Фото: Влада

Утре, петок 11 август во Тетово, по повод престојот на официјална делегација на Република Косово, Секторот за внатрешни работи Тетово ќе воведе посебен сообраќаен режим во централното подрачје во периодот од 5 часот наутро до завршувањето на официјалната посета.

Според информациите од Општина Тетово делегацијата на Косово, предводена од премиерот Албин Курти ќе ја посети Општина Тетово во 16 часот, а потоа планинските села Вејце и Селце. Вечерта од 20.30 часот предвидено е Курти да присуства на концерт на плоштадот.

СВР Тетово информира дека утре ќе биде забрането паркирање на возилата на булеварот „Маршал Тито“, на потегот од крстосницата со улицата „Видое Смилевски-Бато“ до плоштадот, булевар „Благоја Тоска“, улица „ЈНА“.

-Покрај ова, нема да биде дозволено паркирање на улицата „ЈНА“, на потегот од крстосницата на улицата „Димо Гавровски-Кара“ до булеварот „Илинденска“, како и на булеварот „Илинденска“, на потегот од крстосницата на булеварот „Маршал Тито“ со улицата „ЈНА“, на улица „Тодор Циповски-Мерџан“ и дел од улица „Иво Рибар Лола“. На сите други улици во градот каде е веќе забрането паркирање ќе се санкционираат и подигнуваат возилата, со цел да се обезбеди непречено и безбедно движење на другите учесници во сообраќајот, се вели во соопштението на СВР Тетово.

Воедно СВР Тетово апелира граѓаните да не се движат со нивните возила во централното подрачје без поголема и неодложна потреба, но и да имаат разбирање и трпение за изменетиот сообраќаен режим и да ги почитуваат и да постапуваат по наредбите и насоките на полициските службеници, со што непосредно ќе придонесат за безбедна реализација на официјалната посета на косовската делегација

Од друга страна Општина Тетово и „Градски паркинг“ одлучија утре сите останати паркинг места во Тетово да бидат бесплатни.

-Ги замолуваме граѓаните утре да не ги паркираат автомобилите на зоната А2 и А3 за да избегнат казни. Исто така, ги известуваме граѓаните дека утре ќе бидат отворени дворовите на основните и средните училишта, како и паркингот зад зградата на општината, се вели во информацијата од Општината.

Од Општина Тетово воедно информираа дека премиерот на Косово, Албин Курти и градоначалникот на Тетово посетата на Вејце и Селце ја прават со цел иницирање на идејата за поврзување на сите планински села на патот Тетово-Призрен.