Текстови на меморандуми за разбирање со Владата на Србија за мерките за подобрување на движењето на лица и стоки преку заедничката државна граница, и за проектот за електронска наплата на патарина – воспоставување интероперабилен електронски систем за наплата на патарина, се усвоени денеска на седница на Владата.
Целта на Меморандумот за мерките за подобрување на движењето на лица и стоки, според предлагачот, Канцеларијата на претседателот на Владата, е заеднички да се разгледаат можностите и да се преземат мерки за подобрување на движењето на луѓе и стока преку државната граница помеѓу Македонија и Србија, особено преку граничниот премин Прешево – Табановце.
– Со Меморандумот, двете страни ги разгледуваат можностите за: проширување на пристапните патишта до граничниот премин, поставување или подобрување на сообраќајната сигнализација, воспоставување нови процедури за гранична контрола за забрзано преминување на патниците и проверка на лица и возила на граничниот премин – појаснуават од Владата.
Целта на Меморандумот за проектот за електронска наплата на патарина, според Министерството за транспорт и врски, е да се поддржат напорите на Владата на Македонија и Владата на Србија за да се придонесе за исполнување на целите за слободно движење на луѓе, стоки, услуги, капитал и отворени граници, како и продолжување на развојот, модернизацијата и интеграцијата на патната инфраструктура на земјите од Западен Балкан.