Фото: Принтскрин

Трудовата инспекција ја затвори спортската сала „Нико Нестор“, која ја користат дел од учениците на истоименото училиште, но и спортски клубови од Струга, поради опасност по безбедноста и здравјето при работа на вработените – соопшти за МИА Државниот инспекторат за труд.

Според информацијата, по допрен глас, државен инспектор за труд од Одделение за безбедност и здравје при работа од тој регион, на 4. овој месец извршил вонреден инспециски надзор во објектот.

– При извршениот инспекциски надзор се констатирани неправилности од кои се утврди дека постои непосредна опасност по безбедноста и здравјето при работа на вработените во средното општинско училиште „Нико Нестор“, кои работните задачи ги извршуваат во спортаката сала, па согласно член 49 став 2 од Законот за безбедност и здравје при работа издаде решение забрана за корисење на салата „Нико Нестор“ за вршење работни задачи спроведување настава спорт и спортски активност, со рок до отстранување на неправилностите – стои во соопштението на Инспекторатот.

За неправилностите, кои се утврдени на записник, а за кои се надлежни други инспекциски служби, инспекторот за труд согласно членот 79 став 4 од Законот за инспекциски надзор ги известил надлежните органи: Државен просветен инспекторат, Опшината Струга, Дирекцијата за заштита и спасување и Министерството за внатрешни работи.

За состојбата со спортската сала алармираа стружани на социјалните мрежи со информации дека објектот со години прокиснува.

Спорно, според граѓаните, е што официјално не се знае кој е сопственик на салата. За часовите по физичка култура ја користат дел од учениците на средното училиште „Нико Нестор“, а спортските клубови членарина плаќале на Сојузот на спортски федерации на Македонија.

Претседателот на Сојузот Ѓоко Чуркоски вели дека објектот не бил дограден уште во деведесеттите години од минатиот век и оти немал официјално примопредавање.

– Не е примена бидејќи не е доградена, имаше судски спорови околу земјиштето, носителите на градбата. Чинителите, во тоа време, Министерството за образование и наука, Општината, СИЗОТ за физичка култура, спортските организации, со спогодба направија корисници да се среношколскиот центар (средните училиште „Нико Нестор“ и „ИбрахимТемо“) и спортските организации застапувани од Сојузот уште од самиот почеток од 1995 година – појасни Чуркоски.

Тренерот на женскиот кошаркарски клуб „Струга 2009“ Владо Ѓоровиќ вели салата е во иста состојба последните седум години, изразувајќи загриженост што со затворањето на оваа сала бидејќи младите ќе немаат каде да тренираат.

– Спортска сала нема, новата градска е прескапа за нас и во моментот е презафатена. Сите спортови се пренасочуваат таму. Над 100 девојчиња нема каде да одржуваат тренинзи. Овде секогаш се одеше со линија на помал отпор, оваа спортска сала е во иста вакава состојба денес и седум години пред да биде затворена – рече Ѓоровиќ.

Учениците кои ја користеле салата велат дека се плашеле за сопствената безбедност, но, според некои од нив како што рекоа, не било толку страшно, не била најдобра ниту толку лоша.