Децата на комунизмот – новите европски конвертити

Партизаните одамна се мртви, останаа само стари курви, напишал Титовиот биограф Владимир Дедиер. И би додал: и нивниот „инцестен“ пород роден во комунистички демократски брак во распадот на поранешна Југославија. УДБА е распуштена во 1966 година. Во годините на градење независна македонска држава, таа изгледаше како мртва или, барем, клинички мртва. Но, всушност, никогаш не умре. Кого и да прашате ќе ви каже дека УДБА, КОС, ДБК, УБК, АНБ, без оглед како се нарекува денес, остана да владее со државата од нејзиното осамостојување. „УДБА е нашата судбина“ – вака би можеле да се сумираат македонското минато и сегашност, а најверојатно и иднината. Ја воскреснаа нејзините верни следбеници и слуги. Југоносталгичарите и оние другите што низ неа ги хранеа своите фрустрации и паранојата на изгубените југословенски идеали на „децата на комунизмот“ во сознанието и објективната вистина за идеолошкиот пораз. Дали е тоа вистина или мит, уште еден плод на колективната параноја? Не би рекол. Кога ќе размислите подобро, „службата“ никогаш не се реформира. Само ги менуваше имињата. „Удбињата“ толку добро се снаоѓаа во независна Македонија кога почнаа да ги уништуваат своите најважни политички непријатели, во исто координирано сценарио од комунизмот, со стампедо од разбеснети новинари и контролирани невладини организации, под отсјајот на илјадници рефлектирачки отсјаи на една мртва идеологија, закопувајќи го македонскиот народ со лаги, спинови, збирки безвредни слики, трофеи од дипломатски промашувања и самоуништувачки ветувања. Го нападнаа идентитетот на нацијата, јазикот, културата, образованието, литературата, историјата, македонската револуционерна борба, црквата и сè што мрдаше и имаше за цел македонска суверена држава. По вторпат ги предадоа и убиваа македонските револуционери, згазија на коските на жртвите на македонскиот непокор и сè уште газат врз живите македонски патриоти што одат на аџилак по патиштата на своите предци.

Преку своите инсајдери, „службата“ и денес активно влијае на постапките и однесувањето на политиката во Македонија. Идеолошки обезличените и лесно приспособливи поранешни високи комунистички функционери, исто како и полициско-политичките доушници и нивните наследници, одеднаш ја „открија“ сопствената „демократска свест“ – така што многу од нив за цело време на транзицијата беа и останаа во најдлабокото раководство на некои партии што го имаат префиксот демократски во нивното име. Можеби на овој начин дојде до формална промена на власта, но не и на методот на владеење, односно воспоставување нови морални и правни принципи на граѓанското општество. Споменатата политичка конверзија е главната причина за нереализираниот процес на лустрација и суштинска деиделогизирана реформа на безбедносните служби. Затоа дозволивме „децата на комунизмот“ да ни понудат фашистички антифашизам, европска иднина обландирана со криминалната идеологија на другарот Тито, обложувајќи ги џебовите на посткомунистичката номенклатура со општествениот капитал, затоа ги бранеа криминалните водачи на тајната полиција и нивните соработници сатанизирајќи ја лустрацијата, го направија Уставот крпеница од промашени политички решенија, ги приграбија и корумпираа медиумите, ги ограбија осиромашените граѓани, нацијата ја воведоа во должничко ропство и го исмеаја македонскиот патриотизам. Кој е виновен што си го трошевме животите наивно сонувајќи ја Македонија на Запад, иако ни во најлудите соништа таа не изгледаше толку осакатено, понижено, осиромашено и засрамено како денес. „Службата“ ги пресоблече „децата на комунизмот“ во нови униформи, за пак да нѐ репресираат, уценуваат и ограбуваат како нивните татковци во годините по војната. Од денешната тажна држава направија еден вид садистичка забава.

Тајната полиција, олицетворена пред сѐ во службите за државна безбедност, ОЗНА, УДБА, СДБ, РДБ, како и во воените агенции КОС и ВОС и дипломатската СИД, со години во комунизмот собирала информации за граѓаните и држела под контрола стотици илјади доушници и илјадници агенти и соработници. Со ваков податок станува јасно зашто со децении од независноста не можам да се оттргнам од впечатокот дека Македонија е далечински контролирана полициска држава. За оние стотици илјади луѓе што беа директно или индиректно оштетени од репресивниот апарат молк. Како што гледам никој веќе не зборува за тајните досиеја на идеолошки прогонетите и за оние ликвидираните. Молкот на политиката и историјата никогаш не ја демистифицира оваа вистина. Синовите на УДБА со сите сили бараа и наоѓаа начини како да ги заштитат криминалното минато и иднината на нивните татковци! А ние другите? Ние безнадежно ќе ја чекаме вистината. Всушност, зашто воопшто го пишувам сето ова?! Едноставно да си помогнам себеси и на оние другите што оптимистички треба да го јадеме она што не може лесно да се јаде. А има толку многу на менито.