Празници, празници…

Празнувањата се убави доживувања што ни носат радост, релаксирање, исчекување, очекување поубави моменти. Сепак, непобитно е дека празнувањата се поврзани со стрес. Во невронауката е докажано дека низок или умерен стрес може да биде добротворен за мозочната функција, особено за работната меморија. Сепак, кога нивото на стрес се зголемува над умерени нивоа, тој навистина станува токсичен. Празниците се стресни ситуации за многумина, но не толку лоши за мозочното функционирање, нагласено е во најновата студија на Универзитетот од Џорџија (САД). Поточно, студијата потврдила дека низок и умерен стрес ја подобруваат работната меморија, краткотрајните информации што ги користат луѓето при извршување на секојдневните активности (на пример, помнење телефонски броеви, локација на некоја фирма итн.). Но ако нивото на стрес се зголеми, тогаш тој има токсични ефекти. Високите нивоа на стрес ја менуваат структурата на мозокот, доведуваат до зголемување на белата маса, а губење на сивата материја што ја смалува контролата врз мускулите, донесувањето одлуки, самоконтролата, емоционалната регулација итн. Хроничниот стрес, исто така, ги прави луѓето повеќе подложни на разни болести, почнувајќи од гадење и мигрени до висок крвен притисок и срцева болест.
Истражувачите во овој универзитет нагласуваат дека нискиот и умерен стрес или перципираниот стрес се асоцирани со зголемена неврална активација вклучена во работната меморија, што резултира со подобро ментално функционирање. Во претходните истражувања овој тим покажал дека нискиот или умерен стрес може да им помогне на луѓето да изградат отпорност и да го смалат ризикот од појава на ментални растројства, особено на депресија и антисоцијално однесување. Покажано е како овие мали стресни дози им помагаат на луѓето да научат како да се справат и во иднина со стресните ситуации. Најновата студија е базирана на снимање со функционална магнетна резонанца. Резултатите покажале дека оние со мал/умерен стрес имаат зголемена активност во оние региони на мозокот што се вклучени во работната меморија, додека кај луѓето под хроничен стрес токму овие региони ја смалуваат активноста. Истовремено била испитувана социјалната неврална мрежа преку поддршката од пријатели вклучени во нивната социјална група.
Негативното влијание на стресот врз неврокогнитивното функционирање е значи документирано со емпириско истражување. Сепак, новите извештаи сугерираат дека стресот може да донесе и позитивни неврокогнитивни ефекти.
Оваа хипотеза е унапредена од моделот хормеза (hormesis) за психосоцијален стрес, во кој се очекува ниско-умерено ниво на стрес да резултира со неврокогнитивни придобивки, како што е подобрена работна меморија и централна извршна функција. Со насочување на вниманието на дознозависната нелинеарна врска помеѓу стресот и работната меморија, оваа студија ги нагласува новите докази за процес со кој благиот стрес предизвикува неврокогнитивни придобивки и психосоцијалниот контекст под кој придобивките ќе се манифестираат
Но иако празнувањата се некакво магично време, особено за децата, тие сепак може да провоцираат стрес што се манифестира на сосема поинаков начин отколку кај возрасните.

