„Независност“ од економска пропаст

Денес сме соочени со економски кошмар насекаде околу нас! Сѐ поизвесен е колапсот на предаторскиот „глобалистички“ финансиски систем, чија цел е да ги збрише малите држави и народи како нас! Државите и нациите насекаде во светот се во состојба на готовност и преземаат мерки и активности за да си ја заштитат сопствената независност од ова економско цунами, кое веќе ни претстои. За жал, нашата македонска политичка елита или не сака или не смее да го види и признае овој процес, а дотолку повеќе и нема излезна стратегија истиот тој да го надмине, иако нејзината обврска е на народот што ја избрал да му ги понуди и овозможи најдобрите опции за благосостојба и прогрес.
Наместо „независноста“ кај нас да биде прерогатив на добро владеење, таа се претвори во обична флоскула и фарса што ја изговараме само на 8 Септември и притоа македонската политичка елита воопшто не се ни труди да проникне во нејзината суштина на нејзиното значење и цел. „Независноста“ како поим треба и мора да означува слобода и суверенитет на македонското население и на институциите од каква било потчинетост и зависност.
Стремежот кон „независност“ означува процес со кој треба да се има силна и одржлива економија, како на државата така и на поединецот, правен систем што ќе го ужива кредибилитетот на доверба, правда и сигурност од народот и управување со институциите во знак на добро владеење. Но реалноста покажува дека македонската политичка елита образована во духот на зависност од претходниот систем, „независноста“, која македонскиот народ ја изгласа на референдумот во 1991 година, ја погази веднаш по нејзиното имплементирање во македонскиот устав. Па така, наместо сами да одлучуваме за нашата иднина и благосостојба како народ и држава, сами да ја изградиме нашата судбина, веднаш се направи замена или пермутација на „хегемонот“ и сега наместо Белград, од страна на македонската политичка елита беше целен и избран Брисел. Секој што во изминативе триесет и една година размислуваше поразлично од ваквата смена на „господарот“ беше прогласуван за еретик. Не важеа и сѐ уште не важат ниту ставовите на Волтер, ниту сите принципи на цивилизираниот свет дека треба да се слушне и другото мислење. Жално, но вистинито!

Па така, од 1991 година, па сѐ до ден-денес најважно е што ќе каже „Брисел“, воопшто не е важно дали е тоа во согласност со општоприфатените меѓународни стандарди за човекови права, демократијата и владеењето на правото; воопшто не е важно дали Македонците го сакаат тоа или не!?
Меѓу многуте примери што потврдуваат дека претходно напишаново е така е и извештајот на Венецијанската комисија, кој се однесуваше на Законот за употреба на јазиците во Република Македонија. Читано меѓу редови во наведениов извештај, македонската политичка елита доби опомена дека отишла предалеку во својата сервилност и потчинетост, предалеку во исполнувањето на желбите на некои европски дипломати, кои воопшто не предвиделе дека ако ова се воспостави како пракса во Македонија утре истото тоа може да биде проблем во нивните земји.
Сега се поставуваат неколку прашања. Дали Брисел има одговор на економската пропаст што ни се заканува? Дали Македонија ќе продолжи да лебди и во оваа економска криза? Кој ќе нѐ спасува, самите или ќе чекаме милост? Како се справуваат другите земји со предизвикот што нѐ очекува?
Очигледно дека европските економии го вклучиле црвеното светло за „драстичен колапс на индустријата“, но само за нив, а нас никаде нѐ нема. Па така, десетици милијарди спасувачки пакети сега летаат од државните каси – Шведска 23 милијарди евра, Финска 10 милијарди евра, Австрија две милијарди евра, Германија 15 милијарди евра пред еден месец и вчера Германија објави 65 милијарди евра – „за да се обиде да ги спаси големите енергетски и индустриски компании од затворање на постројките, неликвидност и да ги натера домаќинствата да се обидат да ги платат неплатените сметки за струја и парно“. Цените на природниот гас за европскиот бизнис и индустрија се зголемија за 11-12 пати годишно, цените на електричната енергија за шест-осум пати со дополнителни давачки.

Јасно е веќе дека македонската влада нема стратегија како да нѐ извади од претстојната криза што ни се заканува и повторно ќе биде статист, нем набљудувач, кој не преземајќи никакви реални чекори повторно својот народ ќе го остави да страда. Но, секако, делот со демагогијата добро ќе го сработи и ќе го убедува сопствениот народ дека има полошо од она што ќе му се случува. Ќе истакнува статистички примери на азиски и африкански земји со добра замена на тези, иако стварноста е сосема друга.
Па така, на пример, Кина, покрај буџетските мерки што ги презема, се мобилизира на национално ниво за сеење облаци и поттикнување врнежи за да се заштити од најголемиот топлотен бран и суша од 1961 година. Главниот научник на кинеската метеоролошка управа, Џоу Јукван, во петокот, 26 август, објави дека во периодот од 1 до 25 август, Кина распоредила 91 лет за сеење облаци, со кумулативно време на лет од 260 часа, и лансирала 116.000 бомби за дожд и 25.000 ракети за подобрување на дождот. Ова не е нова технологија, била развиена во Соединетите Американски Држави во 1946 година, кои исто така се соочуваат со рекордни суши и топлотни бранови, со цел за подобрување на методите за модификација на времето. Иако, според некого, претходно наведеното е банален пример, би сакал да укажам дека соочувајќи се со егзистенцијални проблеми, владите во светот ги мобилизираат бизнис-секторот, научните сознанија и државните капацитети само за да постигнат општа благосостојба на сегашната генерација и на оние што доаѓаат.

„Независност“ од економска пропаст треба да значи дека ние со нашата креативност и работа можеме да создадеме нешто што го надминува нашиот сопствен животен век, да инвестираме во нешто што ќе им користи на идните генерации, нешто што ќе им овозможи одреден степен на материјална и духовна слобода што се протега далеку од она што ние, како иницијатори, го постигнавме во текот на нашите животи. За крај би сакал да ве потсетам на проектот „Вардарска Долина“, кој е стратегиско решение на Македонија во енергетскиот сектор и се опфаќа рационално и интегрално користење на водните ресурси, што би требало да доведе до зголемување на водниот и економскиот потенцијал на земјата и да ја зајакне македонската независност.
А дали можеме да го изградиме – па секако дека можеме! Во моментов имате 3.000 лица лишени од слобода (затвореници) што се товар на државата и не се работно ангажирани. Доволно е само да се започне од тука!

Автор: Тони Менкиноски