Локомотивата на вовчето Ќирчо која годинава наврши 105 години од нејзиното производство во Касел во фабриката „Хеншел“ Германија е потсетник на едно време кога преку теснолинејката Скопје-Охрид повеќе од четири децении се развезувале локалните жители
Композицијата од вовчето Ќирчо поставена пред железничката станица во Кичево пред повеќе од пет децении е потсетник на едно време кога тука поминувала теснолинејката Скопје-Охрид, која повеќе од четири децении им служела на локалните жители за превоз до нивните села или градови. Но, под забот на времето почна да се оштетува надворешноста на трите вагончиња и парната локомотива. Грижата за оваа композиција ја има музејот „Западна Македонија во НОВ“ кој треба да превземе итна акција за негова заштита, за да не дојде до нејзино целосно пропаѓање, потврди поранешниот директор на музејот Душан Ристоски.
-Композицијата на популарното вовче Ќирчо што е поставена на булеварот „Ослободување“ пред железничката станица во Кичево е под закрила на музејот „Западна Македонија во НОВ“, кој е задолжен да се грижи за негово одржување и заштита. Поради изложеноста на секакви метео-услови трите вагони од оваа композиција под итно треба да се префарбаат и да се заштитат за да не дојде до трулење на неговата надворешност. Исто така локомотивата на вовчето Ќирчо која годинава наврши 105 години од нејзиното производство во Касел во фабриката „Хеншел“ Германија, мора да се заштити од корозија и натамошно рѓосување, бидејќи постојаната изложеност на секакви временски промени почнува да ја нагризува и да остава траги врз нејзината надворешност – вели Ристоски.
Граѓаните на Кичево се горди на оваа композиција. Тие во повеќе наврати предлагаа композицијата да се стави во употреба за туристичка промоција на градот ,со изградба на еден колосек што ќе поминува по булеварот „Ослободување“ и околу Китиното кале, за да можат дојденците во Кичево да го разгледаат градот возејќи се на популарното вовче.
Свое место за ноќевање во вагончињата од оваа композиција го пронашле и бездомници, бидејќи вратите од вагончињата се отворени и тие во ноќните саати и во постудените денови од годината, својот спокој го наоѓаат во овие вагончиња.