Калигула (Легенда за двајца Калигули: антички и модерен)

Антички (Рим)

Калигула, цезар на славната Римска Империја, творец на метафизичкиот коњ. На коњот што го предложи и внесе како сенатор во римскиот сенат. Коњот што, според него, исправно, како што мислеше тој, беше најголемото и најубаво чудо на создавањето. Поголемо и поубаво и од крокодилот и нилскиот коњ со кои се фалеше Јахве пред престрашениот праведник Јов. Така. Додека Калигула со раздразлива душа и лирски нарав, за разлика од суровиот и старозаветен Бог, ја фалеше не како него само монументалната убавина на избраните за таа цел свои созданија, туку тој се гордееше и со интелигенцијата и интелектуалниот капацитет на својот коњ, па го воведе за сенатор меѓу стаписаните сенатори во римскиот сенат.

Да. А како реагираше коњот на тоа, прашуваш драг читателу? Величествен и велелепен како вселената, тој беше апсолутно рамнодушен на тоа. Внатрешно просветлен како будист. Сатори. Од петиците до врвот полн со нирвана и мудрост. И влезе тој во сенатот со „лицето волшебно“, како што би рекол Заболоцки. Коњот што „говорот на камењата и лисјата го слуша“, Коњот што наместо човекот заслужува да има јазик, оти дури тогаш „би слушнале ние зборови големи како јаболка. Густи како мед или овчо млеко. Зборови што се вовлекуваат како пламен, и вгнездувајќи се во душата, ја осветлуваат сиромашната покуќнина. Зборови што не умираат и на кои им пееме песна ние.“ Така. И целиот внатрешно просветлен, сатори, кога влезе коњот на Калигула во римскиот сенат само кимна незаинтересирано со мудрата глава и со погледот во кој немаше ни презир ни иронија, бидејќи не беше универзитетски постмодернист. Напротив. Неговиот поглед зрачеше со некоја светла милост, и од него како да излегуваше ангелот на Новиот завет со радосната вест. Тоа. И откако неговите рендгенски зеници направија детална снимка на сенаторите во сенатот, коњот на Калигула ја сврте величествената опашка кон нив, излезе надвор од ѕидините на Рим и се вдаде во Галоп низ зелените полиња и просторот на Апсолутната слобода. Јуреше како светкавица низ смртта што се преобразува во вечност, со која слеан тој растеше во монумент, во мит, поголем од оној на тој што го беше предложил за сенатор и што го беше внел во сенатот на славниот Рим. Рим во кој продолжи под полн напон да работи за забава на цезарот и сенаторите сцената на крвавиот колосеум. Колосеумот, до врвот полн со крвта на гладијаторите и гневот на Спартак што подготвуваше востание. Колосеумот, еден од крупните симболи и печати на римската цивилизација, кој потоа, маскиран во нова а суштински иста облека, го усвои за свој симбол и знак и Европа, за што се крунски сведоци современите, толку колку што останале, Македонци.

Тука завршува, иако има уште многу да се раскажува за неа, легендата за античкиот Калигула, драг читателу, и за коњот сенатор, кој далеку го надмина него по слава и интелигенција. Коњот, божествен образец на убавината и мудроста без узди, седло и без Калигула на неговите слабини, кој не знам од каде и по кои прашливи патишта на историјата стигнал и на знамето на Македонското петроградско другарство на Димитрија Чуповски. Да. Ама сега и со рог на челото, еднорог, како симбол на трансцедентална, божествена енергија, која никогаш не им недостигала на Македонците. И тоа многу добро го знаел и апостол Павле пред да дојде од Троада во Филипи меѓу нив. А и Хермес Трисмегист пред него.

Модерен (Преспа)

А сега по Рим, природно, од него се префрливме во Македонија и Преспа, драг читателу. Преспа, новиот римски колосеум во кој се бори новиот гладијатор, столченото племе, со ѕверот на новата цивилизација, која всушност и не се разликува многу од онаа на римскиот Калигула, како што не се разликуваат многу и нејзините нови калигули од него, ни кај нас. Дури нашиот Калигула според некои елементи и го надминува оној на Рим. Така. Европа го обнови на некои други континенти римскиот колосеум, за на крајот тоа да се стори и на сопствена почва, во Македонија, која и така малечка и столчена треба да се бори со ѕверот на цивилизацијата. Оној што во Откровението на апостол Јован ја прогонува Жената со сонце на челото. Таа што треба да го роди Спасителот, за што Ирод ги закла сите новороденчиња во Витлеем. Европа, ќерка на сатаната, истото го стори со Македонците во Македонија. Европа, Вавилонската блудница како што ја нарече дијагностички генијалниот прилепски терзија Цепенков со митски мустаќи, кој може рамо до рамо да стои со Гете и Волтер. Со таа разлика што тие не можат во рајот да му сошијат бечви на Господ, како што може тој.

