Фото: Принтскрин

Од Министерството за здравство (МЗ) денеска соопштија дека потребно е да се најде заедничко решение со Град Скопје и Општина Центар, околу урнатиот потпоред ѕид кај Детската клиника.

Како што појаснуваат од МЗ, паднатиот потпорен ѕид позади Клиниката за детски болести е изграден на државно земјиште, а Министерството нема прибележано право за трајно користење на земјиштето.

– Секој од објектите во Клиничкиот центар има право на користење на објектите, но, нема доделено право на трајно користење на земјиштето околу клиниките. Во интерес на граѓаните, потребно е да се изнајде итно решение во заеднички напори со надлежните институции Градот Скопје и Општина Центар, кои треба да бидат иницијатори за решавање на проблемот, поради тоа што се работи за улица, а надлежните инспекциски служби да дадат мислење за моменталната безбедност – се наведува во денешното соопштение.

Претходно денеска, од Општина Центар излегоа со соопштение, во кое остро ги демантираа „наводите и шпекулациите дека санацијата на потпорниот ѕид на Клинички центар и улица „Белградска“ се во надлежност на општината“.

– Овој проблем се провлекува со години и постојано одговорот е ист, безбедноста и функционалноста на „Белградска“ не е наша надлежност. ЦУК и пред две години алармираше за состојбата со потпорниот ѕид кај Универзитетската клиника за детски болести и безбедноста на улицата „Белградска“. На нивна иницијатива, Министерството за здравство посочи дека за санацијата е потребна координирана активност на јавните претпријатија на Град Скопје. И тогаш, Општина Центар, на 30.12.2022, децидно одговори дека безбедноста и одржувањето на „Белградска“ согласно Договорот од 05.08.2019, е обврска на Град Скопје. Да беше до нас, проблемот одамна ќе се решеше – пишува во изјавата на градоначалникот Горан Герасимовски.

Центарот за управување со кризи (ЦУК) вчера апелираше до надлежните институции, да се координираат и веднаш да се реши проблемот со потпорниот ѕид.

Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов рече дека со најлошо сценарио, може да дојде до рушење не само на ѕидот, туку и на дел од улицата по која минуваат возила.

– Може да дојде до поголема трагедија каде ќе бидат опфатени и возила. Во опасност се човечки животи, здравје, но и човечки имот, мислејќи на паркираните возила под ѕидот – појасни Ангелов.