ЕУ не може да се откаже од Србија и Косово

Српскиот претседател Александар Вучиќ до пред четири дена беше во удобна положба. Во очите на преговарачите на ЕУ и САД вклучени во напорите за решавање на косовското прашање, тој пословично беше возрасниот во просторијата. Во последната рунда разговори на 14 септември, српскиот лидер го прифати планот за договор за српската автономија предложен од високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел и неговиот балкански пратеник Мирослав Лајчак. Косовскиот премиер Албин Курти го одби. До тој момент, Брисел веќе беше толку фрустриран од тврдоглавото однесување на Курти што размислуваше за воведување санкции за Косовците.
Одлуката на Курти да испрати полиција за смирување немири и специјални сили во северните општини населени со Срби, со цел да постави градоначалници за кои гласаа помалку од 2 отсто од локалното население, не му донесе на премиерот ниту еден обожавател во западните престолнини. Соединетите Американски Држави, главниот меѓународен сојузник на Косово, не беа воодушевени. Спротивно на тоа, имаше придушени пофалби за Вучиќ, кој исто така ја презеде заслугата за пријавената испорака на муниција во Украина – преку трети земји – како и за приближувањето до отпуштање на промосковскиот шеф на Безбедносно-информативната агенција (БИА), Александар Вулин.
Но, тогаш сѐ се промени.
Во раните утрински часови на 24 септември, група од триесет српски милитанти блокираа пат во близината на Бањска, село во околината на Звечан во северно Косово. Во престрелка со косовската полиција еден офицер загина, а неколку беа повредени. Судирот ескалираше бидејќи Косовците испратија дополнителни сили. Три тешко вооружени српски лица беа застрелани. Полицијата приведе уште шестмина Срби и заплени големо количество оружје од блискиот Бањски манастир. Се чини дека остатокот од групата се повлече во Србија, веројатно по преговорите со властите.
Овој инцидент, најсериозен пример на насилство во Косово со години, му ја смени плочата на Вучиќ. Како што се одвиваше судирот, Курти ја обвини Србија како главен виновник за смртоносната престрелка. „Организираниот криминал со политичка, финансиска и логистичка поддршка од официјални лица во Белград ја напаѓа нашата земја“, напиша тој на социјалните мрежи. Министерот за внатрешни работи Џелал Свечла додаде дека арсеналот запленет во манастирот ќе биде доволен за опремување неколку стотици униформирани лица. Сè што можеше да каже Вучиќ како одговор е дека Курти ја презема одговорноста за крвопролевањето; тој со својата тешка политика предизвика „бунт“ на косовските Срби.

Уште полошо, влијателната Српска православна црква не била воодушевена од тоа што еден од нејзините манастири бил затекнат помеѓу двете страни, а игуменот, отец Данило, бил речиси заложник. Во изјава за медиумите, рашко-призренскиот митрополит Теодосиј суво изјави дека во Бањска не е пронајдено оружје. Во соопштението се повикува на намалување на тензиите – оградување од српските власти.
Но потоа Вучиќ удвои. Додавајќи повеќе масло на огнот, српската влада го прогласи четврток, 27 септември, за ден на национална жалост. Дали Белград всушност признава дека стои зад паравоените сили што Приштина ги опишува како „терористи“? Заклучокот е дека од промотор на регионалната стабилност, Вучиќ е изложен на ризик да биде сфатен како спојлер, ако не и воин.
Се разбира, постои друга теорија што кружи во Белград. Тоа е дека лидерите на косовските Срби сакаат да се еманципираат од тесната прегратка на Вучиќ. Оттука, престрелката е прашање на опашката што мавта со кучето, при што Србија е вовлечена во ескалација што не ја избира.
Косовските власти ја разгледуваат улогата на Милан Радојичиќ, заменик-претседател на доминантната српска партија на север, Српска листа. Тој беше таму за време на ќор-сокакот – Косоварите објавија видеоснимка што го докажа тоа, додека Курти повика на остар курс кон Српската листа. Но, тогаш Радојичиќ за чудо исчезна од манастирот, заедно со повеќето од триесетте вооружени лица. Постојат шпекулации дека повлекувањето било преговарано, при што амбасадите на САД посредувале меѓу косовските сили за ред и тешко вооружениот српски контингент.
Според интервјуто на Вучиќ за националната телевизија РТС на 27 септември, Радојичиќ е некаде во централна Србија. Српскиот водач се држи до неговата изјава: За сѐ беа виновни Косоварите – тие први почнаа.
Но, доколку се поткрепи приказната за Радојичиќ како слободен стрелец, се чини дека Вучиќ ја изгубил контролата над неговите поранешни полномошници, кои сега ја рушат целата градба што ја изградил. Милитантниот национализам што Вучиќ го негуваше сега роди сили што повеќе не може да ги заузда. Силниот човек можеби им попушта на локалните играчи што претходно бараа негово покровителство.
Ако таквите како Радојчиќ ја нарачуваат расположената музика во српската заедница на северот на Косово, тоа е проблем за Вучиќ – но исто така е проблем и за ЕУ, која се обидува да поттикне решение со преговори во Косово.

Доколку Белград не се координира со локалните Срби, Брисел е во неволја. Локалните полукриминални личности немаат поттик да прифатат каков било план за порамнување на ЕУ. Тие профитираат од статус квото и најверојатно ќе се борат со нокти и заби за да го задржат онака како што е. Вучиќ е под закана да стане ирелевантен. Тоа би можело да го прекине бриселскиот дијалог.
Во светлината на војната во Украина, ЕУ работи на решавање на статусот на Косово еднаш засекогаш. За малку ќе дојдеше до тоа со Охридскиот договор во март 2023 година, кој на крајот не го потпишаа ниту Курти ниту Вучиќ. Сега има уште една мини-криза што го одзема вниманието на ЕУ. Сè додека овие повторливи кризи доминираат во медиумите, Борел и другите во Брисел ќе играат „удри го кртот“ (процес во кој сеприсутниот проблем постојано се повторува откако наводно ќе се поправи или каква било ситуација кога се повторува некој вид на непожелен исход – н.з) – што значи дека ако се појави насилство овде-онде, ќе го спречат избувнувањето на уште поголем конфликт и ќе ги одвојуваат Србите и Албанците.
Големата награда – Косово признаено од Србија во замена за некаква форма на српска автономија – останува, како и секогаш, недостапна. Колку повеќе се случуваат вакви инциденти, толку е помала веројатноста Србија и Косово да бидат подготвени или способни да направат компромис. ЕУ нема да може да го реши проблемот – можеби само да се справи со него и да го чува. Тоа негативно сценарио е многу веројатно да се одигра на Косово. Затоа Брисел мора да ги собере сите сили и да изврши притисок врз Србија и Косово, па тие да се ракуваат и да го финализираат и спроведуваат договорот.