Недоволен внес на калциум и на витамин Д – клучен ризик-фактор за развој на остеопороза?

Нетретираната остеопороза носи ризик од намалување на висината на телото, деформитети на ‘рбетниот столб, згрбавеност, проблеми со движењето и болка и при минимално движење итн.

Нашите коски, зглобови и сврзувачки ткива се структури од кои зависат сите други органски системи во човечкото тело. Тие ни даваат сила, подвижност и стабилност и ни овозможуваат секојдневно да изведуваме различни физички активности. Токму затоа е многу важно да го одржуваме коскено-скелетниот систем во оптимална форма. Болестите како што се остеопороза, остеоартритис, ревматоиден артритис, ‘рбетен деформитет и фрактури значајно го намалуваат квалитетот на живот на милиони луѓе во светот. Притоа еден од најголемите проблеми што ја погодуваат пред сѐ повозрасната женска популација е остеопорозата. Остеопорозата е системска болест, која се карактеризира со намалување на коскената маса и промени во архитектурата на коскеното ткиво, кои предизвикуваат кршливост на коските и зголемена фреквенција на фрактури.

Основна причина за појава на остеопороза кај постменопаузните жени е недостигот од естрогени хормони што го забрзува процесот на разградување на коските и доведува до губење на коскената маса. Со оглед на тоа што остеопорозата во почетниот стадиум е асимптоматска, треба да бидеме свесни дека на нејзината појава значајно влијаат и некои наши навики, а пред сѐ: долгорочен низок внес на калциум со исхраната, вегетаријанство, преголемо консумирање алкохол и кафе, пушење, неактивност или неподвижност, како и недоволна изложеност на сончева светлина (витамин Д).

Во суштина, клучни витамини и минерали за превенција од остеопороза се витамин Д и калциум. Токму затоа уште во предменопаузниот период (рани 40-ти) се препорачува зголемување на внесот на калциум (1.000-1.500 мг/ден) и витамин Д (400-800 ие/ден), со избалансирана исхрана богата со млечни производи, зеленчук, овошје и умерени количества месо и риба. Калциумот е еден од најзастапените минерали во нашето тело и во најголем дел (99 отсто) се наоѓа во скелетот, а остатокот во забите, меките ткива и плазмата. Калциумот е од фундаментално значење за растот, обновата и минерализацијата на коските. Ремоделирањето на коскеното ткиво е тековен процес, кој подразбира континуирана ресорпција (деградација на коски) и таложење на калциум во новоформираната коска (формирање коски). Билансот што постои помеѓу ресорпцијата на калциумот од коските и минералното таложење во коска се менува со стареењето.

По 40-та, губењето на коските е околу 2 проценти годишно, а кај жените поради менопаузата има дополнителната загуба за 0,25-1 процент, што доведува до губење коскена маса и зголемен ризик од развој на остеопороза, поради што мора да се зголеми внесот на калциум со исхраната или со соодветни додатоци во исхраната. Кога зборуваме за додатоци во исхраната со калциум, најсоодветна форма е калциум цитрат, бидејќи најдобро се апсорбира во цревата и не предизвикува гастрични проблеми. Намалена секреција на желудочната киселина не влијае на неговата апсорпција, па затоа се препорачува оваа форма, особено кај повозрасните, а најдобро е да се земе помеѓу оброците или пред спиење. Во однос на витаминот Д, постојат два извора на витамин Д кај луѓето: витамин Д што се произведува во кожата, со изложеност УВ-Б зраци (Д3), и витамин Д внесен преку храна (Д3 и Д2).

УВ-зрачењето од сонцето овозможува конверзија на присутниот 7-дехидрохолестерол во кожата, до витамин Д3. Се смета дека 10-15 минути дневна изложеност на гола кожа на сонце е доволно да ги задоволи дневните потреби за витамин Д. Витаминот Д е присутен во ограничен број прехранбени производи, а пред сѐ во морската храна, т.е. рибите од ладните мориња, како што се лосос и харинга. Покрај тоа, во мали количества се наоѓа и во млекото и млечните производи, жолчката од јајце, житарките и квасецот. Витаминот Д ја промовира апсорпцијата на калциум од луменот на цревата и ја промовира минерализацијата на коските. Поради ова, недоволен внес на витамин Д преку храната, како и недоволна изложеност на сонце, може да доведе до појава на остеопороза и треба да се зголемат неговиот внес и изложеноста на сонце кај ризичните групи.

Жените во постменопауза треба да се упатат на ултразвучна дензитометрија и да ја измерат коскената густина, за да го утврдат ризикот од фрактури на коските. Во случај на дијагностицирана остеопороза, независно од отсуството на симптоми, пациентите задолжително треба да се придржуваат на пропишаната терапија од лекар (бифосфонати – најчесто ибандронат, еднаш месечно) за да ја спречат натамошната прогресија на болеста. Нетретираната остеопороза носи ризик од намалување на висината на телото, деформитети на ‘рбетниот столб, згрбавеност, проблеми со движењето и болка и при минимално движење итн.

Авторот е м-р по фармација и топедукатор