Децата се екстремно сензитивни на надворешните промени. Во таа насока, сезоната на празници (Нова година, Божиќ, Богојавление, разни слави) претставува изместување во секојдневните активности на децата, носи и незанемарливо финансиско оптоварување, но и тага ако постои отсуство на некоја сакана личност токму кога сите се заедно и слават.
Во време на разните празнични прослави, семејството го менува секојдневното рутинско однесување, а со тоа настанува промена во времето и квалитетот на оброците кај децата, времето за одмор и спиење, што сè заедно предизвикува промени во расположението и однесувањето кај децата. Општо земено, секое ненадејно поместување од типичното однесување на детето бара дополнително внимание, а можеби и разговор. Ако родителот/негувателот забележи дека промените во образецот на спиење, јадење, расположение или социјалните интеракции предизвикале ненадејни промени, тогаш е пожелно дури и да се побара професионална помош. Имајте на ум дека многу деца се борат со емоционалниот јазик и во развојот можеби не се во фаза кога ќе можат да го споделат своето емоционално искуство. Во овие случаи, децата наместо емоционални можат да пројават физички проблеми што не се поврзани со некаква вистинска медицинска состојба. Вообичаено е децата што доживуваат стрес да пријават разни тегоби, како стомачни, болки во грбот или главоболки.
Како возрасните да ги поддржат децата кога тие се чувствуваат стресно?
1) Модел на емоционална експресија и справување. Негувателите се првичните учители на децата и се така поставени да ги учат и да ги насочуваат токму во периодите што се полни со предизвици. Токму негувателите би требало да работат на зголемувањето на емоционалниот речник кај децата, користејќи емоционални изрази од сопствените искуства за да му понудат слични изрази и на детето кога тоа не е сосема сигурно што навистина чувствува. Негувателот исто така може да ја нормализира идејата дека сите ние треба да работиме на одржување на благосостојбата со тоа што ќе разговараме за нивните потреби, како на пример за одмор, и ќе го поканиме детето да се справи со активностите, како што се одење на прошетка, слушање музика или пишување дневник. Ова исто така ќе ја намали стигмата поврзана со дискусијата за емоциите и барањето поддршка.
2) Одржување на оние рутини што дејствуваат. Оние рутини што се чини дека се одржливи за детето и за семејството треба да се одржуваат затоа што го поддржуваат детското чувство за владеење и за безбедност. Меѓутоа, ако воспоставените рутини предизвикуваат непотребен стрес, тие може повторно да се реформираат за подобро да се поддржат тековните потреби на семејствата.

3) Избегнување преголеми прераспоредувања. Исто како што кај возрасните е неопходно менаџирање на стресот и исцрпувањето што настануваат во ситуации на презафатеност, истото тоа се случува и кај децата. Негувателите можат да ги поддржат младите, кои се преоптоварени со планирање на времето за одмор и поставување поцврсти граници околу нивното време, со тоа што ќе кажат „не“.
4) Поттикнување активности. Може да биде примамливо да им дозволите на децата малку да претераат со електрониката, како телевизија и разни игрички, особено во зимските месеци. Сепак, не заборавајте дека физичката активност не е добра само за физичкото здравје, туку е ефектна алатка токму за менаџирање на стресот и ослободување на напнатоста во телото.
Кој би бил најдобриот начин да се зборува со детето за стресот, без да го предизвикаме стресот уште повеќе?
Споделувајте ги вашите сопствени опсервации и прашувајте. Поддржете го детето што се бори да управува со својот стрес со споделување на вашите набљудувања и какви било забележливи знаци на вознемиреност. Ова му дава до знаење на детето дека сте ангажирани, загрижени и подготвени да помогнете.
Нормализирајте ги и вреднувајте ги емоциите. Нормализирајте ги и вреднувајте ги детските емоционални искуства. Ова е особено полезно затоа што ви дава поинаква можност да ги намалите стигмите асоцирани со потреба од дополнителна помош. Оваа стратегија е битна зашто потенцијално може да ги зголеми поддршката и ресурсите што му се достапни за детето.

Практикувајте решавање проблеми. Прашајте го детето да размисли за претходните стресори и што му помогнало во нивно надминување. Охрабрете го детето да ги идентификува дополнителните солуции.
Охрабрете го со тоа што ќе го поканите да избере техника за справување – потоа понудете му да го направите тоа заедно. Охрабрете го детето да избере стратегија за справување со која ќе се зголемат ангажираноста, неговата автономија и самоефикасноста. Ова исто така ви дава можност да обезбедите дополнителна поддршка.
Сите овие препораки се содржани во најновите редови издадени од универзитетот „Рутгерс“, Њу Џерси, токму во овие празнични денови кога децата се наоѓаат во една неповолна и навистина стресна состојба.
И да заклучиме, иако празнувањето го доживуваме како предизвик, можност за уживање, тоа не е сосема така, особено ако е поврзано со високо ниво на стрес. Особено за децата празнувањата се голем извор на стрес и треба да им се помогне во негово надминување.

Нада Поп-Јорданова