Делби и поделби

Колкупати ви се има случено да изгубите другар(ка), иницијално токму поради кавга за политиката? Колкупати можеби сте се потиснале себеси да не реагирате на работното место, токму поради ваши политички размисли и убедувања, кои се различни од тие на претпоставените? Дали можеби не можете да се фокусирате на љубовните проблеми, зашто не можете ни да ги процените луѓето како што треба – дали се за вас, или пак не, само поради фактот дека сѐ што се случува околу вас ве тера само да се затворите внатре во себеси? Некако, полесно ни е така. Или, пак, поради начинот на живот што го имаме, процените на партнер(к)ите ги правиме со помош на Фејсбук, Твитер и Инстаграм – така како што тие сакаат да ни бидат претставени, а не какви што се впрочем во секојдневјето?
Социјалните мрежи можеби немаат допирна точка со трансхуманизмот, но сигурно ги отворија прашањата за тоа како луѓето сакаат да живеат, а не можат, па си создаваат виртуелни светови во кои се чувствуваат удобно, одбегнувајќи што е можно повеќе контакт со реалноста.
Иако нашата оптовареност со политиката уште од мали нозе не може да се спореди со многу други нации и млади луѓе, колку сме ние, всушност, затруени со сето тоа? Колку нашето расположение зависи од целата оваа турлитава од политика во која живееме? Не можеме да го избегнеме фактот дека младите кај нас страдаат од фактот дека немаат работа – постојана, добро платена или, пак, не се почитувани во сферата, за која доколку се доволно среќни, ќе биде токму таа за која учеле?
Длабока поделеност и меѓу граѓанството, јавните личности, новинарите, академската и дипломатската фела. Разногласие и врева доведени до степен на усвитеност, нетолерантност и лична нетрпеливост. Во медиумите и на социјалните мрежи редици тешки зборови, коментари полни со иронија, сарказам, фрустрираност, навреди, омраза, зла крв. Такви се размислувањата на многумина, на тема нивото и амбиентот во македонскиот дел од реалноста и пошироко во дијаспората.

Што се однесува на спротивставените мислења и толкувања, па и остриот и недоличен вокабулар кај политичарите, и оваа изборна пролет, тоа, според теоријата и праксата, било и е легитимен дел од политичката борба. Но многумина поблиски и подалечни се загрижени за поделбите по однос на разните мислења, толкувања што се земаат како голем грев и исклучивост. Или плурализмот е тој што многу од нив ги дочека политички неписмени, неподготвени, но и до невкус, гротескно безобразни (со чесни исклучоци) – готови да ги валоризираат своите вештини, менувајќи ги ставовите нагло, без логика, човечко достоинство, интегритет.
Во прашање ли е неискуството во практикувањето на демократијата, која по повеќедецениско едноумие, кај генерации е востановена како ментален код, што и во денешниот нов плурален амбиент, се обидува и бара за сѐ што се случува да продолжи да одлучува. Како некогаш, и стварноста да ја третира и доживува консензуално.
За почеток да се потсетиме и да подвлечеме нешто што е видливо со голо око. Факт е дека сме мала и политички релативно неискусна средина, во која граѓаните имаат свои политички уверувања и толкувања. Но факт е и дека уверувањата и толкувањата многу често се изградени како цврст, севкупен и непомирлив поглед на светот. За тоа може да се увериме на секој чекор, при секоја средба, разговор со познати, непознати, со високи академски нивоа и со обичниот свет.
Нашиот човек едноставно не трпи неистомисленици, а камоли авторитети. Константа, нешто како Земјината тежа, против што е залудно да се војува. Постои само едно и тоа е секогаш нашето мислење и уверување, но и крајна нетолерантност кон неистомислениците. Во другите сфери, особено оние политичките, тие речиси и не постојат, тоа е темна зона во која секогаш се проектираат некакви задни намери, некакви лични интереси, анимозитети политички скриени игри. Како и на кој начин да се полемизира со луѓе што не ги прифаќаат и практикуваат елементарните постулати на демократијата.

Наместо тоа, сите го тркалаат својот интерес во една гнасна, невкусна, безобѕирна битка, каде што величината на влогот ги трасира моралниот еквилибриум и отсуството на духовност. Да се битисува и опстојува со архитриковите од типот дивиде ет импреа, тоа е движечкиот пост скриптум што се исчитува под чадот на бомбите, континуираните немири, политикантство, перформанси… Следствено и прашањето – кој тип на единство му е потребен на современиот човек (Македонецот) во напливот на светските глобализациски фурии. Учество во толпа – локални сплетки, нереди ли, насилство или нешто друго???
Според тврдењата на „постмодерните социолошки експерти“, цивилизациски единствени и компактни се простите народи, меѓу кои спаѓаме и ние Македонците (според некои домицилни толкувања). Сите тие се некако ѓутуре ниско образовани и недоволно еманципирани и слепи да ги одберат вистинскиот пат и вредност, за да уживаат во и од плурализмот на идеите. За некои од тие недобронамерни искривоколчени погледи, Македонија е и останува вид коминтерновска екстериторијална преобразба, составена од неодамна измислени случувања, митови, историски факти, украдени приказни, епски пеења, херои, востанија.
Неминовно – единството на интересите го детерминира начинот на нивна реализација. Митот за македонското неединство пред и по илинденската епопеја во потсвеста на секој Македонец е бреме. Историски, за жал, социјалното и културното наследство различно се рефлектирале во практиките и менталниот код нa Македонецот.
Природно, пороците и уживањата имаа предност. Лагоден живот да, самопрегор во работата и готовност за жртва – не. Затоа и снаите се движечка сила на уривањето на авторитарните семејства.

И за крај потсетување на благороден и умен коментар од редовен читател. Не треба да бидеме преголеми песимисти, па да си велиме дека сме слаби и може да нѐ изеде волкот (како Црвенкапа, де!)… Не треба да бидеме ниту преголеми оптимисти и да очекуваме дека ѕвездите ќе се наредат така што сѐ ќе ни оди во прилог, па ќе ги „изедеме“ противниците… Не треба ниту да бидеме многу гласни, па да ги дразниме нашите непријатели со гласни пораки дека наше ќе биде и Солунско Поле… Треба да се договараме, да се подготвиме, напорно да работиме и да ги издигаме стандардите при нагорниот и драматичен од на нашата македонска опстојба низ времињата и невремињата. И за крај неколку реда преземени од непрегледот на социјалните мрежи… „Општество“, според „Теоријата на моралните чувства“ (А.Смит), „не може да постои меѓу луѓе што во секое време се подготвени да се повредат или да си нанесат болка еден на друг. Општеството постои таму каде што луѓето си требаат едни на други – каде што си даваат поддршка и помош еден на друг од наклонетост, разбирање, од благодарност, пријателство и почит“.
Нека убоста и просперитетот бидат главната одлика на нашата земја во наредните години, декади и столетија, драги земјаци. А слогата и соживотот нека постанат наша навика, се вели во музичко видео од Бигорскиот манастир со наслов „Разумна молитва“. Амин!

Аљоша Симјановски