Закажана е нова вонредна седница на Советот на град Скопје за одлуката за субвенционирање на ЈСП со 11 милиони евра и исплата на декемвриската плата, соопшти претседателот на Синдикатот во Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) – Скопје Миќо Стојановски пред вработените кои од претпладнето пред просториите на град Скопје чекаат исход за одлуката за субвенционирање на ЈСП и исплата на платата.
– Не помина за еден глас. Веројатно, во меѓувреме се јавил некој што му е криво што сите овде мрзнеме и ќе мрзнеме, а јавен градски превоз ќе нема, па сака својата воздржаност да ја преточи во гласање „за“. Затоа вработените остануваат тука и ќе ја чекаме дополнителната вонредна седница и тогаш ќе бидете присутни и вие и ќе знаете што ќе се случува – изјави Миќо Стојановски, претседател на Синдикатот на ЈСП Скопје.
Јавниот градски превоз е во прекин од 9 часот изутрина, а вработените во ЈСП од 10.30 часот се пред седиштето на Град Скопје, каде чекаа исход за одлуката за субвенционирање.
За изгласување на одлуката не беа доволни 22. гласа „за“ од присутните советници. Триенаесет беа воздражани, а ниту еден против. Со одлуката за субвенционирање треба да се овозможи исплата на декемвриската плата на вработените во ЈСП.
Скоро два и пол часа на вонредната седница, советниците дискутираа за потребата од донесување одлука за субвенционирање 11 милиони евра за ЈСП, средства од кои вработените ќе можат да ја земат декемвриската плата.