Македонско еколошко друштво, во соработка со ЗП „Осоговски Планини“, денеска на Пониква ги промовира поставените информативни табли за посетителите на подрачјето. Таблите имаат информативен карактер и содржат општи податоци за заштитеното подрачје, неговата геолошка и биолошка разновидност и интересни податоци и факти за туристичката понуда во регионот.
– Заштитениот предел Осоговски Планини е дом на шуми со висока природна вредност, кои се особено значајни за поддржување на биолошката разновидност и здравиот живот на луѓето. Токму затоа, ова е локацијата на која денеска ги одбележуваме денот на пролетта и денот на шумите – вели Деспина Китанова, раководителка на програма во МЕД.
Туристичките информативни табли се изработени во рамките на Програмата за зачувување на природата во Македонија.
Програмата за зачувување на природата во Македонија е проект на Швајцарската агенција за развој и соработка, која има цел да ѝ помогне на земјава за зачувување на големата биолошка разновидност и природните екосистеми преку промоција на нивното одржливо користење и управување. Излезната фаза од Програмата за зачувување на природата во Македонија е координирана од проектен тим што се состои од претставници на „Фармахем“, a МЕД е вклучен во програмата како партнер.