Германците, практично, сигурно ќе се соочат со високи цени на енергијата во следните неколку години

На Берлин можеби му претстои тешка зима, без пристап до евтин руски природен гас, но со правилна политика може да излезе поиздржлив од другата страна на кризата, смета Метју Кендрик за „Морнинг консалт“

Се бараат решенија за клучниот проблем на најголемата економија во Европа

Потпирањето на Германија на рускиот природен гас ја направи особено ранлива поради нередовниот увоз за време на конфликтот во Украина, додека е неприфатлива опцијата за свртување кон нуклеарната енергија или јагленот поради нивната домашна непопуларност. Така, најголемата европска економија се соочува со невидена загриженост за нејзината енергетска безбедност. Германците стануваат поотворени за едно можно решение: интегрирање на нивниот енергетски сектор со оние на нивните соседи, што е токму она што експертите велат дека е потребно.
Германската ранливост на природниот гас е јасна од почетокот на украинскиот конфликт. Берлин потроши децении градејќи гасна инфраструктура ориентирана кон Русија и нема основа за увоз на доволно количество гас од други производители, додека има малку алтернативни домашни извори на енергија. Тоа значи дека одлуките на Берлин за енергетската политика во наредните месеци ќе играат клучна улога во способноста на Западот да ја поддржи Украина во конфликтот против Русија и може да влијае на европската кохезија, според Бенџамин Л. Шмит, соработник на Украинскиот истражувачки институт на универзитетот „Харвард“ и поранешен европски советник за енергетска безбедност во Стејт департментот. Тој додава дека до пред само неколку месеци, Германија не презеде никакви чекори за да се оттргне од руската енергетска зависност, а всушност се држеше за стратегиските сидра како гасоводите Северен тек 1 и 2, кои само ја зголемија стратегиската зависност од руска енергија.
Добрата вест за Берлин е што неговото население, како и населението на двете следни најголеми европски економии, стана сè поподготвено да соработува за енергетски прашања. Според истражувањата на „Морнинг консалт“, уделот на Германците што веруваат дека би било подобро да соработуваат со други земји за енергетска безбедност се зголеми за 10 процентни поени.

Конфликтните политички одлуки на Германија

Иако трендовите можеби се движат во поволна насока, најголемиот дел Европејци сè уште претпочитаат енергетска независност доколку можат да ја добијат. За повеќето земји на континентот, сепак, тоа е многу полесно да се каже отколку да се направи. Европски земји со најголеми резерви на природен гас, покрај Русија, се Норвешка и Велика Британија. Иако не се членки на Унијата, двете земји исто така доживуваат огромни скокови на цените на бензинот.
Во Германија, единствениот главен домашен извор на гориво би бил јагленот. Берлин агресивно ги исфрли фабриките за јаглен за да ги исполни еколошките цели, а до 2020 година јагленот сочинуваше нешто повеќе од 15 отсто од енергетското снабдување на Германија. Реинтеграцијата на поранешна Источна Германија, по две генерации зад Железната завеса, според некои процени чинеше повеќе од две илјади милијарди долари помеѓу 1990 и 2015 година, товар што Германија не можеше да го издржи без евтина енергија за гориво за индустријата и загревање на домовите, според Мајкл Мосер, вонреден професор по меѓународни односи на Универзитетот во Остин, Тексас.

Нуклеарната енергија (не) е опција

Природниот гас останува претпочитан необновлив извор на енергија во петте најголеми европски економии, а неговата популарност всушност се подобри во Франција, Велика Британија и Шпанија, иако цените се зголемија ова лето. Во Германија и Италија, поволните ставови паднаа само за два процентни поени. Имено, поволните ставови за нуклеарната енергија кај Германците се зголемија за 11 процентни поени. Зголемувањето на цените на природниот гас доведе до дискусија во Германија за продолжување на животниот век на нејзините последни преостанати нуклеарни централи, особено затоа што соседна Франција се покажа подобро позиционирана да ги надмине намалувањата на рускиот гас, имајќи предвид дека околу 40 отсто од нејзината енергија доаѓа од нуклеарната.
Сепак, германскиот министер за економија Роберт Хабек неодамна ја отфрли оваа опција, велејќи дека не вреди повторно да се отвори дебатата за нуклеарната програма, со оглед на нуклеарниот скептицизам во Германија. Дури и кога ќе бидат поттикнати со информации за безбедноста на нуклеарната енергија, 70 отсто од Германците сè уште велат дека би биле загрижени за нуклеарни несреќи доколку нивната земја изгради повеќе нуклеарни централи.

Шолц има малку добри опции, како и неговите противници

Со оглед на тоа што на конфликтот во Украина не му се гледа крај, Германците практично сигурно ќе се соочат со високи цени на енергијата во следните неколку години. Тоа е незавидна перспектива за секој светски лидер, но добрата работа за Шолц е што неговата опозиција не може веродостојно да тврди дека има подобри решенија. Политикологот Арне Јунгјохан му даде заслуга на Шолц за брзото придвижување кон забрзување на развојот на обновливите извори на енергија, што долгорочно може да помогне да се задржи Германија на вистинскиот пат за да ги исполни своите климатски цели и, на пократок рок, да помогне да се компензира загубата на природен гас од Русија.
Во меѓувреме, природниот гас останува најизводливиот извор на гориво за Германија. Поради тоа има само едно решение, а тоа е интегрирање на нејзините постојни енергетски мрежи со остатокот од Европа. Во 2014 година, Брисел ја започна својата програма „Енергетска унија“, која требаше да ја изврши неатрактивната но клучна работа за поврзување на различните електрични мрежи во Европа, изградба на колективен енергетски пазар и воспоставување безбедна линија за снабдување со енергија за блокот. Меѓу идеите што се истражуваат се гасоводот што ги поврзува гасните мрежи на Шпанија и Португалија со италијанската и, оттаму, со онаа на Германија, потенцијално отворајќи многу повеќе патишта за увоз и споделување гас. Експертите сметаат дека отклучувањето на Пиринејскиот Полуостров во однос на неговиот огромен увозен капацитет може да направи голема разлика, а овој интерконектор би можел да биде изграден во следните неколку месеци. На овој начин, пристапот до терминалите за течен природен гас во Шпанија и во Португалија ќе ѝ даде на Германија поголем пристап до гас од Катар, Обединетите Арапски Емирати и Австралија.

Подготвиле: Марјан Велевски; Билјана Здравковска