Вонредните технички прегледи на автобусите што сообраќаат низ Скопје предизвикаа револт кај корисниците на јавниот градски превоз. Вчераутро, жителите на Шутка беа оставени без автобуски превоз на редовните линии, па многумина од нив доцнеле на своите работни места и на училиште.
– Доцнев на работа, повеќе од еден час чекав да дојде автобус. На крајот бев принудена да фатам такси, бидејќи морав некако да стигнам на работното место. Се јавувавме и на телефон, ни беше кажано дека автобус ќе дојде, но ни трага ни глас немаше од него – изјави Марија Стефановска, жителка на оваа населба.
И учениците револтирано изјавија дека биле принудени да се снаоѓаат за да стигнат навреме на училиште.
– Учам во средното училиште „Арсени Јовков“ и со автобус одам секое утро. Вчераутро, автобус не дојде и нѐ остави нас што користиме автобуски превоз на цедило. Моравме да се снаоѓаме, некои од нас заминаа со такси, некои ги викаа родителите да ги носат на училиште – изјави ученикот Мехмед.
Од Јавното сообраќајно претпријатие велат дека до Шуто Оризари сообраќаат линиите 19 и 20.
– Линијата 19 ја опслужуваат 17 возила, од кои две се на ЈСП „Скопје“, а другите на приватните превозници („Мак експрес“). Линијата 20 ја опслужуваат исклучиво возила на приватните превозници („Мак експрес“). Двете возила на ЈСП „Скопје“ на линијата 19, генерално, секојдневно го реализираат утврдениот возен ред. Регистрирани се мали отстапувања од утврденото, односно во изминатиов месец во неколку наврати едно возило не се вклучило поради непредвиден дефект – информираат од ЈСП „Скопје“.
Од „Мак експрес“ информираат дека проблемот е во тоа што на автобусите им се прави вонреден технички преглед.
– Речиси сите автобуси се испратени на вонреден технички преглед и затоа автобуски превоз нема. Како што завршуваат со вонредниот технички преглед, така се враќаат во сообраќај – истакна првиот човек на „Мак експрес“, Милорад Димитриевски.
Што се однесува до другите автобуски линии во Скопје, каде што исто така изминатите денови беа пријавени голем број проблеми со автобускиот превоз, првиот човек на „Слобода превоз“, Ленин Јовановски, истакна дека голем број од автобусите се испраќаат на вонреден технички прегледи. Д.Т.З.