Да. Македонија е и колосеумот крвав и гладијаторот во битката со ѕверот на новиот Рим. А тој ѕвер е со големо метафизичко име: Цивилизација. Таа врз чија кожа удри садистички печат Маркиз де Сад, новиот Калигула на „просветителската“ епоха што исече толку многу глави со страшната направа на месје Гилотен под Бастилја, иако Македонците преку апостол Павле и Лидија Македонката им советуваат на Европејците тоа да го прават само со мечот на љубовта. Само со него. Да, ама тој македонски проект не успеа, па од центарот на новата обновена римска цивилизација беше воспоставен и новиот Калигула. И тој беше доведен како кукла управувана на конци во Македонија. Беше тој западен, евроамерикански Калигула, ама „за да не се сетат Власите“ беше назначен за цезар на малечката и неугледна провинција на новата римска цивилизација Македонија.

Тоа. Но да не должиме. Прашуваш конкретно, драг читателу, која е сега вистината со модерниот, новиот европски Калигула востоличен од Европа во Македонија и по долги барања пронајден во едно затантено смуртено село, кое веќе се кае што го родило него. Ама, во тој контекст, која е вистината и за новиот коњ? Вистината за новата цивилизациска легенда. Варијација на иста тема, ама сепак есенцијално поразлична од онаа на Рим. И тоа колку заради нашиот Калигула, исто толку и заради, ако не и повеќе од тоа, коњот за кој станува збор. Имено тој, македонскиот коњ, за разлика од коњот на римскиот Калигула, одби да влезе со него во парламентот на македонското собрание. Одби, оти процени дека не му е местото, според нивото на интелигенцијата, таму со оние бледи креатури во него. Оцени дека ни еден клинец од неговите потковици не треба да се размени топтан за сите нив заедно, вклучувајќи и за Калигула од смуртеното село што го убедуваше, како врвен претставник по кроткост и мудрост на неговиот народ, да биде член на парламентот и да го подигне на ниво неговиот углед. Одби дури да го пречекори и прагот на Собранието, оти веднаш на десната страна од влезот, на ѕидот, ја виде фотокопијата на фреската на Михаил и Евтихиј „Бакнежот на Јуда“, па сфати колку е часот. А и не сакаше во тој прославен дом на демократијата да удри сопствен печат на борбата за човекови „права“ од славната историска 2001 година. Оти и тоа како и многу други нешта внатре му беа сомнителни и перверзни на умниот коњ. Борделски. Нешто како промискуитет. Како групен секс промовиран од новите демократски струи на новата римска цивилизација. Нешто како парада на гордоста во која не сакаше да учествува тој, оти имаше здрав тестотеронски капацитет.

Одби да учествува во сета таа перверзија коњот на македонскиот Калигула. И што се случи потоа, прашуваш драг читателу? Беше страшно погодена суетата на новиот римски Калигула од смуртеното село, оти коњот што го зеде поради неговата кротост како метафора за неговиот понизен и понижен народ, го доби и изигра пред неговата парламентарна сурија. И реши да го казни најстрого што може. За тоа го викна на помош и својот министер за понадвор на кој му ја додели улогата да го камшикува него, а тој како Пилат по камшикувањето на Исус отиде да си ги измие рацете. А тоа го стори и министерот за понадвор со смрзнат палеолитски сурат во кој никогаш не наѕрело сонцето.

