Фото: Влада

Лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, денеска на Фејсбук го објави неговиот став дека партијата треба да се придружи кон здружената албанска опозиција во Мекадонија.

-По неколку недели чести консултации и состаноци, време е јавно да ја објавам мојата позиција како партиски лидер во однос на парламентарните избори, напиша Таравари на Фејсбук и побара поддршка од партиските органи за здружување со албанската опозиција.

-Граѓанинот бара Промена! Народот бара политички систем ослободен од корупциската епидемија, која стана најголема пречка за благосостојбата и развојот на Албанците во Македонија. Како претседател на Алијанса за Албанците, јавно го повикувам партиското Собрание да ме поддржи на ова патување и заедно да го поздравиме овој процес кој го нарекувам голема и долго чекана промена – напиша Таравари.

Тој веќе неколку недели имаше повеќе средби со политичките лидери и со челници од Алијанса, за прашањето дали на претстојните избори партијата ќе остане со актуелната власт или ќе ѝ се приклучи на здружената опозиција од албанскиот политички блок.