Србија ја тргна забраната и за извоз на сончоглед во Македонија и со тоа се решава проблемот со недостаток на суровина за неколку месеци.
Претседателот на Одборот на директори на „Витаминка“ Симон Наумоски при денешната посета со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски на фабриката за масло за јадење „Брилијант“- Штип истакна дека особено ги радува тоа што Србија ја отсранува забраната за извоз на нерафинирано растително масло, кое го користат како суровина.
-Со увозот од Србија ќе имаат суровини за два и пол до три месеци. „Брилијант“ покрива 60 отсто од домашниот пазар на масло за јадење – вели Наумоски и додава дека имало мал застој во дистрибуцијата во маркетите, од причина што не им била јасна одлуката за формирање на цената, а по разјаснувањето со државните институции со кои, какошто рече, како компанија не сакаат да имаат проблеми доколку нешто погрешат.
Според Наумоски, дистрибуцијата на маслото за јадење од нивната компанија веќе е нормализирано и се испорачува во маркетите и, како што додава, ќе го задоволи македонскиот пазар.
На прашањето дали цената на зејтинот ќе се зголеми, Наумоски вели дека тоа никој не може да го каже сега или пак да прогнозира.
-Што се однесува до цената јас ја знам вчерашната, колку е на светските пазари, сировото масло, денешната не ја знам, утрешната која ќе биде никој не знае. Моменталната што ние ја знаеме е околу 2.350 евра по тон, за сирово зборувам. Дали таа утре или денеска ќе е 2.400 или 2.500, а некои најавуваат и нешто поевтино, не можам да ви одговорам – истакна Наумоски.
Прашан за суровината што ја имаат за три месеци и што после тоа, Наумоски со одговор дека има време за размислување и да се види ситуацијата на пазарите.
-Затоа што се случуваат нови моменти се нуди масло и од различни други земји почудни цени негде многу високи, негде нешто пониски и не знаеме да ви одговориме во оваа ситуација се дури трае војната во Украина – вели Наумоски.
Македонските компании за производство на масло за јадење суровините најмногу ги снабдува од Србија, Бугарија, бидејќи немаат големи капацитети за да купуваат бродски транспорт на сурово сурово масло од Украина или од Русија.