Фото: МВР

Граѓаните имаат право на протест и тоа право никој не може да го суспендира. Меѓутоа протестите мора да бидат мирни и демократски, порача министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски преку неговиот официјален фејсбук-профил.

– Апелирам до политичките субјекти, организаторите на протестите и до граѓаните да покажат демократски капацитет, да ги сочуваме, редот, мирот и безбедноста. Насилството кон оние кои го оддржуваат редот – врз македонската полиција, врз институциите нема да придонесе кон ништо – рече Спасовски.

Тој наведе дека има најави за радикализација на протестите од одредени политички субјекти, во смисла на напади врз полициски службеници и витални објекти на институции.

Вчера, подвлече министерот Спасовски, имавме обид за ескалација, имаме четворица повредени полициски службеници, а самото тоа покажува дека преку насилство не може да се постигне ништо, туку треба да се разговара во институциите на системот.