Да. Но тоа за новиот римски Калигула, кој според законот на историската судбина, беше роден во Македонија, не беше доволно како казна, и тој донесе брза одлука на седницата на Владата дека непослушниот коњ, кој беше метафора (ама и реално оличие) на неговиот простодушен палаво наивен народ, треба да се заколе. Затоа што тој не ги заслужува Апсолутната слобода и галоп низ зелените полиња на вечноста, како оној на римскиот Калигула. За таа своја одлука Калигула од смуртеното село се посоветува, нормално, со својот министер за понадвор, кој беше единствениот врховен знак на космичка интелигенција за него. Без разлика што тој никому не му ја предаде титулата на Брахман што ја чуваше само за себе. Иако не беше Индус. Ама си замислуваше дека е тоа. Па, дека е и Вишну, индуското божество со многу раце што му даваат на светот многу дарови на радост и духовно изобилство. Да, ама многуте раце на нашиот Вишну од смуртеното село беа раце не што даваат дарови на духовно изобилство, туку раце за грабеж на сѐ што може да се сведе на основниот поим – бог на модерната римска цивилизација, која со него ќе дојде и во Македонија – материјален ПРОФИТ. Со големи букви, оти тоа е Златното теле пред кое сите модерни народи, главно сиромашните, треба да се клањаат.

Да. Но малку се оддалечив од судбината на новиот катастрофален римски Калигула, драг читателу. Во едно утро во кое беше украдено и закопано во длабока дупка сонцето, него Калигула од смуртеното село и неговиот министер за понадвор го поведоа на клање. Каде? На кое место? По долго размислување, оти нивниот мозок така беше и планиран за долго размислување без разлика на брзите одлуки, тие решија тој свечен чин да го извршат во Преспа. А зошто токму во Преспа, прашуваш драг читателу? Затоа што Преспа од западниот центар на обновената римска цивилизација сега беше одреден за нејзина главна касапница. Новата римска цивилизациска касапница на Европа, моделирана според инвенцијата на Ирод и неговата перверзна поќерка Саломе што танцуваше со пресечената глава на Јован Крстител. А потоа дојде и колежот на витлеемските деца на што се сети и новиот европски Ирод Винстон Черчил, па ги упати своите бомбардери полни со напалм-бомби и смрт во Егејска Македонија.

Така. И го одведоа Калигула од смуртеното село и неговиот министер за понадвор коњот што ги посрами во новоотворената касапница на цивилизацијата. Да. И го заклаа, без око да им трепне (без да помислат дека и тој е суштество на болката) само со еден единствен крвав потег. Летна како кристал, како сафир, како рубин, како дијамант од прстенот на младоженците убавата глава на коњот, кој одби да биде член на парламентот и да ги поддржи неговите валкани политики. Беше заклана и стркалана главата на Убавината. А штотуку се готвеше со неа, дојден во Македонија, Достоевски да го спаси светот. Од кого? Од цивилизацијата што отвори касапница во Преспа во која нејзината нова перверзна Саломе го играше во дервишки транс својот крвав танц со сребрената чинија и закланата глава на коњот во неа. Коњот заклан од Калигула од смуртеното село и неговиот министер за понадвор. Модерна синтеза на Сталин и Берија.

Беше заклана главата на коњот. Коњот што беше нешто свето за римскиот Калигула. Ама за нашиот Калигула и неговиот министер немаше ништо свето на светот. Ја заклаа во Преспа Убавината бесмртна за да ја додефинираат цивилизацијата, која, како што запишаа новите хроничари на историјата, беа ангажирани од неа да го заколат во нејзината касапница и Името на родот, да го обезглават како и убавиот коњ, и со тоа да го обезименат со сите живо но и мртви во него. Најпосле и со сите Македонци што од Преспа натаму ќе се зачнуваат и раѓаат безимени во иднината. Ама и Калигула од смуртеното село и неговиот министер се заледија од страв кога чуја како и пресеченото грло на Името повторно пее исконски песни и како, обновено во својот прастар сјај, јава во галоп на коњот, пред тоа заклан, низ цивилизацијата што се урива и распаѓа под неговиот галоп. Некој што беше пророчки видовит, како да шетал долго низ страниците на Стариот завет, го позна во јавачот што го носеше во прегратка Името (самиот тоа) Александар и неговиот славен коњ, и двајцата заклани од новиот Калигула во Преспа. Ама веќе обновени со праисконската моќ и величина. Којзнае по колку столетија.

Тука ставаме точка на легендата за римскиот и за нашиот Калигула, драг читателу, па сега ти одлучи кој од нив двајцата е поголем со своите дела и позначаен за историјата на цивилизацијата. Поздрав до следната наша средба.