сите во агонија, сѐ додека не се пронајде исчезнатото лице.
Тие велат дека со секое ѕвонење на телефонот се буди надежта дека тоа е исчезнатото лице, на секое тропање на врата реакцијата е брза, со надеж дека од другата страна е членот од семејството по кој се трага. Убаво рекле старите, надежта последна умира. И добро е да ја има, затоа што таа е водилка на сѐ во животот, особено во моментите во кои се наоѓаат семејствата што се соочиле со вакво животно искушение.
Несомнено е оправдана загриженоста на граѓаните кога станува збор за прашањето за исчезнатите лица. Меѓутоа, изминатиот период на социјалните мрежи сепак се соочивме со една несекојдневна појава генерирана од некои граѓани за кои уште немам соодветно именување: сеирџии, „креативни“ поединци, душегрижници, злонамерници… кои некако, наместо да помогнат, „се ситат“ на неволјите на другите. Сѐ повеќе има примери каде што тие „пишувачи“, во целата своја неразумност, ниту можат да претпостават колкава штета прават со она што го пишуваат и споделуваат под апелите на роднините и семејствата на исчезнатите лица. Господа, ова не роман на Агата Кристи, не сме ние ликови од романите со фамозниот Херкул Поаро. Ова е реалниот живот, кој носи и длабоки реални болки, не е фикција.

Можеби многумина скептично ќе гледаат на ова, но сепак ние имаме институции што работат и постапуваат. Конкретно во случајов тоа е полицијата, која си има свои механизми со чија помош работи на расчистувањето на случаите.
Паниката што неконтролирано се шири на социјалните мрежи од страна на „сеирџиите- душегрижници“ никако не може да донесе добро, и тоа поради неколку работи. Еве, ќе им се обратам директно ним. Прво, можете ли да се ставите во кожата на семејствата чии сакани исчезнале? Па, замислете како им е на семејствата што ги читаат вашите крими-сценарија. Додека вие од удобноста на својот дом пишувате разни приказни, тие ги бараат своите најблиски, мислат на нив, плачат, тагуваат… нив најмногу ги боли исчезнувањето, независно која е причината за тоа. Епилог на крајот речиси секогаш има. Лицата се пронаоѓаат, меѓутоа траумите вечно остануваат врежани во сеќавањето, и тоа не само на семејствата туку на сите што го читаат тоа.
Таквите црни сценарија се причина за анксиозност кај многумина, за невидени паники помеѓу граѓаните, кај родителите, кои сосема оправдано ќе почнат да се плашат за сопствените деца, кај лицата што имаат постари родители со некои здравствени проблеми… Тука ми доаѓа уште една народна изрека: „ако немаш нешто паметно да кажеш, тогаш молчи“. Ако не сте го виделе исчезнатото лице, ако немате некои информации поврзани со случајот, зошто воопшто коментирате? Споделете го апелот за помош, помогнете на тој начин и оставете на надлежните да си ја бркаат својата работа. Белки тие подобро знаат од сите нас како треба да постапат.

Уште еден проблем што не размислувајќи го причинувате е: загрозувањето на самата потрага! Поединци (од вас сеирџиите), заминаа толку далеку што споделуваат лични информации и податоци за семејствата на исчезнатите и за самите исчезнати. Речиси под секој апел може да се прочитаат лични информации за лицата, кои се крајно неетички во вакви ситуации. И тоа: дали некој имал љубовник или љубовница, дали имал семејна расправија, или пак голем долг… Срамота! Тоа воопшто не треба вас да ве загрижува! Полицијата сигурно и без асистенцијата (од вас душегрижниците) веќе ги набавила сите информации и докази за случаите. Најлошото нешто што може да се случи во вакви случаи е неконтролираната паника што се предизвикува, мотивирана баш од тие коментирања. Прво, ги паничите најблиските на исчезнатите. Тие сѐ додека не добијат добри или лоши вести, сепак се надеваат дека епилогот ќе биде среќен и дај боже кај сите така и да биде.
Со паниката и таквите сценарија непотребно се оптоваруваат системите на државата. Ќе почнат за секое снемување од дома да ѕвонат и да пријавуваат во полиција. Мажот заминал во кафеана со другарите и „заглавил“ – ѕвони во полиција, синот не сака да ѝ крене на мајка си затоа што е со девојката – ѕвони во полиција… На тој начин непотребно ќе се трошат ресурсите, кои би биле многу покорисни доколку би работеле на расветлување на случаите, наместо на тешење на граѓани со замислени случаи на исчезнување.
Полицијата си ја врши работата, таму има едуциран кадар, стручен кадар што знае за кои случаи како да постапи. Колку и да е стресно тоа што неколкумина исчезнаа во новата година, не треба да се мисли на црни сценарија. Можеби е само несреќна околност, сплет од ситуации на кои ниту исчезнатиот не можел да влијае. Не е сѐ поврзано со криминалните серии и турските серии што многумина ги гледаат. Таму и киднапирањето е лесно. Во реалноста и тоа не оди така подмачкано.
Затоа, помогнете ако можете, но не режирајте црни сценарија каде што не треба да се режираат. Така најмногу ќе помогнете.

[email protected]